Во Кавадарци првото родено бебе е од Неготино!

by fokus

Во Новата година првото родено бебе во кавадаречката болница е од Неготино, односно од неготинското село Криволак.

Машкото новороденче на семејството Ганчеви се родило во 5:25 часот на први јануари, а набргу потоа скромни подароци добило од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и директорот на болницата, Др. Диме Коцев.

Причината што во Кавадарци се раѓаат бебиња од Неготино и неготинските села е што во Неготино повеќе од десет години не работи породилното одделение, па трудниците се принудени со породилни болки да се возат до Кавадаречката болница.

Како еден вид на компензација поради затвореното породилно, но и како мерка за зголемување на наталитетот, во 2013 година поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов воведе субвенции за новороденчиња во износ од 7.000 денари за прво и второ, и 14.000 денари за трето родено бебе. Мерката беше укината минатиот месец од неговиот наследник, новиот градоначалник Тони Делков, поради, како што изјави, долговите и тешката финансиска состојба која што ја затекнал во општината.

И додека Неготино остана без субвенциите за новороденчиња, Кавадарци од лани започна со субвенции од 6.000 денари за секое новороденче.

-Нашето прво новороденче годинава ни е од Неготино и тоа треба да ни биде гордост. Ние сме регионална болница која со тек на времето треба да се шири – изјави Јанчев пред регионалните медиуми.

Лани во кавадаречката болница се родиле 417 бебиња од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и околните села.

Вики Клинчарова

Поврзани новости