Во чии џебови завршуваат парите на граѓаните на Гостивар, Кичево и Тетово?

by Фокус

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Општините трошат милионски суми кон приватни компании заради остварување на планираните програмски активности и проекти, кои всушност значат изградба на локални улици, комунална инфраструктура, локално осветлување… Но, типично е тоа што една или неколку компании добиваат најголем број од тендерите, односно се носители на највисоките договори за јавни набавки, кои главно спаѓаат во доменот на градежништвото.

Центарот за граѓански комуникации, кој го мониторира трошењето на јавните пари, констатирал дека општините трошат се повеќе пари од година во година, кои завршуваат кај неколку компании. Па, ако во 2014 година сите општини, плус Градот Скопје, преку јавни набавки потрошиле 120 милиони евра, во 2015 година потрошиле вкупно 126 милиони евра, од кои половината, односно 63,3 милиони евра, им биле доделени на 34 фирми, додека другата половина ја делат дури 1.323 фирми.

Во дури 60 општини, една фирма добила 25 отсто од вредноста на тендерите, па нагоре. Во некои општини е забележана и класична доминација на една фирма, односно удел поголем и од 50 отсто. Ваквата состојба може да биде оправдана за општините кои имаат многу мал број тендери, но секако укажува на дисторзии кај поголемите општини“, објави ЦГК.

Доминацијата на мал број фирми на тендерите на локално ниво продолжува и во 2016 година, кога биле потрошени 142 милиони евра за јавни набавки. Притоа, првите 10 фирми со најголемо учество на тендерите добиле дури 30 отсто од вкупната вредност на јавни набавки на сите општини, односно 42,2 милиони евра, а просечно вредноста на еден склучен општински договор за јавни набавки лани изнесувала 35.718 евра, што е за 14 отсто повеќе отколку во 2015 година.

Впрочем, ваквите наводи не ги одминуваат ниту трите општини што се предмет на интерес на оваа истражувачка сторија – Гостивар, Кичево и Тетово, кои, исто така, најголем дел од парите ги насочуваат за градежни активности кон неколку компании. Оттука, се поставува прашањето дали секоја општина фаворизира свои фирми, или едноставно нема доволно конкуренција на пазарот на локално ниво, па затоа изостанува и поголема и поразновидна понуда.

ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНА НАБАВКА САМО СО ЕДНА ОПШТИНА

Актуелен градоначалник на Гостивар е Невзат Бејта, кој го привршува вториот мандат на чело на општината. Тој за првпат беше избран за градоначалник во 2005 година, но на локалните избори во 2009 година беше поразен од Руфи Османи, кој ја предводеше општината до 2013 година, кога Бејта повторно се врати на градоначалничката функција. Заедно со ваквите политички промени на локално ниво, стапуваат на сцена и неколку компании кои добиваат најголем дел од општинските тендери.

Пресметките врз основа на податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека во периодот од 2013 година досега, кога Бејта го тера вториот градоначалнички мандат, општината склучила договори за јавни набавки во вкупен износ од над 11,5 милиони евра. Во овој четиригодишен период, општината најмногу договори склучила со „Магнум Транс Р“, чија вкупна вредност е повисока од вредноста на тендерите што ги добиле другите компании.

Како поткрепа на тоа, ако Гостивар со „Магнум Транс“ склучил петнаесет договори во вкупна вредност од над 1,5 милиони евра, тогаш во истиот период склучил девет договори со „Пелагонија АД“ во износ од 1,26 милиони евра, два договора со „Поли Пројект“ од над 400.000 евра, два договора со „Коп-Инженеринг“ од 395.000 евра, три договори со „Гартен Бау Цели“ од 258.500 евра, три договори со „Дон-Хаус“ од околу 120.000 евра итн.

Она што дополнително го карактеризира „Магнум Транс“ е тоа што оваа компанија и пружала јавни работи и услуги исклучиво на Општина Гостивар, и тоа претежно во периодот кога Бејта бил градоначалник, додека за време на мандатот на Османи од 2009 до 2013 година компанијата не фигурира како носител на договор за ниту една јавна набавка.

Поточно, во 2009 и во 2012 година „Магнум Транс“ буквално не инкасирала никакви јавни средства, додека во 2010 и во 2011 година била дел од десетина компании кои ги добиле општинските тендери од околу еден милион евра за изградба и реконструкција на патишта, улици, тротоари, патеки и спортски терени.

СОРАБОТКА СО ЕДЕН, КОНФРОНТАЦИЈА СО ДРУГ ГРАДОНАЧАЛНИК

Информациите од Комисијата за жалби по јавни набавки говорат оти за време на мандатот на Османи, „Магнум Транс“ обжалил неколку постапки за јавна набавка на општината, незадоволен што бил исфрлен од игра, иако, како што наведува во жалбите, бил најповолен понудувач. Во прилог на тоа, компанијата го обжалила тендерот на Општина Гостивар за зимско одржување на улиците и набавка на индустриска сол во 2011 година, објаснувајќи дека била најопремен понудувач, кој претходно успешно ја давал наведената услуга.

Надлежната комисија ја уважила жалбата и го вратила предметот на повторно одлучување, со образложение дека општината ја повредила постапката при евалуацијата на понудите, со што сите заинтересирани немале еднаков и рамноправен третман. Додека општината од „Магнум Транс“ барала дополнителна документација, на дел од другите компании што го добиле тендерот им прогледала низ прсти во поглед на потврдите за платени даноци и придонеси, стои во решението на Комисијата.

Колку за споредба, овој тендер тогаш бил поделен на седум дела, но, откако Бејта се враќа на градоначалничката функција во 2013 година, тендерот за истата намена не се дели на повеќе лота, туку се спроведува во целост и секоја година го добива токму „Магнум Транс“.

Инаку, тековната состојба открива дека основач и управител на оваа компанија за транспорт, трговија и услуги е Џемил Мустафи од Гостивар. Компанијата е формирана во 2002 година, што коинцидира со периодот кога ДУИ, чиј потпретседател моментално е гостиварскиот градоначалник, се формираше како политичка партија и за првпат дојде на власт.

За време на претходната администрација на Османи, оваа компанија работеше со општината, но во многу помал обем, дали за завршување на работи добиени за време на претходниот мандат на Бејта, или, пак, за неколку нови тендери, во далеку помал обем од сега – вели пратеникот Фадиљ Зендели, кој за време на мандатот на градоначалникот Османи беше претседавач со Советот на Општина Гостивар.

Од Општина Гостивар, пак, тврдат дека сите јавни набавки се спроведени согласно законот, така што локалната самоуправа не фаворизирала ниту една компанија, туку секогаш го избирала најповолниот понудувач.

Секоја јавна набавка завршува со е-аукција и изборот на најповолниот понудувач се врши по изготвување на конечниот извештај. Условите кои се бараат од страна на општината за изведување на градежни работи се во согласност со Законот за градење, додека за набавка на стоки, согласност добиваме од Советот за јавни набавки“, велат од општината.

ПРИЛИВ ОД ТЕНДЕРИ, ОДЛИВ ЗА АКЦИИ

Како што е познато, Општина Кичево ја управува уште еден висок функционер на ДУИ – Фатмир Дехари, кој е прв градоначалник – Албанец на оваа општина. Откако Дехари стана градоначалник во 2013 година, Кичево по пат на јавни набавки до денес потрошило околу 7,3 милиони евра. Исто така, и овие тендери ги добиваат неколку компании.

Една од нив е „АС Сењак“, која во последните четири години склучила договори со Општина Кичево во вкупен износ од 1,83 милиони евра. Оваа компанија е носител и на највисокиот договор што го склучила општината за реконструкција на булеварот „Ослободување“, склучен во 2014 година, во износ од 975.500 евра, и тоа во повторена постапка.

Официјалните податоци од Централниот регистар говорат оти оваа компанија е основана во 2000 година од Селаудин Арифи. Истовремено, тој е и управител на друштвото со седиште во Горно Пашино, кое своевремено спаѓаше во општина Осломеј, од каде што потекнува и кичевскиот градоначалник Дехари.

Оваа компанија беше прилично анонимна за пошироката јавност се до 2013 година, кога берзата извести дека и платила 1,88 милиони евра на Стопанска банка АД Битола за 18 отсто од акциите со право на глас на скопската фабрика за чоколади и бонбони „Европа“. На тој начин, „АС Сењак“ стана трет по големина акционер во друштвото за кондиторски производи, веднаш по „Фершпед“ и „Макошпед“, а Арифи денес е член на Надзорниот одбор на „Европа“.

Од кичевската компанија не добивме одговор како одлучиле да влезат во „Европа“ и во бизнисот со кондиторски производи, но финансиските извештаи на компанијата откриваат дека во споменатата 2013 година „АС Сењак“ остварила приходи од 3,73 милиони евра, повеќе од двојно од сумата потрошена за акциите на „Европа“. Во годините што следуваат, пак, нема драстични промени ниту кај приходите, ниту кај добивката.

Како и да е, други компании добиле повеќе тендери од Кичево чија вкупна вредност е отприлика иста како и сумата што ја инкасирал „АС Сењак“ од само четири договори. Една од нив е „Линди Џабироски Сабит“, која од 2013 година досега склучила 10 договори со општината, во вкупен износ од над 1,8 милиони евра. По неа следува „Инсталација Исмаил“, која, пак, во последните четири години склучила 17 договори, во вкупна вредност од 1,79 милиони евра.

За разлика од „Линди Џабироски Сабит“, која работела исклучиво со Општина Кичево, и тоа на чело со Дехари, „Инсталација Исмаил“ соработувала со Кичево и во време кога ја раководеле кадри од ВМРО-ДПМНЕ, но и со други договорни органи, пред се ЕВН.

ЕМ ТЕНДЕРЏИИ, ЕМ КОНЦЕСИОНЕРИ

Уште еден тендерџија на Општина Кичево што привлекува внимание е фирмата „Перпарими“. Историјатот на промени покажува дека оваа компанија, чиј сопственик и управител е Касум Реџепи, основана е далечната 1998 година во селото Строгомиште, кое паѓаше под поранешната општина Зајас, родното место на лидерот на ДУИ Али Ахмети, но во меѓувреме компанијата го преселила седиштето во Кичево.

Во состав на компанијата, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради, влегува и сепарација за дробен камен во кичевското село Бигор Долненци. Арно ама, во Регистарот на доделени концесии за експлоатација на минерални суровини, изготвен од страна на Министерството за економија, никаде не стои фирмата „Перпарими“.

Сепак, меѓу концесионерите може да се сретне акционерското друштво „Тајмиште“, кое се доведува во релација со сопственикот и управител на „Перпарими“ – Реџепи. Имено, според годишните извештаи објавени од Комисијата за хартии од вредност, тој во 2011 година поседувал над 8 отсто од акциите, но во 2013 година паднал под 5 отсто, имајќи предвид дека од таа година наваму Реџепи не фигурира меѓу акционерите со над 5 отсто, кои од 2014 година до денес има обврска да ги објавува Централниот депозитар на хартии од вредност.

Ова акционерско друштво, кое главно се занимава со рударство, има договор за експлоатација на железо токму во рудникот „Тајмиште“ од 2014 година на територија од четири квадратни километри за експлоатација. Истовремено, друштвото има уште еден договор за концесија за доломит и доломиризирани варовници на територија од 1,89 квадратни километри, токму во Бигор Долненци. Откако истекол првиот договор склучен во 2000 година, во 2007 година бил склучен нов, кој потоа бил усогласен во 2014 година.

Во недостиг од одговори што ги побаравме од „Перпарими“ и „Тајмиште“, ни преостанува да заклучиме дека врз основа на концесијата на „Тајмиште“ најверојатно функционера подружницата на „Перпарими“, чиј сопственик и управител е акционер во ова друштво, а како компензација можеби отуѓил дел од акциите или правата што произлегуваат од нив.

Патем, денес најголем акционер на АД „Тајмиште“, кој денес поседува 28 отсто од акциите е Владимир Толески, градоначалник на Кичево во периодот од 2005 до 2009 година, избран како независен кандидат со поддршка на ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски. Веднаш по него, градоначалник стана Благоја Деспотовски од редовите на ДПМНЕ на Никола Груевски, кој ја водеше општината од 2009 до 2013 година, кога се склучени серија договори со „Тајмиште“, меѓутоа најплодна соработка е реализирана со градежната компанија „Гранит“.

Во мое време, тендерите ги спроведуваше тендерска комисија која беше најстручна можеби во целата држава. Тогаш, можам да кажам дека општината за градежни работи соработуваше со компанијата „Гранит“, додека помал дел добиваа и други компании. Сега не знам каква е ситуацијата – кусо ни изјави поранешниот кичевски градоначалник и актуелен пратеник Деспотовски, кој негира секаква врска и блискост со Толески.

КОНЦЕНТРАЦИЈА НА МИЛИОНСКИ СРЕДСТВА КАЈ ЕДНА КОМПАНИЈА

Една од најбогатите општини – Тетово, ја предводи уште еден потпретседател на ДУИ – Теута Арифи. За време на нејзиниот мандат од 2013 година до денес, општината преку тендери потрошила над 11 милиони евра. И во овој случај, неколку компании добиваат најголем број од тендерите, при што некои од нив имаат исти сопственици и управители, што значи дека уште повеќе до израз доаѓа концентрацијата на општинските пари на едно место.

Носител на највисоките договори е „НБ-Цомпану“, која, според базата на податоци изготвена од Центарот за граѓански комуникации, во 2014, 2015 и во 2016 година склучила договори со општината чија вредност надминува 40 отсто од вкупно потрошените општински пари преку тендери. Конкретно, двете страни склучиле два договора во 2015 и во 2016 година за интервентни санационо – градежни работи на инфраструктурни објекти вo Тетово во вредност од 1,13 милиони евра, односно 1,3 милиони евра, како и низа други договори, чија вкупна вредност е над три милиони евра.

Со Општина Тетово работиме од 2007 година и добиените работи се земени според позитивните законски прописи и Законот за јавни набавки, што значи дека сме ги исполнувале сите услови предвидени во објавените јавни набавки, како што е техничката опременост, како и најповолна финансиска понуда, после спроведување на е-аукција. Тоа значи дека компанијата не е ниту може да биде фаворизирана од страна на Општина Тетово“, тврдат од „НБ-Цомпану“.

Од таму додаваат дека соработувале и со други институции и договорни органи. Но, заедничко за дел од нив е што се раководени од кадри на ДУИ, барем оние со кои компанијата ги склучила најголемите договори. Во таа смисла, компанијата склучила високи договори со Министерството за образование и со Министерството за животна средина, кога двата ресора ги водеше генералниот секретар на оваа партија Абдулаќим Адеми.

Па, така, со Министерството за образование го склучила највисокиот договор во износ од 32,7 милиони евра за изградба на студентски домови, по што следуваат уште два договора за санација и адаптација на неколку блока од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во вкупна вредност од 3,7 милиони евра. Со Министерството за животна средина, пак, компанијата склучила договор за изградба на втора фаза од тетовскиот водовод од 1,87 милиони евра.

Сопственици на оваа градежна компанија, основана во првата половина од 2007 година, се Бурим Ибиши и Насер Ибиши од тетовска Мала Речица. Арно ама, семејството Ибиши поседува уште една компанија со сличен назив – „НБ-Транс Компану“, основана неколку месеци подоцна, која склучила два договора со Тетово за зимско одржување на улиците и патиштата во вкупна вредност од над 150.000 евра.

ЈАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ И ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ

Понатаму, општината склучила високи договори и со други компании, меѓу кои „Про-Инженеринг“, со која општината склучила три договори во вкупен износ од 793.500 евра. Сопственици на оваа градежна компанија, основана во 2011 година, се Муса Муслија од селото Градец и Ибраим Ферати од селото Жеровјане, додека управител на друштвото е Нермин Мустафи.

Комисијата за спречување корупција минатата година му изрече јавна опомена на Муслија поради тоа што истовремено бил и директор на компанијата и член на Одборот на директори на новоформираното Акционерско друштво „Водостопанство“, што претставува судир на интереси. Поради тоа, тој беше принуден да се повлече и да му го препушти менаџментот на компанијата на Мустафи. Од „Про-Инженеринг“ не добивме одговор дали Муслија е назначен на оваа функција како предлог на „интегративците“.

Уште една компанија со која соработувала Општина Тетово е „Голец Транс“, која склучила три договори со општината за време на мандатот на Арифи во вкупна вредност од 268.000 евра. Оваа компанија, основана во 1992 година од Амди Љатифи од Желино, се наоѓа на листата на донатори на ДУИ за последните парламентарни избори.

Како што потврдува извештајот што партијата го доставила до Државниот завод за ревизија, „Голец Транс“ за првата половина од изборната кампања донирала нецели 30.000 евра, што е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, со оглед дека компанијата во исто време вршела јавни услуги.

Имаме добри односи со сите релевантни политички партии во земјата, како и со сите други приватни компании. Нашите односи се изградени врз основа на нашата сериозност во работата како компанија, која постои повеќе од 30 години на пазарот. Тендерите кои сме ги добиле се како резултат на исполнување на бараните услови и најповолна понудена цена“, велат од компанијата и истакнуваат дека донираните средства им биле вратени во рамките на законскиот рок.

СОПСТВЕНОСТА НЕ Е КРИТЕРИУМ ВО ТЕНДЕРСКИТЕ ПОСТАПКИ

Од Општина Тетово велат дека спроведувањето на јавните набавки се базира исклучиво на правните прописи што ја уредуваат оваа проблематика, почитувајќи ги начелата за отвореност и транспарентност, конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација на сите учесници во постапката, интегритет во процесот и рационално и ефикасно искористување на средствата.

Од таму уверуваат дека внатрешното уредување и сопственичката структура на економските оператори воопшто не е предмет на разгледување од страна на комисиите кои ги спроведуваат набавките, ниту, пак, на некој друг во општината, туку, како што нагласуваат, при секоја набавка настојуваат да обезбедат конкуренција, со цел да се избере најповолна понуда.

Причината зошто во некои постапки учествува мал број на економски оператори стои во подолгите рокови на плаќање на нарачаниот предмет на набавката, кои честопати ги бараат општините поради финансиските потешкотии што честопати ги имаат. Заради ова, економските оператори со пониска економска моќ се обесхрабруваат да конкурираат во големи инвестициски проекти кои бараат нивна поголема ангажираност и располагање со поголема економска способност“, велат од општината раководена од Арифи.

Во секој случај, сѐ што беше изнесено, не само што ги потхранува сомнежите, туку претставува своевидна верификација на хипотезата дека најголем број од тендерите, особено оние со поголема вредност, се концентрираат кон неколку компании. Згора на сѐ, дел од нив можат директно или индиректно да се поврзат со сегашни и поранешни функционери, па дури и со политички партии што се на власт, од каде што, патем речено, доаѓа функционерот што ја води општината со која соработуваат.

Иако навидум изгледа дека сѐ е во ред, дел од упатените велат дека тендерите се штелуваат на суптилен начин, така што фаворитот што треба да го добие договорот однапред ги знае условите, па врз основа на нив може да ја приспособи понудата. Генерално, велат познавачите, целта е извлекување на народните пари на приватни адреси, кои потоа се користат за богатење поединци, но и за политичко-партиски цели.

Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциската комисија
КОМПАНИИТЕ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ДОБИЈАТ ТЕНДЕРИТЕ ОДНАПРЕД ГИ ЗНААТ УСЛОВИТЕ

Очигледно е дека на тендерските постапки, сите договорни органи, вклучително и општините, фаворизираат едни на сметка на други компании, смета Ариф Муса, поранешен член на Комисијата за спречување на корупцијата.

Тоа се прави на тој начин што постапката не е фер, односно компанијата што треба да го добие тендерот однапред ги дознава условите, па понудата ја приспособува на самите услови. Потоа, фаворизираната компанија што го добила тендерот работи без контрола во однос на квалитетот и на рокот на испорачување на услугата или извршувањето на работите, а кога знае дека работи без мониторинг, работи полошо отколку некоја компанија која на фер начин го добила тендерот – вели Муса.

Петар Гошев, екс гувернер на НБРМ и министер за финансии
ВЛАСТА ПРЕКУ СВОИ КОМПАНИИ ГИ ИЗВЛЕКУВА НАРОДНИТЕ ПАРИ

Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка и министер на финансии, вели дека најголем дел од компаниите што се формирани по доаѓањето на оваа власт на централно или на локално ниво, се формирани како инструмент за извлекување на јавните и народните пари во приватни џебови.

Оние компании основани претходно, пак, биле флексибилни и се приспособиле на ситуацијата, за да можат да работат. Бизнисмените не може да работат профитабилно доколку не добиваат тендери, а не можат да добијат тендер ако не се подобни. Тендерите се штелуваат преку условите, но се местат и на погруб начин – се поништуваат електронски аукции и се спроведуваат нови – посочува Гошев.

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Анти-корупциска вест на локалните медиуми”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

Поврзани новости