Во сабота ќе биде познато дали Англичанецот починал од ебола

by Фокус

Во текот на денешниот и вчерашниот ден не е пријавен друг случај со слични симптоми на ебола, изјави Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита.

Таа истакна дека телото на 58-годишниот починат Англичанец, Колин Џефри, е ставено во специјален лимен сандак во посебна просторија, која е дезинфицирана. Телото не е дадено на обдукција, туку само се испратени материјали на клиниката во Хамбург, а резултатите би требало да пристигнат во сабота попладне.

Костовска објасни дека во хотелот, каде што престојуваше Англичанецот, постојано има медицински надзор, се разговара со сите 25 луѓе во карантинот и се следи нивната здравствена состојба.

Лекарите кои го донеле пациентот од хотелот исто така се под надзор на Клиниката за инфективни болести и станува збор за околу десетина медицински лица.

„Можам да потврдам дека неговиот бизнис колега со кој биле заедно во хотелот е добро, нема симптоми слични на неговите, но сепак е во карантин. Во карантин во хотелот се држат 25 лица, а на Инфективна клиника во карантин има 10 граѓани, меѓу нив и екипа на Итната помош. Тие немаат знаци како починатиот. Денеска темелно се дезинфицира собата во која тој беше сместен на Инфективна, а во хотелот има постојано болничка екипа со нашите и странците кои се во карантин“, рече Костовска.

Починатиот странец и неговиот колега во Македонија пристигнале на 2 октомври, поради бизнис интереси, а како што дознаваме, починатиот претходно работел како светник во македонската влада.

Поврзани новости