Жаклина Узунова: Јанко ме остави како птица со скршени крилја!

by Fokus
,Сеуште не можам да ја прифатам вистината, да продолжам напред… Утре се навршуваат  три години од смртта на Јанко, а мене сликите ми се враќаат во мислите, како вчера да беше, кога ми почина на рацете. Заспивам со тие негови последни моменти, се будам на секој час, многу ми е тешко’’ – вака ја започнува својата приказна Жаклина Узунова, сопругата на познатиот поп и фолк музичар, професор и композитор, Јанко Узунов.
,,Велат болката ќе стивне, со времето што ќе мине, но срцето сеуште плаче како првиот ден. Три години ми недостига твојот лик, твојот глас, твојот допир… Барем толку поминаа, засекогаш ќе останеш мој пријател, мој сопруг, моја најголема љубов, мое се’’ – се зборовите кои му ги посветила по повод тригодишнината од смртта, а кои низ плач и со растреперен глас ги изговара.
 
Веста за неговата ненадејна смрт ја затекна јавноста пред три години, кога музичарот ја изгуби битката по разорниот инфаркт во шеесет и третата година од животот, додека со сопругата и нејзини роднини бил на семеен одмор во Берово, нејзиното родно место.
 
,,Ми останаа спомените и тагата. А беше толку убав ден, со Јанко се подготвувавме од Берово да заминеме во Дојран, оти така правевме секоја година, малку одмор во мојот, а потоа малку одмор во неговиот крај. Тој излезе надвор, помагаше околу изградбата споменикот на брат ми, кој почина девет месеци пред тоа. Одеднаш внуците свикаа, јас излегов и срцето ми се пресече. Јанко падна, го прегрнав, паднав и јас со него. Не можеа да го спасат лекарите, беше касно за се. За еден миг го изгубив. А со него, си изгубив и дел од мене, неповратно’’ – раскажува Жаклина, која со години наназад настапуваше со него, а заедно го оформија и музичкото – едукативно училиште ,,Узун’’.
 
Вели, дека од денот на неговата смрт, не можела повеќе да слуша музика. Во автомобилот ги чувала само неговите албуми, и кога патувала сама, ги пуштала песните на Јанко, оти така се чувствувала како и тој да е со неа. Други песни не можела да слуша, но сепак, од музиката која била дел од нејзиниот живот и извор за егзистенција, не можела целосно да се откаже.
 
,,Настапувам само во еден ресторан во Берово, заедно со мој братучед. Не можам да пејам на друго место, не снимам повеќе песни, не се појавувам на телевизија. Тоа време заврши за мене. Во спомен на Јанко, секоја година со неговите ученици го одржуваме хуманитарниот Божиќен концерт, и тоа ќе го правам се додека сум жива и здрава. Мене срцето ми е истетовирано, името на Јанко со кого имавме божествена љубов не може никогаш да ми се избрише. Затоа и секој ден ми е тежок, како вчера да го изгубив, а не пред три години’’ – вели таа.
 
Додека разговаравме се подготвуваше да замине во Берово. Раскажува дека сакала да биде таму утре, на истото место каде за последен пат била заедно со Јанко, на денот кога починал.
 
,,Дваесет и четири години ми минаа во љубов и разбирање какво ретко кој може да доживее. Во 2009 година со Јанко имавме трагедија, го изгубивме нашето бебе. Тоа уште повеќе не зближи, се имавме само ние двајцата, си бевме посветени во целост. Таков карактер беше Јанко, многу добродушен, духовит, мудар… Учениците во музичкото училиште премногу го сакаа, па дури се случи и за време на писмена работа, на тема мојот идол, негов ученик да напише дека токму Јанко, професорот по музичко му е идол. Беше невозможно да не го сакаат луѓето, на сите им беше пријатно во негово друштво’’ – се сеќава Жаклина.
 
Сега, три години по неговата смрт, вели дека единствено чест му укажала Општина Валандово, каде Јанко беше редовен учесник на Фолк Фест Валандово, и фестивалската сала ја преименувале по него. Помош или пак било каков гест во спомен на музичарот од било која друга институција не добила.
,,Јанко не беше само пејач, тој беше дејствуваше на многу полиња. Зад себе остави над 400 песни. Јас добив семејна пензија, живеам и од настапите во Берово. Не се жалам, иако знам дека неговото име не смее да падне во заборав од институциите. Благодарна сум на Општина Валандово, на фестивалот ,,Филиграни’’ каде наградата за најдобар аранжман го носи неговото име, на неколкумина новинари што не го заборавија, на народот што сеуште ги слуша неговите песни. За мојата болка нема лек, се учам да продолжам без него’’ – ни раскажа Жаклина.
 
Јанко Узунов е роден во Валандово, во 1951 година, а во Скопје се преселил во 1969 година. Завршил Земјоделско – Шумарски факултет, а потоа и Музичка Академија. Кариерата ја започна со песната ,,Магдалена’’ во 1971 година, а најголемиот успех го доживеа со песната ,,Момчето со мандолина’’ која заедно со Цветанка Ласкова ја отпеа на фестивалот ,,Опатија’’ во 1976 година. Редовен учесник беше на Скопскиот фестивал, но и на Фолк Фест Валандово.
В0 2010 година прослави 45 години успешна кариера и зад себе остави богата музичка ризница.
Вики Клинчарова

Поврзани новости