Законот за минимална плата не гарантира дека работниците ќе ја добиваат, од СИЕР бараат интервенција

by fokus

Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ –СИЕР бара Владата и пратениците, кои се предлагачи на Законот, амандмански да интервенираат со цел да се исфрлат зборовите „нормиран учинок„ од членот 2. Поради оваа формулација, велат од СИЕР, на работниците не им се гарантира дека ќе ја добиваат зкаонски утврдената минимална плата. Напротив, синдикалците сметаат дека работодавачите ќе можат да ја злоупотребат одредбата со тоа што ќе ги условуваат вработените и ќе им вршат присила да работат подолго од полното работно време без дополнителен надомест.

„И покрај евентуалното усвојување на измените на Законот за минимална плата во нашата држава всушност ниту имало, ниту ќе има утврдена гарантирана минимална заработувачка за работикот за полно работно време. Сé додека во законот стои терминот „нормиран учинок“ како услов за остварување на минималната плата, тоа значи дека пред сé нема никаква гаранција дека работникот ќе ја добие минималната сума предвидена со законот, а исто така значи можност за манипулација од страна на работодавачите, што беше пракса и до сега“, велат од СИЕР.

Од таму велат дека текстот на измените на законот, усогласен во јавната расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери не содржел „нормиран учинок“ во членот 2 од Законот. Бараат Собранието да го прифати усогласениот текст на законот на Економско –социјалниот совет.

„Затоа се прашуваме кој, зошто и во чие име ја додаде повторно оваа формулација? Такво нешто нема во регулативата за минимлна плата во нашето опкружување ниту во земјите-членки на ЕУ, ниту во другите (Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија и т.н)“, прашуваат од Синдикатот.

Поврзани новости