Зоран Ванев го демантира Бате Геле: ,,Ангела’’ е песна за народот, никој не може да ја присвои!

 

Ангеле Зафировски, штипјанецот кој што беше уапсен вчера, како првиот човек кој го нападна лидерот на СДСМ Зоран Заев за време на насилствата во Собранието, стана познат во јавноста и по својата воодушевеност од Сашо Мијалков и тетоважите кои му ги посветил. Но многумина го паметат и по неговата приказна за тоа како се создал големиот фолк хит ,,Ангела’’ отпеан од неговиот сограѓанин, Зоран Ванев.

Како што раскажа Зафировски пред неколку години за еден дневен весник, популарната песна била инспирирана од неговата животна приказна. Се отпеала во чест на неговата ќерка Ангела, која што заминала со нејзината мајка, а негова поранешна сопруга, во странство, и која ја немал видено со години.

Според неговите тврдења, тој се преселил во Чешка и се оженил со Чехинка пред околу 40 години. Веднаш откако ја добиле ќерката Ангела, сопругата заедно со неа го напуштила и заминала без да му каже каде оди. По неколку години, тој дознал дека тие живеат во Америка, и тргнал по нив. Со години живеел на Алјаска, пропатувал низ дваесеттина други држави, и ја пронашол Ангела по 14 години трагање низ САД.

Сепак, се дознава дека Ангеле, познат како Бате Геле, ја измислил целата сторија околу нумерата, бидејќи и самиот Зоран Ванев ги демантира неговите приказни поврзани со фолк хитот.

,,Каква посветеност, каква инспирација? Не вреди да се разговара за него и да му се придава важност. Околу тоа дека песната воопшто нема допирни точки со него или пак со некоја негова животна приказна, може да потврди и авторот на текстот и музиката Мирче Кикиритков. Зафировски можеби се пронашол во песната, па си ја кроел приказната како што му одговарало. Од времето кога ја отпеав, во 1993 година, толку многу девојчиња ги крстија Ангела, но во никој случај нема поврзаност со него. Знам, само дека тој си ја врти таа приказна веќе дваесет години, и долго се обидував да не реагирам’’ – раскажува Ванев за ,,Фокус’’.

Тој додава дека во времето кога се создал хитот, бил доста млад, и воопшто не бил заинтересиран да снима песни ниту за Бате Геле, ниту пак за било чија животна приказна, туку се трудел да гради кариера со квалитет.

,,Таа песна е за народот, и така ќе остане! Ниту некој ја нарачал, ниту пак некој може да ја присвои! Тоа е наше ремек дело, јас сум изведувач, Мирче Кикиритков е автор на текст и музика, а аранжманот е на Благоја Десковски. ,,Ангела’’ е безвременска песна  и припаѓа на народот, а не на поединец’’ – изјави Ванев, кој веќе подолг период работи како доктор по природна медицина во Швајцарија, и е сопственик на позната клиника во Цирих.

Вики Клинчарова