За хендикепираниот Мајстор во дописен шах нема спортска пензија: Сам ја губам битката, заедно ќе ги победиме!

by lali

Ристо Донев од Скопје е интернационален мајстор во дописен шах со исклучителни достигнувања на Светските првенства. Тоа што драстично го разликува од останатите дописни шахисти е неговиот целосен физички хендикеп. Закован во рацете и во нозете, но со натпросечна интелигенција, Донев уште одамна нашол начин како да го искористи умствениот капацитет.

Судбината и шаховското знаење сакале да го издигнат на пиедесталот на дописниот шах. И така, по години и години натпреварување на официјалните големи турнири, хендикепираниот скопјанец стигна до титулата Интернационален велемајстор.

Но, како што среќата уште од мали нозе му го завртела грбот во однос на здравјето, сега тоа му го прави државата, без да му ги признае достигнувањата. А, Донев не сака ништо повеќе од тоа што му следува. Едноставно, сака да му се признаат шаховските резултати и да има спортска пензија согласно Законот за спортот.

И претходно медиуми пишувале за шаховскиот херој, но надлежните никогаш не реагирале и останале на својот став дека асоцијацијата која ги организира големите натпревари во дописен шах не е составен дел на Светската шаховска федерација ФИДЕ.

Но дали таквото тврдење на Агенцијата за млади и спорт е оправдано? Донев, за да го докаже спротивното пред извесно време ја известил Шаховската федерација, а таа му испратила документ со кој се потврдува дека тој е освојувач на значајната титула.

– ФИДЕ ми потврди дека јас сум освојувач на титулата Интернационален Мајстор во дописен шах и дека ФИДЕ ја смета за своја асоцијативна членка Федерацијата во дописен шах ИЦЦФ. При тоа не смее да се занемари фактот дека јас бев единствениот со физички хендикеп меѓу сите други здрави натпреварувачи. Во таква конкуренција јас ги постигнав моите успеси и со тоа тие имаат поголема тежина – изјави Донев за „Фокус“.

Но ваквите негови пораки за сега не стигнуваат до Агенцијата за млади и спорт за да покрене иницијатива и на Донев да му додели спортска пензија. Неговата спортска архива е богата, неговите витрини се полни со медаљи и пехари, а светот на шахот знае за неговото име.

2– Играв со многу силни светски шахисти. Станав сениорски првак во Југославија. Потоа бев и југословенски репрезентативец и успешно ги бранев боите на државата. На крајот стигнав до Светското првенство каде ја освоив титулата, прва и единствена во Македонија. Но и тоа не е доволно за државата да ги признае моите резултати и да ми ги овозможи законските права – вели Донев.

„Фокус“ потсетува на овој спортски мајстор, со сто проценти физички инвалидитет, затоа што веруваме дека заслужува да биде признат, макар и со скромна пензија. Едноставно може да се следи примерот со музичката легенда Вања Лазарова зад која застанаа илјадници граѓани за да има доживотна пензија како уметник. Во очекување дека така притисокот на јавноста до надлежните така ќе биде посилен.

Несомнено дека некаква акција по социјалните мрежи можеби ќе ја отстрани глувоста на Агенцијата за млади и спорт за да му излезе во пресрет и да му дозволи да користи пензија.

– Се надевам дека една поширока поддршка на јавноста ќе ги разубеди надлежните да го признаат мојот шаховски дострел. Вака сам, однапред ја губам битката. Можеби, ако граѓаните застанат зад мојата вистина, полесно ќе биде Агенцијата да ги согледа резултатите – се надева Донев.

Периодов е можеби вистинското време да се промовира приказната за Ристо Донев, со оглед дека ја има добиено потврдата од ФИДЕ, дека дописниот шах е признат и вклучен во нивната организација. Со тоа сега има некаква предност од претходно. Но пред да ја слушне новата одлука на надлежните реши приказната да ја сподели со нас, за да може да ја анимира и јавноста.

Така се надева дека ќе го слушнат и премиерот Груевски и претседателот Иванов кои за сега ги чуваат затворени вратите од своите кабинети.

( Документите од ФИДЕ и признанијата на Донев)

Поврзани новости