Заев: Државен интерес број еден е да се одблокираат институциите

by fokus

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на прес конференција во Собранието на Македонија, рече дека државен интерес број еден е да се одблокираат институциите додаваќи дека парламентарното мнозинство ја презема обврската.

Мнозинството, додаде Заев, нема да дозволи Трајко Вељаноски да го крши деловникот и да продолжи да ги блокира институциите.

– Имавме доволно трпение 31-ви ден е, нема субвенции, ќе нема плати, ќе застанат институциите. Полека ги најавуваме чекорите. Имаме обврска сите ние во овој парламент да ја почитуваме граѓанската волја и да овозможиме Македонија да оди напред. Бегање од одговорност нема, амнестија нема. Законот ќе биде еднаков за сите. Ќе се оди на суд колку што треба – порача Заев.

Според лидерот на СДСМ, будалаштина е ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека мнозинството спрема државен удар.

– Лага е дека ќе се менува устав и дека ќе се носат закони спротивно на Уставот, лага е дека ќе има федерализаца, и дека ќе се менува уставното име и идентитенот на Македонија, лага е дека ќе мора да се учи албански јазик во Штип… Никој не барал нешто надвор од Уставот. Националистичкиот концепт нема иднина во Македонија, туку концептот на едно општество за сите. Она што беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ беше прифатено и од нас, освен работата на СЈО, која ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати. Ништо повеќе нема да зависи од поединци. Ниту од Никола Груевски, ниту од Зоран Заев, Али Ахмети… Ќе соработуваме со идната опозиција – додаде Заев.

Лидерот на СДСМ нагласи дека нема да дозволат провокации.

– Можеме да избереме нов претседател во салата „Борис Трајковски“, можеме на скали, лично поединечно изјаснување, можеме на правен факултет, во Крушево, Пелинце. Го имаме тоа право и обврска и тоа го знае Никола Груевски, тоа го знаат сите. Ова што се случува покажува дека време е новото парламентарно мнозинство да си ја преземе работата во свои раце – додаде Заев.

По деловникот, присутниот најстар пратеник би ја водел седницата, кој може да се случи во секој момент.

Претходно, денеска на седницата Заев рече дека доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжат да ги кршат Деловникот и Уставот, мнозинството ќе избере претседател на Собранието било каде.

– Пет седмици, триесет дена парламентарното мнозинство оформено овде буквално ве моли да прекинете да го кршите Деловникот, а вие се правите како паднати од Марс. Конститутивната седница секогаш траела од еден до пет часа, а не волку многу – рече Заев и додаде дека од над еден милион гласачи добиле 400.000 гласа и дека тоа не е мнозинство.

Поврзани новости