Заев се сретна со Курц: Идниот австриски премиер ќе ја посети Македонија

by fokus

На маргините на Виенскиот економски форум, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев оствари неформална средба со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на новата австриска влада, Себастијан Курц.

Премиерот Заев му ја честиташе победата на неодамнешните парламентарни избори на министерот Курц и му посака успех во работата како иден канцелар на Австрија. Министерот Курц се заблагодари и возврати со честитка за големиот успех којшто го оствари владината коалиција во Република Македонија за демократски спроведените локални избори.

Премиерот Заев и министерот за надворешни работи и мандатар на идната австриска влада, Курц потврдија дека Република Македонија и Република Австрија имаат одлични билатерални односи и активна политичка, економска и секторска соработка. Исто така премиерот Заев го информираше министерот за надворешни работи и мандатар на идната австриска влада, Курц за напредокот во реализацијата на реформскиот план 3-6-9 и со согласија дека реформите одат во вистинска насока и така треба да продолжат.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза премиерот потврди дека „Македонија останува посветен и кредибилен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза. Токму затоа серијата мерки во делот на миграциите се на врвот на приоритети на реформскиот план“.

Премиерот Заев потенцираше дека Република Австрија е најголем поединечен инвеститор и силен поддржувач на Република Македонија на патот кон интеграција во Европската Унија.

Премиерот Заев се заблагодари на континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оцени дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

„Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година.“ соопшти премиерот Заев.

На средбата беше констатирано дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е спремна да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати. Регионот на Западен Балкан е од стратешка важност за Австрија и останува заинтересирана да ги унапреди политичките и економски релации со сите земји на регионот.

Македонија одигра клучна одлука во справувањето со мигрантската криза во 2015 година и за Австрија е важно соработката во таа област да остане на високо и задоволително ниво. Во таа смисла Австрија е пријател и партнер кој е спремен да обезбеди помош и поддршка.

На крајот, премиерот Заев и министерот и мандатар Курц се согласија дека набргу по формирањето на Владата во Република Австрија, на почетокот на идната година, господинот Курц ќе ја посети Република Македонија за продолжување на успешната соработка меѓу двете држави.

Поврзани новости