„Државата оди во погрешен правец“ – велат мнозинството граѓани кои досега никогаш не излегле на протест а голем дел од нив ниту на гласање.

by lali

„Мене не ме интересира политика, за мене сите политичари се исти, па затоа мора да се најде нов, друг начин како да се подобри ситуацијата во државата.Има голем број незадоволни луѓе а тие заедно треба да најдат начин своето незадоволство да го искажат. Сепак сме демократска држава и мора демократски да ги решаваме работите.“ – изјави 43 годишниот невработен господин кој досега ниеднаш не излегол на гласање.

„Владата ни ги накачи пензиите за 102 денари па сега тие пари му ги давам на внукот да оди да се пријави во заводот за вработување. Иако цела пензија ми оди на лекови, сепак ете некако преку владата и јас помагам за нашата младина, но мислам дека тоа не е доволно. Навечер многу тешко заспивам, мислејќи каква држава ќе им оставиме на нашите внуци и нивните деца. А може и тешко заспивам затоа што не сум доволно уморен. Порано често пешачев, а сега бесплатно со автобус се возам. Извини момче, овој автобус што доаѓа е приватен или државен?“ – ни кажа еден 78 годишен пензионер чекајќи автобус.

А на прашањето, “дали ги поддржувате студентските протести и протестите на хонорарците?“ еден 25 годишен господин ни одговори: А бе ги поддржувам ама сепак таа борба е нивна, не сакам да им се мешам, јас дипломирав пред две години и сега чекам после Нова Година да ме вработат. Така ми рекоа, меѓу првите сум на списокот, ќе видиме. Лани бев на средина, сепак има напредок, нели?“ слатко се насмевна и шмкрна од горкото кафе.

Анкетиравме уште неколкумина но поради немање батерија во диктафонот, не можеме да ви ги пренесеме нивните изјави. Се извинуваме.

НАПОМЕНА: Анкетата е измислена, но мора да признаете дека имате слушнато вакви исти или слични одговори од повеќе луѓе.