Вработени во труд и социјала со писмо до Спасов: Престанете со тортурата, нема да ви помине

by Фокус

Неколкумина врабтени професионалци во Министерството за труд и социјала со отворено писмо го повикуваат министерот Спасов да престане да ги  прогонува и да ги деградира, туку да го искористи нивниот капацитет. Тие пред јавноста се жалат дека им се вршени претреси на работнте места. Нивното писмо ви го пренесуваме во целост затоа што неговата содржина од напишаното сведоштво зборува за насилниот однос на власта кон професионалците.

-Ви се обраќаме со полно име и презиме, како долгогодишни професионалци кои со години работат, достоинствено и чесно го градат својот професионален профил и углед во Министерството за труд и социјална политика,  и бараме од вас и овластените лица од вас, да престанете да вршите “политички терор“ и притисок врз нас и сите кои поинаку мислат од вас и имаат поинакви ставови, мислења и перцепција за севкупните општествени текови.

Општеството може да се смета за демократско и европско, само доколку различните ставови на вработените не се повод за тортура, психичко малтретирање и воочлив притисок од претпоставените кон секој еден кој има поинаков или различен став од нив. Уште на почетокот од вашето доаѓање на функцијата министер за труд и социјална политика без повод и причина покажавте нетолерантност, игнорирање,  негативен став, притисок и дискриминација кон секој еден со идеологија различна од вашата, без да земете во предвид дека се работи за професионалци со долгогодишно искуство во областа во која работат и кои во текот на работното време освен професионалните обврски не се занимаваат со ништо друго.

Вашите претходници, министри за труд и социјална политика иако со различни идеологии од нашите, покажуваа респект и почит кон нашиот професионализам и сериозен приод кон професионалните обврски при тоа не делејќи ги државните службеници на наши и ваши. Вашата тортура и психички притисок особено доби во интензитет во првите минути откако ставивте потпис во Собранието на РМ како министер за труд и социјална политика на 18.05.2016 година. Таквото ваше однесување и сите активности што ги превземавте против нас уште во првите 24 часа од вашето “владеење“, а и потоа, се спротивни на сите закони, кодекси, етики и меѓународни документи кои Република Македонија ги има ратификувано а се однесуваат на почитување на достоинството и интегритетот на ЧОВЕКОТ.

Да ви поедноставиме, тоа што не бркавте нас, кабинетските државни служебеници  во кабинетот на поранешната министерка д-р Фросина Ташевска Ременски уште на 18.05.2016 од работните простории, што обезбедувањето по ваша наредба вршеше претрес на вработените во кабинетот на министерката Ременски, што не ни дозволивте пристап до работните места утрото на 19.05.2016 година пред очите на останатите вработени, тоа што лица овластени од вас испраќаат известувања да иселат раководни лица од канцеларија без да им обезбедите друга, што ги одземете персоналните компјутери, бироа, столчиња, принтери, службени телефони, сим картички и слично само на луѓето од Кабинетот на Ременски кои истовремено се долги години дел од министерството, ја покажува вашата нетолерантност и одмаздољубивост кон лицата кои професионално и служат на државата а не се обоени со вашите идеолошки бои.

Криејќи се зад известувањата потпишани од лица овластени од вас кои послушно ги спроведуваат вашите нарачани закани, вршите кршење на основните човекови права, тортура и мобинг, притоа овластувајќи лица кои не така одамна дошле во министерството да се иживуваат, тероризираат и понижуваат професионалци кои работат повеќе од десет, петнаесет години во министерството и директно биле вклучени во креирањето на политиките и нивно спроведување секој во областа во која работи.

Затоа ви укажуваме, да не ни го рушете нашиот професионален интегритет и достоинство, нашето здравје и да не оставете да работиме професионално, во согласност со законите и должностите, а во интерес на граѓаните без притисоци и малтретирања со разно разни известувања, писмени и усни наредби кои немаат законска основа ниту се во корелација со било кои позитино правен пропис во државата туку се израз на вашето самоволие и грубо кршење на нашите работнички и човекови права.

Насилно може да отварате канцеларии, на лицата од Кабинетот на Ременски да ги одземете компјутерите, принтерите, бироата, столчињата, алатките за работа, но не можете ништо да смените во нивните работни способности, капацитети и професионални признати успеси.Овде би ве запрашале дали откако ќе го спроведете тоа односно ќе не оставите без основните средства за работа со кои сме задолжени уште со нашето вработување како државни службеници во министерството,  планирате вие и од вас овластените лица да ни обезбедите игли и конец за плетење или самите треба да ги набавиме?

Или можеби планирате да одите уште понатаму??? И на крај, доколку мислите  дека со ваквото ваше постапување ќе предизвикате страв и “скршени кичми“ кај нас професионалците во министерството, мора да ве разочараме: ТОА НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ СЛУЧИ.

Напротив, со сите расположливи средства  кои се предвидени во механизмите за заштита на основните права на вработените во државната администрација и меѓународни ратификувани документи, ќе ви се спротиставиме и ќе ви докажеме дека вашите постапки се израз на едно тоталитарно и деспотско однесување на претпоставен кон вработените. Ве известуваме дека со содржината на овој допис покрај вас ќе биде запознаена и јавноста во Република Македонија преку медиумите, како  и сите релевантни домашни и меѓународни институции.

 

Јованка Тренчевска, советник

Наташа Методијева, соработник

Јасмина Јовановска, раководител на одделение

Зихра Мемети, раководител на сектор