Започнува Вевчански карневал: Се чуваат во тајност политичарите чии ликови ќе бидат главни маскоти

by fokus

Денес започнува Вавчанскиот карневал, еден од најстарите настани кој што се случува во струшкото село и самостојна општина, а привлекува илјадници туристи поради уникатните маски и традиционалните обичаи.

Програмата ќе започне во Клубот на пензионери во Вевчани, ќе се одржи трибина на тема: „Перспективите на руралниот туризам во република Македонија со осврт на општина Вевчани“. Предавач ќе биде проф. Д-р Никола Панов, член на Вевчанската Академијата на убавите. Утре од 18:00 часот, исто така во Клубот на пензионерите,ќе биде извршена промоција на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски.

Забавниот дел ќе стартува на 12 јануари во 21 часот со настап на домашните групи ДНК и Нокаут, а пред полноќ ќе се претстават и популарните ,,Фрајле’’ од соседна Србија. На 13 јануари во 21 часот присутните ќе ги забавува фолк пејачката Анета Наковска, додека Православната нова година ќе биде пречекана со настапот на Ефто Пупиноски, кој што по потекло е од Вевчани.

Лани посетителите ги забавуваа ,,Слаткаристика’’ ,,С.А.Р.С.’’ И ,,Брас Брадерс’’, додека пак преклани главни музички ѕвезди беа ,,Суперхикс’’ ,,Прљаво Казалиште’’ Елена Велевска и ,,Љубојна’’. Она што е се повпечатливо кога е Вевчанскиот карневал во прашање е тоа што веќе неколку години наназад се поактуелни се маските на политичари, па така минатата година настанот мина во знакот на Катица Јанева и СЈО, Зоран Заев, Никола Груевски, Тања Каракамишева и пораките за невозвратена љубов… Традиционално, маските се држат во тајност се до дефилето, но со оглед на бурните политички случувања, и годинава се очекуваат голем број на маскоти со ликовите на Груевски, Заев, Фатиме Фетаи, Диме Спасов…

Дефилето на маски ќе започне на 13 јануари, по 14 часот, а учество ќе земат над 1.000 маскирани василичари. Карневалот се слави во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на Вевчани и на вевчанци.

Во изминативе години, дневно околу 50.000 луѓе од земјава и странство го посетувале карневалот. Се смета дека Вевчанскиот карнеавл е постар од 1400 години, и со паганските обичаи се отсликувала потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и црните мисли. Културно забавната манифестација од 1993 година е член на Здружението на европските карневалски градови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости