Зошто обвинителството го ослободи главниот „фалсификатор“?

by Фокус

Лицето А.С. од Чаир кај кого при полицискиот претрес се откриени материјали кои упатуваат на фласификување лични документи е ослободено. Нему, иако според доказите може да фигурира како еден од клучните во мрежата за фалсификување, нејасно зошто, но не му е одреден притвор, а обвинителството не го ни побарало тоа. На слобода е и лицето И.Б кај кого е откриена минимална количина марихуана, додека неговиот брат, или третиот во групата приведени е пренесен на издржување стара казна затвор.

Овие информации потврдуваат дека Основното јавно обвинителство се уште не отворило никаква постапка во однос на фалсификатите или практично тоа значи дека ниту еден од приведените не завршил пред судија на претходна постапка. Зошто е тоа така? И како обвинителството се осуди да објави дека акцијата е успешно завршена, а фабриката за лични карти е откриена? Во чија пропаганда влегува Јавното обвинителство кое мора да биде неутрално и професионално?

Ако навистина акцијата е успешна, а фабриката откриена тогаш зошто никој не е во притвор? Знаеме обвинителството за колку помали кривични дела ја предложило мерката, но не и овој пат. Ако навистина лицата се фалсификаторите, тогаш зошто не се изведени пред судија на претходна постапка?

Чудно и непрофесионално е што Јавното обвинителство изнесува детали во јавноста, иако станува збор за предистражна постапка. Тоа е истото обвинителство на Марко Зврлевски кое пред нецела година ги повикуваше медиумите да не објавуваат доверливи информации оти прават кривично дело и дека истрагата е тајна. Но очигледно дека во овој случај тоа не важи за обвинителите?

Од она што го дознаваме е дека акцијата на МВР се одвивала во рамките на операцијата „Мрежа“ за лов на дилери на наркотици. По неколкуте приведувања во Гостивар, Гевгелија и Скопје и следењето на комуникациите на осомничените потрагата стигнува до двајцата браќа кои во петокот беа приведени. Полицијата првично упаѓа во нивните домови со намера да открие дрога. Но откако се утврдило дека нема никаква дрога, освен смеса за мешање составена од кафетин и парацетамол, тогаш сомнеж отвориле неколкуте фолии за пасоши, како и фотокопии од изводи, државјанства и патни исправи пронајдени кај едниот од браќата. Освен тоа од кај нив се земени хардискови и компјутерска опрема.

Потоа преку нив трагите стигнуваат до лицето во Чаир, кој може да се смета за поголема ѕверка од претходните двајца затоа што кај него е пронајдена некаква опрема, некои пластики, обрасци за лични карти, компјутери, и кога обвинителството зборува дека е откриена фабриката најверојатно мисли на неговиот стан на „Џон Кенеди“.

И сега, во ситуација кога Јавното обвинителство крена прашина во јавноста дека фалсификаторите се откриени, но и дека погонот за производство е откриен нејасно е како наеднаш сите се на слобода, освен едниот кој е пренесен во затвор? Обвинителството не смее да заборави дека колку и овие тројца да имаат врска со фалсификатите дека е неможно тие тоа да го правеле без соработници од државните органи, особено во делот на обезбедување матични броеви и идентитети. И секако многу поважно- за кого и со која цел се фалсификувале личните карти?

Дури тогаш обвинителството ќе може да се фали дека има случај и дека ги знае вистинските сторители и нивните намери. Сега прашање е колку овие три лица може да се третираат дека се произведувачите? Тоа, посочуваат нашите извори, може во моментов да се однесува само на А.С. затоа што неговото име постои во крим евиденцијата на МВР, затоа што и меѓународно е гонет за фалсификати, но не и за другите. Не значи дека тој што поседува некакви материјали дека ги изработувал и произведувал.

Неофицијално, опремата која е откриена е многу тешко да се извештачи и затоа ќе бидат потребни неколку дена. До тогаш, А.С. останува на слобода од причини познати само на обвинителството? Или пак, ќе го користи ова лице како сведок?

Дополнително, непрофесионалноста на обвинителството се гледа и во фактот дека во нивното соопштение директно го пишува името на новинарот на Фокус што ги предал личните карти, но и уште пострашно измислува дека фалсификуваните лични карти се предадени на министерот за внатрешни работи, што не е воопшто точно, туку се предадени прво на директорот на Бирото за јавна безбедност, а потоа на началникот на секторот за фалсификати. На крајот фалсификатите завршија кај инспектори од организиран криминал, што значи министерот не ги ни виде лините карти кога беа предадени во полиција.

Оттаму, чија игра играат обвинителите на Зврлевски? И зошто толку бомбастично се настапува преку провладините медиуми, кога случајот се уште нема абер од истрага, а не пак да биде расчистен.

Поврзани новости