Зијадин Села денеска пуштен на домашно лекување, имал тешки повреди на мозочното ткиво

by Fokus

Пратеникот Зијадин Села од Алијанса за Албанците, кој во четвртокот беше насилнички претепан и влечен по ходникот на Собранието, од денеска е пуштен на домашно лекување, откако лекарскиот тим проценил дека неговата здравствена состојба се подобрила, потврди во изјава за „Фокус“, доктор Дестан Алити од Одделот за неврохирургија во Тетовската клиничка болница.

– Пратеникот Зијадин Села имаше многу тешки повреди на главата, фрактура и повреда на мозочно ткиво. Тука му се направени сите протоколарни испитувања, а со оглед на повредите кои ги имаше беше задржан на лекување. Неговата состојба во моментот е стабилна и мислам дека нема да има никакви последици по неговото здравје, инвалидност, но поради можноста од компликации го задржавме во болницата. Од денеска е пуштен на домашно лекување – тврди за „Фокус“, Алити.

Пратеникот Села беше еден од најповредените пратеници во македонското Собрание на „крвавиот четврток“ кога толпа народ предводен од насилници со фантомки слободно беа пуштени од полицијата да влезат во Законодавниот дом, каде за влакно се спасија пратениците и новинарите, чиј живот висеше на конец.

Според објавените снимки, по нив се удираше со сталаци, камери, железа, а повеќето пратеници од СДСМ, на чело со лидерот Зоран Заев се здобија со тешки телесни повреди и завршија на скопскиот Ургентен центар каде им беше пружена прва помош.

Телевизијата АлсатМ пред неколку дена објави ексклузивна снимка од тоа како бил малтретиран и влечен Села по собраниските ходници, а објавија и сведочење на еден од собраниското обезбедување кој ја објасни целата голгота што ја поминал пратеникот, додека се прашувал дали жив ќе излезе од Законодавниот дом.

Тој најпрвин беше пренесен на скопската Клиника за неврохирургија и откако неговата состојба беше малку стабилизирана беше префрлен во Тетовската клиничка болница.

Ирена МУЛАЧКА

Фото: Радио МОФ

Поврзани новости