Заев ги предупреди амбасадорите дека власта работи против изборите

by fokus

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев испрати писмо до амбасадорите гаранти на договорот од Пржино во кое предупреди на повеќе чекори на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што се во насока на уривање на изборниот процес и натамошно усложнување на политичкиот кризен амбиент во земјава, известуваат од СДСМ.

Во писмото се истакнува искрената посветеност на СДСМ за градење амбиент за слободни, фер и демократски избори во усогласениот датум 11 декември 2016 година, но и загриженост дека другата страна има поинакви намери и работи против изборите.

Како основа за ваквата загриженост Заев укажа на две работи:

– натамошната политичка инструментализација на Уставниот суд и неговото неизјаснување за уставноста на Законот за СЈО, може да предизвика темелна деструкција на политичкиот процес и очекувањата за демократска разврска на постојните политички конфронтации;

– натамошната политичка злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и правната држава, во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент во пресрет на декемвриските избори и правото на граганите да бидат дел од изборниот процес;

Исто така, наведено е однесувањето на неодговорното политичко мнозинство кое во пресрет на одлуката за распуштањето на Собранието на РМ на 12 октомври 2016 година – агресивно го наметнува предлогот за усвојување на Буџетот на државата за 2017 година уште сега, кон крајот на септември 2016 година. Тоа не само што е единствен случај во 25 годишната парламентарна практика, туку преставува и потврда за една неодговорна политика и непочитување на виталните интереси на државата и нејзините граѓани.

„Остануваме со убедување, дека е неопходно да продолжи позитивниот процес на градење доверба за одговорно политичко ангажирање во пресрет на вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 година – како неопходен исчекор кон надминување на постојната политичка криза и градење на демократски амбиент во држвата“, се вели меѓу другото во писмото на Заев до амбасадорите.

СДСМ и политичките партии од опозицијата, како и во изминатиот период, така и денес, во преден план ги задржува токму ваквите интереси на граѓаните и државата.

Поврзани новости