ЗАМП за забраната: СЛОБОДНО ПУШТАЈТЕ СИ МАКЕДОНСКА МУЗИКА НА СВАДБИ И ПОГРЕБИ

by fokus

Одлуката за забрана на македонска и српска музика во етерот, од страна на ЗАМП, предизвика многу нејаснотии кај народот. Така, деновиве голем број на граѓани на социјалните мрежи прашуваат дали навистина дури и на свадбите не смее да се пушта македонска и српска музика, а пак некои одеа до таму, што прашуваат дали забраната важи и за погреби,бидејќи неретко на погребалните церемонии се свирела сериозна музика од домашни автори.

Јавноста е збунета поради одлуката, и веќе започнаа да кружат голем број на шпекулации, но и шеги на сметка на ЗАМП, па неретки се коментарите дека кумовите на свадба ќе треба да нарачуваат песни од американскиот рок бенд ,,Металика,, па сватовите нека му ја мислат кое оро ќе го изиграат на таквата музика.

,,Забраната не важи за угостителските објекти, туку за радио и ТВ станиците. Слободно нека си пејат и свират македонски и српски песни на свадбените свечености, никој нема да биде казнет. Исто така, никој нема да биде казнет и за пуштање музика за погреби, нема такво нешто во нашиот тарифник, тоа се само шпекулации. Не ме држете за збор, но мислам дека порано имаше некоја таква ставка  во ММИ (Македонска Музичка Индустрија), но во ЗАМП нема забрана или пак казна за пуштање на музика од наши автори на такви настани.,, – ни изјави во телефонски разговор директорот на ЗАМП, Зоран Васковски.

Голем број на изведувачи, продуцентски куќи, радио и ТВ станици се револтирани поради забраната на ЗАМП. Исто така, годинашното издание на традиционалниот фолк фест ,,Валандово 2106,, е откажано и не се знае дали и кога ќе се одржи.

Од Министерството за култура излегоа со соопштение дека според нив одлуката за забрана на ЗАМП е нејасна и незаконска, но сеуште нема никаква разврска на повидок. Од ЗАМП пак, денес јавно им одговорија дека тие постапуваат во целост според законските одредби, и се надеваат дека министерството ќе се раководи од вистината и од правото и врз основа на тоа ќе донесе решение со кое ќе ја врати музиката помеѓу корисниците.

Вики Клинчарова

Поврзани новости