Телевизиите Алфа и Нова известувале непрофесионално, утврди Агенцијата за медиуми

by fokus

Начинот на известување на ТВ Алфа и ТВ Нова укажува на непочитување на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта, утврди Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Извештајот од мониторингот на изборното медиумско известување за периодот од 27 август до 5 септември 2017 година.

„Во рамките на овој мониторинг, кај ТВ Нова е констатирано прекршување и на три други начела. Во емисијата „Отворено студио“, со наслов „За или против геј бракови“, емитувана на 10 август 2017 година, телевизијата постапи спротивно на начелата за еднаквост на правата и слободите на луѓето по сите основи и за објективно и непристрасно прикажување на настаните, а со прилогот „Обвинителен акт против гинекологот кој презентирал лажна бременост на пациентка“, емитуван на 31 август 2017 година, не го почитуваше и начелото на пресумпција на невиност“, посочуваат од таму.

Од Агенцијата додаваат дека медиумите продолжуваат со практиката при известувањето за комуникацијата на релација власт-опозиција, при која неретко се јавуваат „псевдонастани“ кои потоа се преточуваат во „псевдовести“, некои од телевизиите и радијата да држат дистанца од ваквата матрица, а некои од нив – да ја пресликуваат.

„Како и досега, квантитативно најприсутна е Владата – преку информирање за внатрешно-политичките и за надворешно-политичките активности, од кои во фокусот особено беше посетата на министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕијас на Република Македонија“, посочуваат од Агенцијата.

Поврзани новости