Зорица Заева: Заедно против насилството врз жените!

by fokus

Денес со почеток во 12 часот во хотел ,,Сириус’’ во Струмица се организира дебата насловена како ,,Заедно против насилството врз жените’’ во рамките на глобалната кампања иницирана од Обединетите Нации ,,16 дена активизам против родово базирано насилство’’.

Организатор на дебатата е Организација на жени од Струмица, под покровителство на Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев.

Целта на дебатата е да се покаже дека само со заедничко дејствување може да се постигнат посакуваните резултати за намалување на родовото базирано насилство. Учесничките во дебатата ќе ја објаснат улогата на секоја надлежна институција и организација, и за тоа што преземаат за превенција и заштита на жените кои се жртви на насилство.

Покрај сопругата на премиерот, на дебатата ќе говорат и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Јована Тренчевска од Сектор за еднакви можности – МТСП, националениот технички координатор на СЗО за Република Македонија, Д-р Елена Костова, директорката на Клиника за гинекологија, Д-р Викторија Јовановска, Маја Иванова, виш инспектор по семејно насилство и малолетничка деликвенција при СВРСтрумица, Нетка Ковачева, адвокат, и Д-р Ана Филипче.

Заева е вклучена во голем број на активности, проекти и иницијативи од хуман карактер. Утре ќе биде дел од хуманитарниот настан во организација на здружението ,,Вера’’ посветен на лицата со посебни потреби, чија цел е испраќање на пораката да се прифатат различностите. Таа самоиницијативно презеде обврски како сопруга на премиерот и е посветена на подобрување на условите во општеството за лицата со посебни потреби. Исто така, поддржува голем број на општествено – корисни иницијативи и проекти, за помош на ранливи категории на граѓани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости