Жарко Димитриоски: Мора да почнеме да се смееме

Сака да готви. Сака и да пее. Сонуваше да стане македонскиот Џејми Оливер. Но, стана Жарко Еден на еден. Желбата за актерство како дете даде одредени насоки во неговата професионална кариера. Не стана актер, но затоа води емисија на телевизија и потпевнува. Девојките ги освојува со храна. Овојпат ние го уловивме со храна и шопинг во Скопје Сити Мол.

Роден е во Тетово. Уште како дете го поседува темпераментот, кој е препознатлив кај него и денес. Станува рано, легнува доцна. Работи со полна пареа. Ние бевме упорни да го намалиме неговото темпо денес во Скопје Сити Мол. Токму и затоа почнавме релаксирано со кафенце во „Плеј“.ФОКУС: Разговорот со Вас би сакале да го почнеме со Тетово. Таму сте родени. Како ќе ни го опишете Тетово сега?

ДИМИТРИОСКИ: Град кој не се дава, иако има многу што го мачи. Ретко одам таму, искрено, само ако сум на поминување или ако одам во оптика кај чичко Никола во „Светлост“. Би сакал да сум почесто таму, има прекрасни луѓе во Тетово.

ФОКУС: Својата кариера ја почнавте во детското драмско студио на МРТВ. Дали уште како дете вашиот професионален избор беше токму овој што сега го работите? Зошто водител, а не, на пример, актер?

ДИМИТРИОСКИ: Никогаш не сум мислел дека ќе бидам водител. А дека ќе работам маркетинг, уште помалку. Сакав да бидам актер, да. За жал или среќа, постарите колеги, не многу задоволни од тогашната ситуација за еден актер во Македонија, ме премислија во желбата да се запишам на ФДУ и отидов на новинарство. Веќе бев во А1, а претходно работев во ТВ Спорт 4, па некако логично беше да запишам нешто поврзано со медиум.ФОКУС: Се ближат локалните избори. Дали ќе го следите примерот на носителите на главните ликови во емисијата „Здраво генијалци“, па ќе се кандидирате и вие за градоначалник?

ДИМИТРИОСКИ: Имав некои епизодни улоги во „Здраво генијалци“, буквално моето прво појавување пред камера беше во таа емисија. Честопати се шегувам дека уште јас останав и да се заокружи процесот на создавање „генијални“ градоначалници. Мислам дека можам да помогнам. Еве на Тетово нека биде! Што подобро од роден тетовец за градоначалник!?

ФОКУС: Каде запна вашиот сон да станете македонскиот Џејми Оливер?

ДИМИТРИОСКИ: Се уште готвам многу добро. Кога дојдов првпат во А1, мислев дека ќе бидам супер како готвач/водител. Директорот и менаџментот не мислеа така и ми го дадоа „А1 ексклузив“.Темата за Џејми Оливер решивме добро да ја анализираме. Па, затоа побаравме нова локација. Ние бевме настојчиви да го тестираме Жаре како Ромео од Македонија. Додека ја баравме Јулија во Скопје Сити Мол, одлучивме дека најдобро е да ја изненадиме со проекција за двајца во Синеплекс.

ФОКУС: Не станавте македонскиот Џејми Оливер. Но, останавте гурман. Што знаете да зготвите подобро од светски познатиот готвач?

ДИМИТРИОСКИ: Можам да направам фантастични канелони со спанаќ и со рикота. И рикотата сам ја правам! Знам и други работи, ама ај, нека не биде дека многу се фалам.

ФОКУС: А кое е всушност вашето омилено јадење?

ДИМИТРИОСКИ: Едно од нештата за кои најмалку пребирам е јадењето. Некои утра омилено јадење ми се млеко и бисквити. Знам да уживам и во хамбургер и во добра кременадла, а богами и во што било со спанаќ.  Но, јадам и леќа, и тоа ептен!

ФОКУС: Со што би ја освоиле љубовта на вашиот живот? Како би ја шармирале вашата Јулија?

ДИМИТРИОСКИ: Малку храна, ли набројав?!

ФОКУС: А како ќе ни ја дефинирате љубовта?

ДИМИТРИОСКИ: Љубов, онаа заемната и најубавата е како да спиеш со некој што ти е и партнер, советник и најдобар другар.Нашата прошетка додека ја чекаме Јулија за приватната кинопроекција во Синеплекс, ја надополнивме со одличен шопинг во Спорт М. Сфативме дека Жарко сака да ја остави без зборови со својот изглед. Темата љубов ја заменивме со семејството.

ФОКУС: Публиката ве запозна преку „Ексклузив“ на А1. Кој беше предизвикот за водителската улога на ТВ-екраните?

ДИМИТРИОСКИ: Не знам искрено. Изгледаше, а и реално беше интересна и динамична работа, која беше убаво платена, со оглед на тоа колку беше лесна. Млад човек, редовна и добра плата, многу шетања и патувања, што повеќе да посакаш?ФОКУС: А1 стана историја. Но, секој крај е нов почеток. За вас, тоа е мигот кога ја создавате вашата компанија „Еден на еден“. Која беше идејата, која е нејзината мисија?

ДИМИТРИОСКИ: Мисијата е да ги правиме највпечатливите кампањи за нашите клиенти. „Еден на еден“ прерасна во фул сервис маркетинг-агенција, која со гордост можам да кажам дека ги опслужува едни од најголемите и најуспешни домашни компании. Имаме прекрасен млад тим, кој не се плаши од многу работа и од многу учење, а и поради тоа дава врвни резултати. Се гордеам со компанијата што ја изградивме.

ФОКУС: Зошто токму „Еден на еден“?

ДИМИТРИОСКИ: Бидејќи така веќе се викаше емисијата што почнавме да ја работиме како комплетна наша продукција. А зошто емисијата ја крстивме така? Тотално без врска! Каков црн „Еден на еден“, кога во првата „Еден на еден“ епизода гости ми беа Гаро Тавитјан, Иво Јанковски и Гоце и Митко Пикисипи од САФ. Четворица гости, а ти си ја крстил емисијата „Еден на еден“. Бог знае зошто токму „Еден на еден“.ФОКУС: Голем дел од успехот на вашата фирма се должи на ликот кој останува во заднина, но секогаш ги влече вистинските конци. Планирате ли некогаш да го извадите од сенка вашиот брат?

ДИМИТРИОСКИ: Не… Нека си седи таму со екселите и дигитронот.

ФОКУС: Дали тој има право на критика за вашите јавни настапи?

ДИМИТРИОСКИ: Право??? Јас немам право да се одбранам, а не тој дали имал да критикува. Најголемиот мој критичар, по мене самиот, е брат ми, а потоа многу места се празни, па следуваат другите. Ќе ме разберат сите што имаат браќа, сигурен сум.ФОКУС: Вашиот лик публиката имаше можност да го запознае преку телевизиските проекти, но и преку стендап-програми. Каков е Жарко надвор од овие рамки?

ДИМИТРИОСКИ: Искрено мислам дека доста здодевен. Живеам живот, во голем дел напнат од работното секојдневие и од обврските, така што малку останува за нешто надвор од тие рамки. Неретко само ми се молчи и ми се гледа филм. Не е многу забавно, нели?ФОКУС: Имате ли посебни ритуали што си ги практикувате пред емисија?

ДИМИТРИОСКИ: Пред секое снимање се собираме со екипата и го поминуваме сценариото, токму на сетот каде што снимаме. Потоа одам во шминкерницата, ставаме микрофон на сакото, слушалка во уво, и „дабче“ во чаша. Пред да почнеме со снимање, задолжително влегувам и се запознавам со публиката, која е веќе на своите места.

ФОКУС: За крај, има ли простор за смеење и хумор во Македонија?

ДИМИТРИОСКИ: Ако за нешто има простор, тоа е за смеење и за хумор. Голем, огромен, неисполнет, празен простор. Мора да почнеме да се смееме.Неговата Јулија пристигна. Не можеме да ја оставиме  да чека. Токму и затоа ги испративме во Синеплекс, на проекција, само за нив двајца. По проекцијата, во Скопје Сити Мол ги чекаме на десерт.