Заеви на концерт – Не сме ривалки, туку другарки со јатрва ми

by fokus

Синоќа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, концерт одржа еден од најпопуларните бендови „Бјело Дугме“ на кој пред многубројната публика настапија генијалните Горан Бреговиќ, Младен Војичиќ – Тифа и Ален Исламовиќ.

Во публиката можеа да се забележат голем број на јавни личности, а вниманието најмногу го привлече поубавата половина на семејството Заеви, сопругата на премиерот Зоран, Зорица, нејзината ќерка Александра, сопругата на братот на Зоран, Славица и нејзината ќерка Ева.

Двете згодни јатрви заедно со убавите ќерки уживаа во безвременските песни на бендот, за кој што велат дека им бил омилен уште од времето на нивната младост.

„Ние возрасните растевме со песните на ,,Бјело Дугме’’ и ова беше настан кој што не сакавме да го пропуштиме, бидејќи секако сме овде во Охрид, на викенд. За жал, Зоран не можеше да дојде поради работни обврски, па бевме само женско друштво. Кога бевме млади, со него ги купувавме сите албуми на бендот, а како наши најомилени песни беа и сеуште се ,,Ѓурѓевдан’’ (,,Ѓурѓовден’’) и ,,Липе цвату’’ (,,Липите цветаат’’). На мојата ќерка Александра и на Ева, ќерката на јатрва ми, многу им се допадна концертот, иако бидејќи се многу млади, не ги знаат добро сите песни на Бреговиќ. Но по синоќешниот музички спектакл, и двете решија да ги купат албумите на овие музички генијалци’’ – ни раскажа Зорица Заева.

Околу тоа што таа често може да се види во друштво на својата јатрва Славица, и со тоа ги руши традиционалните предрасуди кај нас, дека јатрвите обично не милуваат многу да се дружат, Зорица вели дека со Славица немаат однос како две јатрви, туку како најдобри другарки.

„Нашата роднинска врска трае веќе 18 години. Среќна сум што имаме другарски однос со Славица и заедно можеме да се забавуваме, да излеземе на ручек, сами без нашите сопрузи, да си се најдеме во тешки моменти. И нашите ќерки го имаат тој однос, и драго ми е поради тоа. Убаво е кога со јатрвата не се гледате како ривалки, туку како добри пријателки со кои секое кафе и дружба ви минува во опуштена атмосфера. Блиски сме, се поддржуваме и сметам дека така треба да биде во секое семејство, да си го олеснуваме, а не да си го отежнуваме животот. Меѓусебно да не се натпреваруваме, туку да соработуваме“- вели сопругата на премиерот.

Таа додава дека освен викендот во Охрид, најверојатно и летниот одмор ќе го минат таму. Првично планирале да заминат во Шпанија, кај пријател, но поради работните обврски на премиерот, патувањето морале да го одложат за некои други времиња.

Вики Клинчарова

Поврзани новости