Реакција до 24 Вести: Јас сум колумнист во Фокус, а не блогер!

by lali

Почитувани колеги од 24 вести,

Ви благодарам за актуелизирање на мојата колумна во една од вашите емисии каде гостин беше министерот за здравство Арбен Таравари. Ми се допаѓа што истата ја ставивте во контекст на прашање кое ги засега реформите во здравството. Навистина ви благодарам.

Но, имам една мала забелешка која ја повторувате во неколку наврати кога ме преставувате неточно. И кога бев гостин кај вас во емисија, а и вчера. Ме преставувате како блогерот Влатко Васиљ, нешто што воопшто не е точно, а посебно некоректно кога колумната е напишана на Фокус и го преставува мојот ангажман во Фокус. Да бидам детално искрен, ја ниту имам блог, ниту сум блогер, а ниту некогаш посебно сум бил дел од блог сферата. Тој назив прилепен за мене не е точен и не ја опишува мојата јавна ангажираност.

Блог сферата во Македонија веќе подолго време, за жал, е изумрена и таквите називи се исфрлени во употреба. Јас настапувам од име на Фокус каде веќе 4 години пишувам колумни и сум дел од тимот што работи на порталот. Професионално сум ангажирам во Фокус и овој медиум за тоа троши финансиски средства. Вашиот главен и одговорен уредник Младен Чадиковски тоа добро го знае, каде во Фокус две години ми беше и директор и уредник на истиот портал.

Моите слободни и лични ставови во медиумскиот простор воглавно и единствено одат само на Фокус, ставајќи ме во групата на нивни колумнисти. И тоа ми дава за слобода да реагирам и го задржам сопственото реноме и реномето на Фокус кога некаде јавно сум спомнат во контекст на моите пишувања. Фокус е бренд за којшто не треба да се трошат зборови за да се каже неговото влијание во македонската медиумска сфера, па затоа во име на професионалноста и точноста на информациите, во иднина убаво е да се напомене и точно се пренесе дека јас доаѓам од Фокус, а посебно кога се цитираат или тема на разговор се моите ставови напишани на порталот.

Во име на професионалноста и почитта кон Фокус, јас и нашата редакција го заслужуваме тоа. Се надевам имате разбирање и ќе ја прифатите мојата забелешка.

Поврзани новости