Заев: Со Вучиќ не разговаравме за српскиот разузнавач, туку за соработка

by fokus

Покрај потребата за сериозни европски перспективи за целиот регион, така и за Македонија и Србија, ја искористивме можноста овде да подадеме рака и секако да изразиме жалење за одредени несмасни изјави кои излегоа заради тоа што дефинитивно мораме да работиме на унапредување на соработката помеѓу нашите две земји, изјави мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Брисел во интервју за АлЏезеира.

На новинарско прашање дали со Вучиќ разговарале за веста објавена во медиумите дека во настаните кога се случи насилниот напад врз Собранието внатре бил и еден разузнавач од српската тајна служба БИА, Заев истакна дека не станало збор за тоа при нивната средба.

„Не зборувавме за некои претставници на разузнавачки служби и слично, верувам дека институциите на двете земји, нашата тајна служба и српската тајна служба ќе изнајдат решенија на ваквото прашање. Она што беше објавено во медиумите е видливо за сите.

Зборувавме за перспективи, зборувавме за потребата од тоа регионот повеќе да соработува, ако Македонија и Србија повеќе соработуваат и Македонија со сите земји од регионот тогаш и Европската унија повеќе ќе не почитува и ќе има повеќе причини да ги отвори побрзо вратите кон членство на сите земји од Западен Балкан“, рече Заев.

Телма објави дека Горан Живаљевиќ, офицер на српската разузнавачка агенција – БИА, актуелен дипломат и советник во српската амбасада во Скопје на 27 – ми април, за време на инцидентите во парламентот бил во Собранието.

Горан Живаљевиќ е поранешен заменик директор на безбедносната информативна агенција – БИА , сега нејзин активен офицер кој работи во амбасадата во Скопје веќе трет мандат. Тој влегол во парламентот по дваесет часот заедно со група луѓе од толпата и се упатил во пленарната сала каде се уште беа пратениците на ВМРО – ДПМНЕ. Според извори на Телма и Коха тој овде и се сликал.

Горан Живаљевиќ за телевизија Телма вели дека бил присутен во парламентот по службена должност за да види дали во инцидентите учествуваат и лица од Србија, навивачи или екстремисти.

Поврзани новости