Замина прерано: Фолк пејачот Зоран Дамјанов почина на 43 години!

by fokus

Фолк пејачот Зоран Дамјанов почина на четириесет и три годишна возраст. Веста за неговата смрт ја споделија негови роднини и пријатели на социјалните мрежи, а веќе е отворен и солидарен фонд за донирање на финансиски средства за помош на семејството, кој има за цел да собере 10.000 долари.

Сеуште немаме информација дали Дамјанов починал во родното Кавадарци или пак во Америка, каде има голем број на роднини и пријатели, кои го отвориле фондот.

Зоран се појави на сцената уште во тинејџерските години. На 16 години и беше хармоникаш на Сузана Спасовска, беше член на групите Ројал и Дрим Тим, а потоа започна соло кариера.

Во искрено интервју пред три години проговори за пеколот низ кој минувал тој и неговото семејство, поради неговата долгогодишна зависност од алкохол.
Ни раскажа за агонијата која што била дел од неговиот живот со години, се додека самиот не решил да стави крај и да започне нов живот, најмногу поради двете ќерки близначки, поради сопругата и блиските роднини.

„Самиот започнав апстиненција која траеше дваесет и шест дена. Знаев дека триесеттиот ден ми е критичен, па се пријавив на лекување во Скопје, во специјализирана установа, каде останав цели 70 дена. Цел тим на професионалци работеше со мене, примав и медикаментна терапија и животот ми се промени на подобро. Рехабилитацијата ми беше тежок период, но во споредба со тоа што го минав пред да започнам со лекување, ова беше рај. Ги издржав сите кризи, сите предизвици и успеав да застанам на свои нозе. Како да се учев да одам повторно, ете така би го опишал искуството. Луѓето треба да сфатат дека лекувањето на алкохолизмот е нешто кое што не е срамно, не треба да се гледа со потсмев на алкохоличарите, тоа е опасна болест. Да се исмејуваш некому затоа што заминал на лекување од алкохол, за мене е исто како да се исмејуваш некому затоа што се лекува од рак. Се се тоа состојби за кои што е потребна соодветна терапија и се опасни по живот“ – ни изјави Дамјанов кон крајот на 2014 година во отвореното интервју.

Тогаш раскажа дека успеал да си го врати мирот во семејството, ја вратил старата тежина и се посветил на кариерата.

Има неколку албуми зад себе, а познат беше по хитовите ,,Цветанке моја’’ ,,Кога би знаел каде си’’ ,,Птицо сребрена,, и други. Песната ,,Пак ме чекаш и не заспиваш’’ ја посветил на сопругата Мери, за која велеше дека му е најголема поддршка во животот и била крај него и во добро и во лошо.

Вики Клинчарова

Поврзани новости