Жестока дебата за државниот испит на студентите

by Фокус

Од поздрави и честитки за најавениот државен испит на студентите, до осуда и критика дека со најавената владина мерка не само што се руши автономијата на универзитетот, туку и се загрозува правото на образование на студентот. Вака помина денешната дебата „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“ во организација на НВО „Европски центар СН 7“, а на која присуствуваа претставници на високообразовни институции, министерот за образование Абдилаќим Адеми и претставници на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Агим Нухиу од Државниот универзитет во Тетово, како и директорката на Државниот испитен центар, ја поздравија идејата и му честитаа на Министерството зашто така ќе се постигнело воедначено вреднување на знаењето на студентите и тие формално ќе бидат еднакви. На поздравите и честитките се спротивстави Маријан Забрчанец од МОФ.

– Зошто му честитате? За дисперзираните студии од кои очигледно ретерираат, за условите во кои живеат и студираат студентите, на “леснотијата“со која што завршените кадри се вработуваат? , праша Забрчанец.

На ова остра забелешка, возврати министерот Адеми кој истакна дека Забрчанец не сфатил зошто е тука.

– Тука сме да дебатираме, а не да поставуваме прашања. Сите треба да излезат со предлози, рече Адеми.

По „дефинирањето“ на поимот дебата, министерот продолжи:
-Целта на надворешната евалуација не е да се казнува, туку студентите да добиваат знаење, а не диплома што нема да можат да ја искористат при вработувањето. Работодавците ги ценат реалните знаења на кандидатите за вработување и им даваат предност на оние што можат веднаш да почнат со работни активности. Тоа сакаме да го постигнеме, да имаме конкурентен кадар на пазарот на труд, рече Адеми.

Марија Мирчевска од невладиниот Младинскиот образовен форум (МОФ) смета дека се конфузни мотивите за оваа владина идеја.

-Високото образование не е задолжително, тоа се финансира од самиот студент и доколку тој е подготвен да инвестира пари, време и труд, недопустливо е државата да интервенира и да донесе спротивна одлука место него“, рече Мирчевска, добивајќи громогласен аплауз од присутните во салата.

На конференцијата немаше претставници од скопскиот универзитет.

Поврзани новости