Ако пред десеттина години го ,,обесија’’ Свети Валентин, односно кадифеното розево мече кое е еден од симболичните подароци за празникот, среде градскиот плоштад во Кавадарци, праќајќи порака дека во Тиквешијата се слави само Свети Трифун, денес жителите на лозарските градови Кавадарци, Неготино и Демир Капија очигледно повеќе немаат предрасуди и проблеми околу прославата на двата празници истовремено.

На градските плоштади, каде денес ќе се случува свеченото закројување на виновата лоза и е предвидена културно – уметничка програма, можат да се забележат штандови со вино и ракија, но и тезги на кои се продаваат кадифени мечиња, срциња, цвеќе… Христијанскиот Свети Трифун и католичкиот Свети Валентин се споија во едно, па граѓаните истовремено ги слават и виното и љубовта.

И во локалните продавници излозите се преполни со сувенири кои ја симболизираат љубовта, а продавачките велат дека како изминуваат годините, се е поголема нивната побарувачка.

-Порано повеќе ги купуваа тинејџери, но денес се случува и возрасни да си подарат плишано срце и да се израдуваат со романтичниот гест. И сами гледате, одат како алва, речиси секој излегува со по некое плишано срце или цвет во рака – раскажуваат тие.

Околу тоа како навистина Свети Валентин станува и наша традиција, кажува и податокот што вечерва во Неготино, во забавниот дел од програмата ќе се читаат хумористично – поетски ангдоти за виното и љубовта, а ќе има и изненадување за посетителите најавено како Медени слатки срца, подари со љубов. И кавадарчани ќе имаат можност да уживаат вечерва во најубавите љубовни балади на Владо Јаневски, кој ќе одржи концерт на градскиот плоштад. И покрај дождливото време, на плоштадите во Тиквешијата уште од раните утрински часови започна да излегува народ.

Вики Клинчарова

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.