ЗНМ: МПМ не ја решава кризата, туку ги згаснува весниците

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради опасноста Медиа принт Македонија (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет портал, да оди под стечај.

„Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите. Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпуштање на неподобните.

Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на компанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја произведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите. Драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти ЗНМ.

Тивкото пропаѓање на МПМ, според Здружението, е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина.

„Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта“, се додава во соопштението.

ЗНМ се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во нивните барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ со цел изнаоѓање на одржливо решение во интерес на сите.

Поврзани новости