Вмровскиот пратеник што го бранел Груевски од Љубчо, изградил хотел во луксузен кварт во Благоевград!

by Фокус

Текстот е објавен на 13 јули 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 889

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека насекаде за најголеми ѕвезди важат пејачите и актерите, кај нас главни фаци од општествениот живот се политичарите, бидејќи нивната парада низ јавниот простор привлекува најголемо внимание. Притоа, народот својот поглед најчесто го фокусира и најдолго го фиксира на директните експоненти во политиката, претежно, на оние кои во моментот ја водат државата. Така, граѓаните коментираат за јавните настапи, приватниот живот и за личното богатство на политичарите кои се на истурени позиции во партиите и во институциите, па многупати неправедно ги занемаруваат тие што дејствуваат во втор план, или од заднина.

Колку за поткрепа на претходната теза, премиерот Никола Груевски, шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, министрите Зоран Ставревски и Гордана Јанкуловска, како и пратениците од првите собраниски клупи Влатко Ѓорчев, Илија Димовски, Силвана Бонева, се „џуџиња” во споредба со пратеникот Васил Пишев, по прашањето колку официјално тежи нивното ќесе. Иако Пишев важи за повлечен и мирен народен избраник кој најчесто се јавува за збор кога реплицира, неговото имотно досие е прилично импозантно. Секако, тоа само од себе не мора да значи дека вмровскиот пратеник од Струмица е инкриминиран, но не може ниту да биде случајно јавен функционер да поседува значителен недвижен и движен имот.

БОГАТО КОНТО

Од она што Пишев пријавил до антикорупционерите како официјална имотна состојба, произлегува дека поседува земјоделско земјиште во Струмица во вкупна вредност од девет милиони денари, земјоделско земјиште во Гевгелија во вредност од еден и пол милион денари, како и земјиште во Дојран од половина милион денари. Исто така, има куќа и двор во родниот град од 28,5 милиони денари и стан во Скопје од пет милиони денари. Притоа, на свое и на име на брачниот другар навел четири моторни возила, сопственички удели во исто толку фирми и низа банкарски депозити, иако билансот малку го пореметува еден долг во форма на кредит.

Арно ама, од сѐ што е приложено, најголемо внимание привлекува тоа што на негово лично име стои деловен простор во изградба (веќе изграден), паркинг простор и стан во бугарскиот град Благоевград. Во обем, реалниот посед на струмичкиот пратеник во овој град на западната страна на источниот сосед може слободно да се помножи со два, бидејќи истото стои и кај неговата сопруга. Затоа „Фокус” го праша овој функционер како го стекнал богатството и што го одвело отаде границата, каде што заедно со семејството има два стана и гради деловни објекти со паркинг простор, сето тоа во вкупна вредност од речиси осумдесет милиони денари?

– Јас како стопанственик низ целиот мој живот, одамна бев поврзан со Бугарија како бизнисмен кој се занимава во производство и трговија со масло. Моментално во Благоевград имам хотел кој го изградив последниве години, релативно на страна од центарот на градот, кон планината. Но, како што криза е насекаде, така и во Македонија, па и во Бугарија работата драстично опаѓа – го почна разговорот Пишев, со кого се сретнавме во македонското Собрание.

Инаку, станува збор за хотелот „Парк Бочиново”, кој се наоѓа во близина на националниот парк Рила, каде што е лоцирана резиденцијата на поранешниот бугарски комунистички лидер Тодор Живков. Во непосредно опкружување се природниот парк Бочиново, долж реката Бистрица, каде што се наоѓа два и пол километарско шеталиште со аквапарк и базен, како и ски-патеката Бодрост. На официјалната интернет страница пишува дека се работи за нов хотел со три ѕвездички, кој располага со 36 соби, од кои 5 луксузни апартмани (еден за младоженци), софистициран ресторан со тераса, конференциска сала..!

ЕМ ПРАТЕНИК, ЕМ ДИРЕКТОР!?

Имено, пратеникот од градот под Беласица долги години ја води фирмата „Ал-макс”, формирана во 1997 година, која, според вмровски критериуми, е најцрниот период од бранковото владеење. Една година подоцна ќе изгради рафинерија за сончогледово масло. На интернет страницата на оваа компанија, чиј производствен капацитет се движи од 70 до 100 тони на час, стои дека има 2.500 трговски партнери од земјите во соседството, меѓу кои е и Бугарија. Од сајтот на регионалната струмичка стопанска комора може да се извлече информација, дека вмровскиот пратеник сеуште е директор на оваа компанија, што освен морални дилеми за разграничување на бизнисот и политиката покренува прашање – дали постои судир на интереси?

Во таа насока, според Законот за Собрание, функцијата пратеник е неспоива со вршење на други јавни функции или професии, а според Закон за спречување на судир на интереси, службено лице не смее на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесување одлуки, со цел да постигне приватен интерес или корист за него или за негови блиски лица.

Членот 9 од овој закон, пак, предвидува доколку службено лице пред да стапи на функција управувал со трговско друштво, должно е управувањето да му го довери на друго лице или тело. Всушност, дефиницијата за судир на интереси гласи:
„Состојба кога приватниот интерес на службеното лице е во спротивност со јавниот интерес, овластувања и должности или кога приватниот интерес влијае или може да влијае врз неговата непристрасност при вршење на работите од јавен интерес, овластувања и должности.

Судир на интереси постои кога со вршење на службено или друго дејство директно или индиректно се влијае врз материјалните или нематеријалните интереси на службеното лице или на членовите на семејството, додека блиски лица се лицата во брачна или вонбрачна заедница, роднини под крв по права или странична линија до четврти степен”.

Меѓутоа, бизнисменот кој го тера првиот пратенички мандат како избраник од најголемата владејачка партија тврди дека се повлекол од директорската позиција во семејната фирма, односно таму назначил друг управител, слично како што сторил со хотелот во Благоевград. И покрај тоа што други луѓе ги водат фирмите, сепак, тој признава дека врши надзор и контрола на бизнисите. Сепак, според него, нема ништо спорно меѓу неговите активности во приватниот сектор и пратеничката функција, како од законски така и од етички аспект!

НИКОЛА ПОДОБАР ОД ЉУБЧО

Интересно е тоа што во политичките кругови се зборува оти тој нема вмровски бекграунд, односно, дека заедно со неговото семејство бил  левоориентиран, што го демантираат од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека струмичкиот пратеник отсекогаш бил близок до десницата.

– Отсекогаш сум близок до ВМРО-ДПМНЕ, иако немам хипотеки ниту долгови кон партијата, бидејќи јас сум ја помагал финансиски. Бев близок и со Љубчо Георгиевски, но за време на расколот во 2004 година застанав на страната на Груевски како човек кој ветуваше зачувување и развој на државата и тогаш го спречував одливот на кадри од ВМРО-ДПМНЕ во ВМРО-НП – објаснува Пишев.

Токму премиерот Груевски е главната причина, зошто по толку години решил членот на парламентарната група за соработка со Бугарија да го замени бизнисот со политиката. Па, иако не значи дека ако некој директор стане јавен функционер, неговиот бизнис по автоматизам треба да згасне, во овој случај сосема легитимни се прашањата, чии интереси примарно застапува тој – јавни, политички или бизнис интереси, или пак, можеби се испреплетуваат сите три како резултат на неговите општествени ангажмани? И, како по обичај во вакви деликатни случаи, прашањата секогаш остануваат до крај нерасчистени!


Од законодавната до локалната власт
ПИШЕВ САКА ДА ГО ПРЕИСПИТА РАБОТЕЊЕТО НА ЗАЕВ

Пратеникот Пишев не исклучува дека ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Струмица, доколку меѓу апликантите на конкурсот го избере партијата. Тој вели дека има визија за развој на градот и дека има шанси да го победи до сега неприкосновениот Зоран Заев, кој, според него, се повеќе ја губи поддршката. За време на неговите два градоначалнички мандати, вмровскиот пратеник оценува дека градот бил жртва на милионски криминал, поради кој најавува ревизија како се трошеле општинските пари.

Специфично е тоа што неговиот трансфер од бизнисот во Собранието, кој еве може да заврши и во локалната самоуправа, во целост потсетува на патот на Заев од бизнисот преку законодавниот дом, па до градоначалничката функција во Струмица, каде на следните локални избори в година ќе се бори да заокружи 12 години локална власт!

Алтернатива за жолтата куќа
ВМРОВЦИ ОДРЖУВААТ СОСТАНОЦИ ВО БЛАГОЕВГРАД?

Една од шпекулациите во политичките кулоари е дека хотелот „Парк Бочиново” секоја недела е редовна дестинација на високи вмровски претставници од извршната и законодавната власт, кои наводно одржуваат важни состанок подалеку од центарот на сите збиднувања. Добро упатен функционер од ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа е шпекулација, бидејќи до сега ниту еден негов колега не го посетил неговото здание. Сепак, тој информира дека некои од нив добиле покана за посета на градот и на хотелот.


Двојни стандарди
ОПОЗИЦИОНЕРИТЕ НА ТАПЕТ, АКО ГИ „ПОМИРИСААТ” БУГАРИЈА И ГРЦИЈА!

Висок опозициски функционер смета дека крајно лицемерно е тоа што власта тера црна кампања кон еден од опозициските лидери поради неговата пробугарска ориентација и бугарофилството, кога претставници од власта тераат бизнис во Бугарија. Исто така, додава тој, смешно е кога провладините медиуми шират пропаганда дека опозиционер бил на одмор во Грција, кога вмровски перјаници џогираат на грчки плажи и пливаат во грчки води. Според него, секој има право како сака да го троши сопственото време и каде сака да ги троши своите пари!

Поврзани новости