АРХИВА Заради партиските бизниси со увозот на струја Груевски спречи милијарда евра странски инвестиции!

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ број 864

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Вашиот обид, преку надлежната собраниска комисија да извршите контрола во МВР за случајот Кампања, заврши така што ем не успеавте во тоа, ем влеговте во вербална војна со министерката?

ПЕТКОВСКИ Однесувањето на министерката Гордана Јанкуловска е најтипичен пример на дрскост, арогантност и нааканост од власта. Таа крајно игнорантски се однесува кон Собранието, кон Комисијата за контрола на прислушувањето, кон јавноста воопшто. Врши исклучително важна функција, а така транспарентно го понижува парламентот и пратениците. Но, проблемот е во односот на владејачката структура кон Собранието. Тие опструираат било каква иницијатива која е во функција на некаков обид за реализација на парламентарна контрола врз работата на Владата или министрите.

ФОКУС Според вербалните стрели упатени на ваша адреса, нема да ме изненади доколку собраниската дебата за работата на Јанкуловска се претвори во интерпелација за Тито Петковски?

ПЕТКОВСКИ Да, нема да биде изненадување. Не само Јанкуловска што ме обвини дека ја злоупотребувам функцијата претседател на комисијата, туку и пратеникот Павле Саздов, кој е член на комисијата, најавуваше дека јас го кршам деловникот и законот и дека треба да ѝ се извинам на Министерката. И претседателот на Центарот за комуникации, Илија Димовски веќе кажа дека тие сериозно ќе размислат дали треба да останам претседател на ова собраниско тело.

МАКЕДОНИЈА СТАНА ГРУЈОВИСТАН

ФОКУС Добивте ли одговор на интерпелацијата од министерството?

ПЕТКОВСКИ Немаме одговор за интерпелацијата, како што и дури после 40 дена Јанкуловска одговори на нашите прашања: какви  посебни истражни мерки биле применети во случајот „Кампања“ и дали можеби тука имало некакви прекршувања на законот. А сега веројатно проценила дека нема зошто со нас да разговара, бидејќи, сепак, таа има силно упориште во собранието и во судот. И замислете една апсурдна изјава на министерката: ако дефинитивно се покаже дека судот ги оправдал нејзините постапки, осудувајќи го Љубе Бошкоски, ќе се докажело дека таа е во право. И ако Собранието констатира дека таа постапувала според закон, е јас тогаш ќе сум требал да ѝ се извинам. Како нејзе да не ѝ е јасно дека тоа Собрание и овој суд на Груевски можат и од шугаво магаре да направат Букефал, и обратно – од Букефал да направат шугаво магаре. Со други зборови, тие можат да донесат одлука каква ќе посака Груевски без оглед на фактите.

ФОКУС На почетокот од нивниот мандат и не реагираа со ваков респект кон судските одлуки. Но, откако си го стокмија кадровски по нивна мерка, ситуацијата сега е поинаква. А да биде иронијата поголема, сега нагласуваат дури дека судството било независно!

ПЕТКОВСКИ Судството ни е катастрофално! Ако видите како завршија низа случаи наназад, колку луѓе апсеа, малтретираа, а сѐ уште тие случаи немаат завршница, дефинитивно станува јасно дека процесот на вмроизација на македонското општество е при крај.

ФОКУС Уште што остана за таа вмровизација да финишира?

ПЕТКОВСКИ Уште Уставниот суд треба да се освои. Во март или април веќе ќе го имаат мнозинството и во Уставниот суд. Ги исфрлија  ревизорските извештаи од собраниска расправа, нема шанси да вршите контролна функција врз власта, да не зборуваме за карикатуралната лустрација. Антикорупциската комисија уште гони вештерки, односно не ги гони злоупотребите на власта. Вмроизацијата на македонското општество се шири и метастазира во сите негови пори. И дефинитивно, Македонија се затвора во еден систем кој е анахрон. Во Европа најмногу личи на унгарскиот. Во Македонија нема реформи туку орбанизација. Груевски се однесува како Виктор Орбан. Како браќа близнаци се.

ФОКУС На неодамнешните протести во Будимпешта во врска со уставните измени, имаше транспаренти дека Унгарија се претвора во Орбанистан. Што стануваме ние тогаш?

ПЕТКОВСКИ По некаква аналогија, Македонија е тогаш – Грујовистан!

ФОКУС Како опозиција имам впечаток дека покажувате огромна разбирачка за функционерите на ДУИ во владата на Груевски. Што очекувате од нив, кога тие сепак без забелешки или отпори ја аминуваат вмроизацијата на општеството?

ПЕТКОВСКИ Не би рекол дека ние ја штедиме ДУИ. Ако се сеќавате, уште при автентичното толкување на хашките случаи, условно речено, беше предизвикан гневот на ДУИ. Или, околу разни коруптивни скандали, еве, и последниот што го откри американското министерство за правда- за корупција од Дојче и Маѓар телеком, ние инсистираме случаите да се расчистат до крај, но, гледате, нема никаква завршница. Откако настана онаа пародија со пописот, поточно обид за попис, стана јасно дека ДУИ влезе во шемата на ВМРО-ДПМНЕ, од практични причини- лукративни мотиви, тендери и профити. Денес практично не гледам суштинска разлика во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

ФОКУС Како се однесува претставникот на ДУИ во комисијата? Согласно вмровските потреби?

ПЕТКОВСКИ Многу резервирано. Дури недефинирано. Или не гласа или гласа воздржано.

ПРОЦЕСОТ ПРОТИВ ЉУБЕ БЕШЕ СУДСКА ПАРОДИЈА

ФОКУС И после 7 месеци од изборите, а откако Евроинтергациите и Правда се под палката на министри на ДУИ, немаме поместување на планот на медиумските слободи, судството, корупцијата, администрацијата?

ПЕТКОВСКИ Тоа говори како оваа власт ги сфаќа евроинтеграциите. Тие имаат зацртано агенда – македонското општество да биде затворено општество, авторитарно, кое ќе функционира само на копче од врвот на пирамидата на моќта. А дека вистината е делегирана на ВМРО-ДПМНЕ. Вистината е тоа што ќе го каже Груевски и тие околу него, а се друго е лага. Како што гледате, на било каква критика за злоупотреба на власта, излегува ВМРО-ДПМНЕ и кажува – се е според законот!

ФОКУС Е потоа следува канонада од напади врз оној кој се осмелил да критикува…

ПЕТКОВСКИ Не само тоа, туку може и во затвор да заврши. Скандалозно е, на пример, апсењето на лидер на партија, кој бил следен цели два месеци и тоа во текот на изборна кампања! Во нормални демократски држави, само заради овој елемент се поништуваат избори.

ФОКУС Особено што министерот за внатрешни работи беше носител на изборна листа?

ПЕТКОВСКИ И со тоа единствен функционер кој што е потенциран во извештајот на ОБСЕ дека ја злоупотребил функцијата министер за внатрешни работи едновремено кандидирајќи се како носител на листа.

ФОКУС Од судската постапка против Бошкоски се наметнува логичен заклучок дека најверојатно против лидерот на ОМ е употребен агент провокатор, што е недозволиво!

ПЕТКОВСКИ Она што се случи со наводно загрозениот сведок во осудувањето на Љубе Бошкоски е скандалозно и срамно за секој судија. Да не му дозволите на обвинетиот директно да се соочи со заштитениот сведок кој му бил долгогодишен пријател, ама и на многу истакнати луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, во било кое демократско општество тоа ќе биде подложено на жестоки критики од јавноста, од граѓанскиот сектор.

ФОКУС Овде жестоката критика на власта се смета за субверзивна дејност?

ПЕТКОВСКИ Се работи за состојба на духот. Луѓето се сериозно исплашени оти оваа власт не само што се заканува, туку и тепа, затвора, обвинува, дискредитира во име на заштитата на режимот на Груевски и тие околу  него. Значи, тоа беше пародија од судење, а македонското судство уште еднаш се претстави пред Европа како нереформирано, неспособно, некомпатибилно со европските стандарди.

ФОКУС Судството, особено после процесите за убиството на Мартин Нешковски и против Бошкоски, тешко дека ќе бидe позитивно оценето од Брисел и Вашингтон?

ПЕТКОВСКИ Па затоа и сакаат се да избркаат од земјава. ОБСЕ само што спомена дека Јанкуловска ја злоупотребила функцијата за изборите, веднаш се јавија со повик – ОБСЕ да си оди од Република Македонија. Сите трабанти на ВМРО-ДПМНЕ оркестрирано делуваат и ним веќе, според признание и на Груевски во последното интервју, не им треба ни Европска Унија. Видете што прават нивните медиумски гавази- веќе ја нудат БРИК (Бразил, Русија, Индија, Кина) како добра алтернатива. Демек, што ќе ни е Европа, кога не понижува барајќи да си го смениме името!

„ЏЕПАРОШКА“ ПОЛИТИКА

ФОКУС Сепак, вие сте човекот кој го устоличи режимот на Груевски. Без вашите пратеници од НСДП, тешко дека Груевски ќе формираше влада во 2006 година?

ПЕТКОВСКИ Да, без нашите 7 пратеници Груевски не ќе имаше мнозинство и не ќе имаше шанса да состави влада. Морам да признаам дека тоа е мојата најголема политичка грешка. Морам да признаам и дека подлегнав на некои сугестии од моќни светски центри, кои говореа дека Груевски е новото лице на македонската политика – економист, прагматичар, дека ќе направи сериозни реформи, дека ќе отвори нови работни места, големи инвестиции…

ФОКУС За колку време го променивте мислењето?

ПЕТКОВСКИ Веќе петтиот месец откако беше формирана владината коалиција, видов дека нему не му е приоритет економијата, развојот, инвестициите. Првиот пример беше уште во текот на 2006 година. Тој не сакаше да го прифати, односно, го пролонгира тендерот за Чебрен и Галиште. А тогаш конкурираше една многу сериозна германска фирма RWE, која беше подготвена 47 отсто од новата фирма да ѝ отстапи на владата, да почне со изградба на Чебрен и Галиште и да вложи околу 500 милиони евра. Но, Груевски тоа го поништи. Слично заврши и понудата на австриски ЕВН за ТЕЦ Неготино со околу 700 милиони евра. Тие пари потоа беа инвестирани во хидроцентрала во Албанија.

ФОКУС Имате ли објаснување, зошто ги спречи овие инвестиции?

ПЕТКОВСКИ Тој не беше способен да одлучи за некоја крупна инвестиција, бидејќи повеќе му се исплатеше да увезува струја, да перат пари, така да стекнуваат огромни профити за партијата.

ФОКУС Сакате да кажете дека имал поинакви приоритети?

ПЕТКОВСКИ Мислам дека  приоритет му беше партискиот бизнис, потоа да се инсталира ВМРО-ДПМНЕ во сите пори во општеството. Исто така, меѓу приоритети е и купување на недвижности, односно, се тоа да се трансферира на луѓе кои му се лојални или се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Практично, целокупното богатство да биде на располагање на една партија, поточно на „Груевски и фамилијата“, како што многумина ги дефинираат. И мислам тој процес е главната причина зошто Груевски не ги прифаќа европските стандарди, зошто не прави реформи во медиумите, во судството, во администрацијата. Она што тој го прави мене ми наликува на „џепарошка политика“!

ФОКУС Што подразбирате под „џепарошка политика“?

ПЕТКОВСКИ Затоа што си измислува илјада и еден данок, разни глоби, давачки, такси… Тргнете од давачките за паркирање на автомобилите. А јас, на пример, два пати сум го платил тоа земјиште. Или, дворовите по втор пат да ги плаќаат граѓаните, сѐ до оние последни измени во законот – доколку трудовата инспекција констатира дека имате непријавен работник да може да ви изрече казна од 6 илјади евра или една година да ви ја затвори фирмата. Еве, на еден познат угостител во Скопје за 500 денари најдени вишок во касата, претпоставувам од бакшиши, два месеци му го затворија угостителскиот објект. Само заради тоа што тој не е близок до Груевски и до фамилијата!

ПОПИСОТ ЌЕ ЈА ОТКРИЕШЕ ИЗБОРНАТА ИЗМАМА

ФОКУС Но, при сето ова што го говорите, тој сепак е шеста година на власт. А нема ни некаков поголем отпор?

ПЕТКОВСКИ Тоа е најстрашното чувство!

ФОКУС Опозицијата делува како да е безидејна како да се справи со режимот. После изборите како да падна во зимски сон, криејќи се зад некакви демократски стандарди за 100 дена мир, иако овде, нели, имаме режим во ист состав како и пред изборите?

ПЕТКОВСКИ На изборите оваа политика на Груевски доби поддршка, меѓутоа јас сум подготвен да тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ немаше таква поддршка на изборите. Имаше врвно добро организиран изборен криминал – со корупција, со бугарски возови, со купување гласови, со притисоци. И да бидам искрен, јас воопшто не бев за тоа поразот да се признае за време на изборите. Но, Црвенковски веднаш по објавувањето на првичните резултати, излезе да признае пораз!?

ФОКУС Зошто?

ПЕТКОВСКИ Јас не знам, кои биле мотивите Црвенковски да одлучи така, меѓутоа ние веднаш по изборите јавно кажавме дека многу сомнителни околности одлучија Груевски и коалицијата да победат на изборите. Нема таква излезност како што беше прикажана, а тоа се покажа сега со спречувањето на пописот. Можеше да се открие најголемиот скандал во историјата на македонскиот парламентарен систем – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да имаат повеќе гласови отколку што има запишани избирачи во Република Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ никогаш нема да дозволат да се одржи пописот. Затоа што ќе им се види изборната лага.

ФОКУС Дали мислите всушност за одредени општини или гласачки места, за кои по пописот би се видело дека излезноста е надувана?

ПЕТКОВСКИ Зошто не се ажурираат избирачките списоци? Има мртви, има такви кои во моментот на гласањето биле надвор од државата, а се водат дека гласале. Еве, ќе ви наведам само еден пример на наш активист. Кога отишол да гласа, прашал дали сестра му и зет му гласале. Добил потврден одговор. А како можеле да гласаат сестра му и зет му, кога тие веќе четири години се во Америка? Е вакви примери има многу.

ФОКУС Што можеме да очекуваме годинава? Лет во место?

ПЕТКОВСКИ Не, Македонија се повеќе ќе тоне, бидејќи ако земете што говорат светските економски аналитичари, како Штиглиц, на пример, сите набрзо ќе сфатат колку 2011 беше подобра од 2012. Рецесија е во сите земји, ама Македонија веќе е на прво место на скалата на мизерија. Но, селото гори, бабата се чешла! Светот вели колку сме мизерни, а на премиерот му е важно да направи нова фасада на владината зграда. Страшно! Покажува neчувствителност за социјалните проблеми со кои се соочува и натаму ќе се соочува државата. Тој и натаму си ја тера стратегијата за целосна партизација на македонското општество.

ФОКУС И изолација на меѓународен план!

ПЕТКОВСКИ Груевски сам призна дека оваа година нема НАТО, нема ЕУ, дури изрази подготвеност да прифати дека можеме да го изгубиме и статусот на кандидати за членки во ЕУ. И сето тоа неговите во партијата, ако сакате и добар дел од интелектуалците, го прифаќаат како сосема  нормално. И на тој план ќе се мултиплицираат и безбедносните проблеми во Република Македонија.

СЕ ПОТКОПУВА ЕКОНОМСКАТА МОЌ НА ДРЖАВАТА

ФОКУС Рековте дека од некои светски центри на моќ во 2006 безмалку ви го сугерирале Груевски како човек на иднината, и на некој начин ви го сугерирале како добар партнер за коалиција?

ПЕТКОВСКИ Не, директно го сугерираа Груевски како лидер кој многу се разликува од Љубчо Георгиевски, дека е технократ, дека е економист подготвен да прави реформи…

ФОКУС Прашањето ми беше, што сега овие светски центри на моќ велат за истиот лидер?

ПЕТКОВСКИ Сега сите се разочарани. Сите што ми го говореа тоа, сега  велат никогаш не можевме да претпоставиме дека Груевски на ваков начин ќе се однесува. Наместо за реформи, се одлучи за национализам и популизам. Секој што поинаку размислува, или ќе го затворат или ќе го етикетираат како грчки платеник, предавник. А тој и натаму се дружи со Миленко, оној што правеше список за ликвидација за сите што имаат поинакво мислење. Тоа говори дека тоа не се поединечни испади, туку е стратегија на Груевски. Со други зборови, Груевски направи салто мортале во своите политики, во приоритети после 2006 година.

ФОКУС Што беше пресудно за таков пресврт?

ПЕТКОВСКИ Виде дека власта може да се чува само со популистички мерки. Јас сум сигурен дека ако тој го реши прашањето со името, ќе ја изгуби најсилната карта за изборите. На што ќе се потпре тој на изборите потоа? На реформи?! Катастрофа!

ФОКУС Се отворија многу корупциски афери, култура и транспорт се прогласија од опозицијата за најголеми перални на пари. Јасно ви е дека никој денес нема да мрдне да ги процесuира?

ПЕТКОВСКИ Не може да ги расчисти оваа власт. Сите овие афери ќе можат да се расчистат само после смена на власт, бидејќи Груевски во сите инстанции инсталираше свои луѓе – свој судија, свој полицаец, свој разузнавач, свој обвинител. Му остана како неосвоен бастион уште Уставниот суд. Кога и Уставниот суд ќе си го направи свој, тогаш ќе носи и какви сака закони.

ФОКУС Но, во меѓувреме добро ја задолжува земјата?

ПЕТКОВСКИ Груевски ја поткопува економската моќ на државата, задолжувајќи ја бесконечно многу. Ние за две години треба да вратиме 440 милиони евра! Можете да замиsлите колку е тоа! Повторно ќе се позајмува?! Дома се испумпани средствата од македонската економија, нема шанса. А на меѓународен пазар ако барате пари, ќе бидат многу скапи. Но, да се вратам на корупциските афери. Имате дури и ревизор кој е избран од Груевски, па не може да премолчи пред фактот дека за Музејот на ВМРО, за театарот и за многу други објекти од Скопје 2014, по трет пат се пречекорени почетните суми и дека има кршење на законот.

ФОКУС И тие веднаш реплицираат дека се е во рамките на законот?

ПЕТКОВСКИ Од кого да очекувате да го расчисти тоа? ЕК констатира во извештајот за 2011 дека не нѝ е во ред судството, администрацијата, медиумите, корупцијата – тоа се четирите точки апострофирани јасно, но, тие си ја тераат пак својата. Дефинитивно, јас сум уверен дека Груевски не сака ниту НАТО ниту ЕУ. Не е проблем компромисот за името, од едноставна причина дека Груевски нема никаква иницијатива да се дојде до политички компромис во Македонија, до некакво национално единство. Предложив резолуција во 2008, со акламација се прифати. Стојан Андов предложи текст на документ – стратегија, но не се ни стави на дневен ред. А Груевски не покренува никаква иницијатива.

УНИШТУВА ЗА ДА ГРАДИ СПОМЕНИЦИ

ФОКУС Pрашањето е: имате ли во опозицијата енергија и идеја како овие процеси да се променат?

ПЕТКОВСКИ Само доколку се создаде критична маса…

ФОКУС Но, опозицијата треба да анимира, да ги охрабри граѓаните, а не да биде помирна и поисплашена од нив?

ПЕТКОВСКИ Кога веќе еднаш масовно излегоа над 100 илјади луѓе на улица повикани од опозицијата, по втор пат нив нема да може да ги соберете освен за да ги рушат институциите на системот. А ние не играме на карта на деструкција.

ФОКУС Но преродбата се потпира на стравот кај граѓаните. Откако пред изборите народот го надмина тоа, тие веднаш вбризгаа двојна доза заплашувања со апсења, динамит, најдрско забошотување на одговорност за убиство за време на нивната изборна прослава..?

ПЕТКОВСКИ Груевски максимално ги користи медиумите за афирмација на својата политика и дискредитација на опозицијата. Опозиционото расположение може да расте, ако стане блиско до граѓаните. Уништувањето на ТВ А1 и весниците од Перо Наков беше исклучиво заради опозициското расположение на овие медиуми. Ги има Сител, Канал 5, ја има МРТВ од која направи карикатура, локални телевизии. А моќта на медиумите ја користи за афирмација на режимот.

ФОКУС Дали е клучот на режимот во Али Ахмети, иако нели коалицијата е тендерска, па се повеќе учинокот им е ист?

ПЕТКОВСКИ Клучот е во Ахмети, но, јас не сум сигурен дека после она што се случи со хашките случаи и некои други закони кои одат директно во функција на задржувањето на моќта на ДУИ во сферата на економијата, на бизнисот, дека тој ќе биде расположен да го промени својот однос кон ВМРО-ДПМНЕ. Единствено ако е чесна намерата на ДУИ да влезе Македонија во НАТО и ЕУ, па после самитот на НАТО во Чикаго, да речеме да го заостри својот курс кон партнерот за да влезе Македонија во НАТО. Не постои друг начин. Во Македонија еве гледате, во Унгарија само на еден повик се собраа десетина илјада луѓе. Во Македонија се собраа едвај десетици луѓе заради убиство на момче кое полицијата сакаше да го забошоти. Веројатно нешто во свеста на луѓето мора да се прекрши, дека оваа власт долгорочно е многу штетна, ама штетна и за самите луѓе што ја подржале оваа ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Љубе Бошкоски најавуваше дека ќе ги смести во Шутка и Идризово, па видовме што го снајде. Вие изјавивте неодамна за Фокус, дека новиот премиер прво би требал да го уапси Груевски. Е тие, вакви вербални изблици, очигледно, не простуваат.

ПЕТКОВСКИ Јас реков било кој да е премиер, не може да се помири со фактот дека Груевски ја осиромаши државата, ја обезнадежи на надворешен план, ја изолира меѓународно, со огромните задолжувања на идните генерации им ја одзема перспективата, зема кредити за да гради споменици, а води џепарошка политика за да функционира социјалниот систем… Едноставно, Груевски ја поткопува економската моќ на државата. За многу банални работи, кога ќе се промени власта во демократските системи, тие луѓе одат на отчет. Груевски не може да најде оправдување за оваа страшно погрешна политика. Патриотизам е да отворите работни места, да ви функционира правната држава, администрацијата, луѓето да се слободни, да има здравство, образование… Тој сѐ уништи само за да гради споменици!!!

ФОКУС Можеби треба уште еден споменик за Груевски да се изгради, за да биде се таман?

ПЕТКОВСКИ Ама да биде повисок од оној на Александар, инаку веројатно би бил несреќен.

Струен бизнис
ЌЕ СТАНЕМЕ „ПРОКЛЕТА АВЛИЈА“

ФОКУС Веќе долго време се шпекулира за струјата во вмровскиот бизнис? Ама ништо повеќе не понуди опозицијата!? 

ПЕТКОВСКИ Веќе шеста година како се на власт, а не изградија ни една хидроцентрала, не направија ни тендер за да изградат хидроцентрала. Тоа им носи огромни профити. Ако изградат хидроцентрали, треба да позајмуваат пари. А Груевски позајмува пари за да гради споменици, а хидроцентрали да му гради некој друг. И како поминува времето, Македонија ќе биде се помалку атрактивна, ќе биде проклета авлија за странски инвестиции!

Бугарски семинар
КАКО ДА СЕ УКРАДАТ ИЗБОРИ?

ФОКУС За прв пат, на последните избори се фатија и „бугарски возови“. Се виде како зад параванот гласач го фотографира ливчето со мобилен. И се премина преку тоа, небаре сликањеto e за спомен и долго сеќавање?

ПЕТКОВСКИ Тоа го имаат до совршенство направено, бидејќи знам, некои пратеници се фалеа дека за изборите во 2008 биле во Бугарија на семинар под наслов: Како да се украдат избори. Баш со таков назив.

ФОКУС Е добро научиле!

ПЕТКОВСКИ До совршенство го доведоа!

Пазарна цена
ГИ НАПРАВИ СОВЕТНИЦИ И СТАНАА ЈАГНИЊА

ФОКУС Како да се бориме со овој режим?  

ПЕТКОВСКИ Мене ми е несфатливо што некои кои важеа за врвни интелектуалци, за жестоки критичари на деформациите во политиката, кога ги поставија за советници во Центар или во град Скопје, тие станаа мирни како јагниња.

ФОКУС Тој само покажа дека знае да ја погоди цената на секого!

ПЕТКОВСКИ Секој има цена! Кој не се купува за пари, се купува за многу пари. Кого што не успеале да го скршат, ќе го уценуваат, ќе го сместат зад решетки!

Поврзани новости