Загрепскиот градоначалник се товари и за фантомските донатори на изборите?

by Фокус

Финансирањето на предизборната кампања за претседателските избори во 2009 година е само една од истрагите кои се водат против Милан Бандиќ, актуелниот градоначалник на Загреб, јавува Индекс ХР повикувајќи се на неофицијални информации. Според извештајот на хрватската Државна изборна комисија повеќе лица на Бандиќ му донирале по 90.000 куни (речиси 12.000 евра), но како што пишува Индекс ХР, постојат информации дека сите тие пари биле на еден човек во чие име останатите ги уплаќале. Наводно ова е само една од аферите поради која долгогодишниот градски татко на Загреб вечера беше приведен во полиција со уште неколкумина.

Вкупно, 278 приватни лица му донирале пари на Бандиќ во кампањата, а износите се движат од едно до 12.000 евра. Тој како кандидат за претседател на Хрватска во 2009 година примил донации од речиси осум милиони куни или околу милион евра донации од приватни лица. Од фирмите градоначалникот добил 629.000 куни (82.000 евра), а најголема сума, речиси полoвината ја донирала само една компанија.

Во ноември 2009 година Бандиќ ја објавил својата претседателска кандидатура и овој потег го чинел исклучување од Социјалдемократската партија на Хрватска бидејќи тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер,  Зоран Милановиќ и неговите сопартијци решиле на изборите да ги претставува Иво Јосиповиќ кој подоцна стана шеф на хрватската држава. Сепак, Бандиќ успеа да влезе во вториот круг на изборите како единствен противкандидат на Јосиповиќ и да добие околу 40 отсто од гласовите.

Покрај фантомските донатори, Бандиќ наводно се терети и за бизнис-зделки со загрепскиот отпад и за сомнителни ДУП-ови.

Поврзани новости