Затвореникот Мирчески не ја дочека својата правда, се обеси во затворска ќелија

by fokus

Триесет и деветгодишниот Игор Мирчески, кој издржуваше казна доживотен затвор во „Идризово“, вчера се обеси во ќелијата. Екипата на Брза Помош се обидела да му помогне, но веќе било предоцна.

Мирчевски не ја дочека правдата која со години ја бараше заедно со Анте Ристевски, исто така осуден на доживотен затвор, односно да им се дозволи повторено судење.

Неделникот „Фокус“ во 2014 пишуваше за нивната потрага по правда. Мирчевски и Ристевски беа осудени на доживотен затвор за две убиства. Едното го признаваат, но за другото велеа дека се чисти како солза. Па, така, обвинетите признаа дека до смрт го претепале Радослав Божиноски, но негираа дека ја убиле и Митра Силјановска. И покрај нивното негирање, пред повеќе од една деценија, ја добија најстрогата казна.

Мала надеж дека, сепак, ќе ја докажат својата вистина добија кога МВР покрена истрага за сериските убиства во Кичево, во кои се вброи и она на Митра, а како осомничен беше посочен новинарот Владо Таневски. Но, надежта тлееше кратко, бидејќи со мистериозната смрт на Таневски во кичевскиот затвор, замина и вистината за кичевката Митра.

Адвокатот на Игор и Анте поднесе барање за повторно судење, бидејќи портпарол на МВР излезе со јавен сомнеж за нов извршител на убиството на старицата, повикувајќи се и на ДНК-докази, но судот го одби барањето.

„Откако го уапсија Владо Таневски, ние веднаш поднесовме барање за обновување на случајот, но нè одбија поради тоа што против мртво лице не можело да се води постапка, а ја снема и ДНК-анализата со која можевме да докажеме дека ние не сме сторителите“, ни објасни во 2014 година Мирчевски во писмото што ни го испрати од затворот.

Тој тогаш велеше дека тој и Ристевски не бараат милостина, туку трагаат само по правдата.

Ако сакаат нека ни ја остават доживотната пресуда, но само нека ни го тргнат убиството што не сме го извршиле. Еве, веќе девет години лежиме за дело што не сме го направиле“, вели осуденикот на доживотна робија.

Повторното отворање на случајот за убиството на Митра Силјановска ќе значеше и нова шанса за двајцата, бидејќи ќе добиеја можност да ја оспорат доживотната казна и повторно да продолжат со животот.

 

Според пресудата, во ноември 2005 година Ристески и Мирчески ја убиле кичевчанката Митра Силјаноска, која била силувана, а потоа задушена. Двајцата беа осудени и дека во јануари 2006 го мачеле и го убиле Радослав Божиноски од кичевското село Малкоец.

Валентина Вурмо

Поврзани новости