Вмровска шоферска Пајажина

by fokus

Текстот е објавен на 25 март 2011 година во неделникот „Фокус“ во бројот 821

Вмровците упорно пропуштаат да се пофалат со еден успешно реализиран проект – вмровизацијата на здруженијата на возачи. Овој вирус зафати повеќе вакви асоцијации, а кулминира со парафирање на портокаловата боја и во централата во Скопје. Со оглед на тоа што заедничкиот именител на сите овие ѓоа граѓански преврати во навидум обични здруженија, се токму истакнатите вмровци, се добива јасна слика дека возачката мапа на Македонија изминативе години се плетела макотрпно со една суптилна вмровска пајажина!

Откако во кичевското здружение со Преродбата се препороди и таткото на Антонио Милошоски, лани и братот на министерот влегол во возачкиов портокалов филм – станал управител на Сојузот на здруженија на возачи на Македонија. Дел од вработените, пак, кои добиле отказ, сметаат дека благодарение на Милошовци станале социјални случаи. Но, Преродбата не запира, таа продолжува со истото темпо!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

ВМРО-ДПМНЕ е партија што остварува. ВМРО-ДПМНЕ е партија што има квалитетни идеи. ВМРО-ДПМНЕ е партија што реализира квалитетни проекти..!

Така започнува Отчетот за ,Преродбата во 100 чекори, стокмена за предвремените избори во 2008 година. Потоа ќе бидат набројани токму такви ,конкретни проекти реализирани со конкретна одговорност на луѓе со име и презиме за нивната реализација,.

Уште тогаш Никола Груевски знаеше дека таа програма ќе ги доведе до една значајна победа на изборите. Но, ќе појасни дека кога вели победа, не мисли на партиска победа. Имало нешто многу побитно од неа- државна и историска победа.

,Тоа ќе биде победа на чесноста, пред нечесноста, победа на работливоста, пред злоупотребата и неработливоста, победа на духот на малодушноста, победа на еден нов тип на работа, нов пример за тоа како треба да се однесуваат одговорни луѓе, победа на проектите со конкретни резултати … ќе навезе пастирот  во преробеничкото гобленче ,надградено и проширено,.

После три години, а во очи на претстојните предвремени избори, редно е да приговориме, ако треба и во амандманска форма, што, јали од скромност јали од брзање, вмровците пропуштија тогаш да регистрираат дека од 2006 до 2008 оствариле уште еден ,квалитетен проект,. Фактот дека го нема во графата ,Остваруваме, не прави посиромашни за сознанието- кој е конкретно одговорен со име и презиме за неговата реализација. Станува збор за проектот – вмровизација на здруженијата на возачи низ државата!

 

ВМРОВСКА ПАЈАЖИНА НА ШОФЕРСКАТА МАПА

Секако, од извршените преврати кои се редеа во низа, по исто или барем слично сценарио, најмногу се офајдија вмровци, но, согласно прогласот на Груевски, веројатно и ова може да се третира не како партиска туку како ,државна и историска победа,. Тоа што веќе добар дел од локалните возачки асоцијации ги управуваат истакнати вмровски кадри, сигурно ќе го вреднуваат како ,победа на чесноста наспроти нечесноста,. Според оние, пак, што беа сменети, со се оние кои дополнително добија и откази, целиов проект е изведен на ,софистициран мафијашки начин,. Кој е во право, кој е во криво, односно има ли криминал во целава операција, при толку многу актери во целава ,возачка игранка, е надвор од можностите на едно обично новинарско истражување!

Сепак, со оглед на тоа што заедничкиот именител на сите овие ѓоа граѓански пучеви, во навидум обични здруженија, се токму истакнати вмровци, се добива јасна слика дека возачката мапа на Република Македонија е плетена макотрпно со една убава вмровска пајажина во која се залепија едно чудо преродбеници. Фактот дека се водат дузина судски спорови од сите области- управни, кривични, работни, а досијето со сите возачки ,приказни, содржи илјадници страници, засега придонесе единствено да го зголеми обемот на судиската работа. Без овој проект на Преродбата, судовите ќе беа посиромашни за можеби 5 отсто од предметите!

Она што е конкретен повод за уште едно наше навраќање на оваа тема е токму судбината на некои правосилни и извршни судски одлуки кои засега немаат поголема правна сила од што има, простете на израз, некаков ,гз папир,.  Екс секретарот на кавадаречкото, Димче Стевановски иако истерувал правдина од основен преку Врховен до Управен суд, и има пресуда во своја корист, се уште се води како екс секретар. Овластените од Централен регистар одбиваат да извршат промени во регистарот иако Управниот суд донел одлука со која им наложува да го избрише ,новиот, односно, барањето за бришење на уписот направен врз основа на ништовни одлуки го одбиле како неосновано!

Зоре Којчески екс благајник на кичевското здружение на возачи, каде со Преродбата се препороди Милош Милошоски, татко на Антонио Милошески, има извршно решение да биде вратен на работа. Арно ама и после повеќе од 2 месеци, се си е по старо. Уф, не баш се, оти во меѓувреме уште еден член од семејството на Милошоски влезе во возачкиов портокалов филм. Братот на министерот, Александар Милошоски станал управител на Сојуз на здруженија на возачи на Македонија. Дали со ова ,го победиле духот на малодушноста,- тешко е да се одговори, но, други двајца вработени од кичевското здружение во меѓувреме останаа без работа. Малодушноста нив дури сега со ваквата преродба ги зафати. Но, за тоа потоа!

Целта овојпат е само да си приповториме кој виде аир од вака реализираниот проект. Или, како што ќе поентира Груевски во продбеничкото обраќање во надградената програма: Кога еден ден ќе застанеме, ќе воздивнеме и ќе се завртиме назад, за да видиме што е тоа што се случувало во изминативе години,, ете и ние решивме да се завртиме назад, да воздивнеме и да видиме што ,дешавки, ги беа зафатиле возачките асоцијации. Сепак, дали ќе видиме ,период исполнет со работа, со успеси, со подвизи, со заеднички победи, како што тој сугерира, или, можеби само победа на партиските војници- е добра тема за проста дилема!

ОСТВАРЕНО СО САМО ШЕСТ ЧЕКОРИ

Во изминативе две години Фокус регистрираше ‘преврати’ во неколку чекори, не требаа 100, во возачките здруженија на Кичево, Неготино, Кавадарци, Битола, Гостивар, Велес … Зошто им се видоа примамливи овие граѓански здруженија на Груевци? Едноставно, овие ,фирмички, со решение од МВР се овластени да вршат технички преглед на возилата. Ова, пак, значи, добар прилив на пари. И добар ‘бренд’ за вдомување на своите луѓе. Ќе признаете дека на овој ,дупли ќеиф, тешко е да одолее дури и една гооолема преродба. Особено што дополнителен мотив и предизвик беше тоа што во овие возачки колективи, со години држеа банка воглавно сдмовци. Ете така главните партии ги третираат граѓанските организации!

Упатените велат дека вмровците токму во Кавадарци ‘се вежбаа’ или го пробиваа ледот. Но, за да ја сплетат пајажината, Груевци морале да сторат неколку чекори. За да ,остваруваат, во возачките здруженија морале прво да изменат неколку реченици во Законот за едношалтерски систем. И тоа е остварено во 2007 година. Та, првите месеци од преродбеничката влада, нели, треба да се делат ресори и функции по министерства, државни и јавни претпријатија, установи, управни одбори, надзорни … Веројатно откако им останале фазла неангажирани поданици, виделе поле за партиско орање и во возачките друштва. И измената на само еден законски член ги отвори ширум портите за неофицијалниот ,креативен проект,. Ако претходно Централниот регистар морал да потроши повеќе енергија за да внесе некого во регистарот, вмровците го претворија во своевидна удри- печат служба. Дали оваа законска ,реформа, беше скроена за да им ги олесни ,шоферските, афинитети или едноставно од неа потоа изникна проектот, и не е толку важно!

Вториот чекор беше многу попрактичен. Согласно ‘инструкциите’ од Законот за здруженија на граѓани, доволно е да се соберат една дузина возачи, може роднини, соседи, пријатели, кумашини, кои треба само да потпишат пристапница, да платат членарина и да добијат членска книшка. Третиот чекор е така здружени да преземат акција и одржат вонредно собрание. Тука веќе се прави кадровска преродба, која, согласно измените во законот, лесно се парафира во Централниот регистар.

Арно ама, уште има пат да се изоди, оти новодојденците потоа се соочуваат со ,аздисани, вработени, па следува четвртиот чекор. Се наоѓа начин тие да добијат шут карта. Ќе најдете или ако треба ќе измислите некакви злоупотреби од било каков материјал. Така автоматски ослободувате простор за парче леб за своите блиски сопартијаци и нивни блиски роднини.

Е возачката преродбата доаѓа до петтиот чекор- почнуваат да се прават нови фирми- ДОО (Друштва со ограничена одговорност или ДОЕЛ-и ( Друштва со ограничена одговорност на едно лице), а кои имаат чудни релации и кадровска поврзаност со Здруженијата. Потоа, следствено на програмата доаѓа веќе лесната задача да се освои централата во Скопје. Гледате како понекогаш може само во шест чекори да реализираш еден проект кој е голема портокалова победа, веројатно третирана и како историска и државна од страна на Груевци. Нема потреба од 100 чекори, оти може и вака во скратена постапка.

ПОСЛЕ ТАТЕ, ДОЈДЕ РЕД И ЗА БАТЕ! 

И сега да минеме на делот – човечки ресурси. За илустрација, преку ‘превратот’ во Кавадарци одлично се гледа партиско-непотистичката шема. Ем во ,обновеното, здружение се вработува сопругата на претседателот на Советот на општината, ем секретарот на ДПМНЕ за Кавадарци бил адвокат на оваа група. Тоа, пак, што меѓу новите функционери е заменик командир на полиција, ем секретар на судот, доволно говори дека тешко можете да се борите со вака јак состав. Истовремено, и нивните сопруги се вработиле во здружението, плус секретарот на судот бил  унапреден во обвинител. Имињата воопшто не се битни. Важно е дека фирмата функционира по оној комунистички стар терк -,Наше дете,.

Во Кичево, веќе рековме, фактор станува таткото на министерот за надворешни работи, а се вработуваат сопругата на претседателот на Управниот одбор, сопругата на еден од членовите на новиот Извршен одбор, внук на секретарот на здружението на возачи од Битола, потоа велат префрлен во битолската асоцијација. Но, ете, како убаво си соработуваат и разменуваат свои деца ,новодојденците,.

Во Велес пак претседател на здружението станува Димче Петров -Диди, случајно, нели, брат на градоначалникот Горан Петров. Зарем треба да нагласам дека се под вмровско знаме. Или, накусо, се е џиш портокалово.

За централен кадровски ремонт, пак, по закон тогаш своја улога имаа министерот за транспорт и врски и директорот на Фондот за патишта. Оти од овие институции се делегираше по еден член во Сојузот на возачи на Македонија. Е па кога со Транспорт и со Фондот раководат ВМРО-овци, тогаш и предлозите ќе им бидат според таквиот вкус. Плус веќе беа извршени смени во неколку општински возачки сојузи, па беа исполнети неопходните услови за преродба на Сојузот на возачите на Македонија. И така, за претседател без мака може да се избере особа која тогаш е координатор на ВМРО од една општина. Сега веќе на ова место е претеседателот на кавадаречкото задружение, ем заменик командир на локалната полиција. Од лани, пак, како менаџер или управител или застапник се појавува Александар Милошоски, братот на шефот на македонската дипломатија.

Кога пред две години пишував за кичевските ,шоферски маки, Милош Милошоски најжестоко реагираше што во целава ‘возачка приказна’ се инволвира името на неговиот син Антонио Милошоски. Нагласи тогаш дека има уште еден син, Александар, кој бил еден од најдобрите студенти, но заминал за корка леб во САД. Ете, сега барем знаеме дека лебот ќе го вади во Сојузот на возачи на Македонија.

Само делува малку цинично, барем од денешна временска дистанца, што пред неполни две години, Милошоски сениор ќе ја оквалификува целата, како што ќе рече- хајка против него, како водена од неколкумина кои имаат личен и семеен интерес, а се врзани за една осигурителна компанија. Денес веќе од месечината се наѕира дека возачките здруженија станаа нивен семеен бизнис, на Милошовци мислам!

И уште нешто колку за споредба. Тогаш Милошоски возврати дека на благајникот за здружението, кој беше меѓу потписниците на кривичната пријава против него, во завршна сметка за 2008 година му бил констатиран кусок од 78.744 денари таксени марки. Во меѓувреме судот пресече дека немало кусок. Дека парите биле во трезор. Но, веќе реков- правосилното решение за враќање на (екс) благајникот не се спроведува, барем сеуште.

НОВ МОДЕН ТРЕНД

Но, ако проектот ,Да ги обоиме во портокалово возачките асоцијации, се вежбаше од Кавадарци, таму меѓу последните се влезе во шемата со правење нови фирми. Тамошниот секретар на здружението, со сопругата на претседателот за здружението си формирале приватна фирма и како прв човек во асоцијацијата решил да го даде под наем целиот имот на здружението токму на својата компанија. И вработените ги префрлиле во новата фирма наречена Здружени возачи- Тиквеш. А во името на здружението се откажале од правото тоа да врши технички преглед на возилата. Значи, истите што го презеле здружението потоа си направиле фирма која ќе ги користи просториите и опремата на здружението. И за ова веќе пишуваше Фокус, но, тие тоа го сметаа како проект во рамките на законот, а дека било сторено да не ги загази конкуренцијата! Во секој случај, конкуренцијата во ликот на старите кадри успешно ја ,згазија,!

Пред неколку месеци, во обидот да провериме, братот на велешкиот градоначалник во функција на прв човек на велешкото здружение на возачи, одби да одговори – дали и во Велес  е формирана приватна фирма која ги изнајмува просториите на здружението и ќе врши технички прегледи на возилата!? А таква информација добивме од една анонимка.

Нормално, и Кичево го следи модниот тренд. Таму Милошоски во октомври 2010 отвара нова фирма- Друштво за технички испитувања и анализи Центар за возила БРЕКОН Кичево ДООЕЛ, каде тој е еден од двајцата управители. Есега, дилемата што не мачеше е чуму им се овие нови доелчиња, при живи и здрави, тазе освоени здруженија?! Добро упатени извори во ,направијава, ни ја одгатнаа мистеријата. За Татковината се работи?! Не, за паричка е целата ,фрка,. Имено, откако е изменет законот, здруженијата не можеле веќе да се расфрлаат со награди и слични парични зафрканции, па, некој, умен на мајка, смислил дека добро е да работат по закон за трговски друштва. И така, некои локални здруженија ќе формираат фирми ќерки, некаде пак, ептен приватни возачки фирми-или како ДОО или како ДООЕЛ.

Како и да е, благодарение на овој моден тренд кичевчаните Спасе Србиновски и Ленче Стршеноска сега водат спор со Здружението на возачи на Кичево. Бараат да бидат поништени нивните изјави за отказ и на одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок. Плус имаат и кривична пријава за измама против Здружението на возачи Кичево и Брекон, која ја третираат како фирма ќерка на ЗВК.

Во овие тужби, наводно, од Стршеноска и Србиновски било побарано да си дадат отказ, за потоа да бидат вработени во Брекон, првично на одредено време- два месеци, а преку Агенцијата за привремени вработувања Проспект Прилеп, потоа веднаш да склучат договор за неопределено време. Но ова последново не влегло во ,Остваруваме,. Па, како што стои во тужбите ,нелогично е некој да се откаже доброволно од работно место каде бил на неопределено време, за да работи кај истиот работодавец на 2 месеци и да си го дозволи луксузот да остане без работа,!

Сепак, добро е овде само да појасниме дека обајцата беа во групата која покренуваше кривична пријава против Милошоски, која беше отфрлена од обвинителството. Колку да имате предвид дека овие работници не беа од групата која влезе во преродбеничкиот преврат. Занимливо е што извозените кичевски возачи- Зоран Којчески, Марјан Дејаноски, Спасе Србиноски и Ленче Страшеноска, во своите дописи на разни адреси, се чудат како може судот во Кавадарци да донесе пресуда во корист на екс секретарот, а во Кичево за истиот преврат да биде обратна одлуката? Прашуваат дали кичевските судии се од друга планета или работат според други закони? Зошто судството за исти случаи како нивните суди различно од, на пример, случјот со АМСМ Гостивар, каде од Управниот суд сите старовработени биле вратени на работа, додека за кичевчани сите пресуди се негативни?

ЌЕ ИМ СУДИ ОВОЈ ИЛИ ДРУГ СУД?

Незадоволните кичевски возачи дури сметаат дека Милошовци си направиле семејна фирма од Здружението на возачи на Кичево, а тие станале социјални случаи. Особено откако и братот на министерот, Александар ќе стане управител на Сојузот на возачи на Македонија. Но, и овој избор не минува мазно. Или, како што пишуваат незадоволните кичевчани, така како што влегува таткото во кичевското здружение, така влегува и братот во централата во Скопје. Во дописот што незадоволните локални здуженија го упатуваат до Централниот регистар, се наведува дека на Вонредната седница нелегитимни претставници извршиле измени во статутот спротивно на законот.

Иако тие апелираат дека доколку дојде, според нив барем, до незаконска промена во регистарот, тогаш јавноста и медиумите ќе се занимаваат со тоа неизбежно, бидејќи се работи за брат на миниситер. Сепак, ниту медиумите ќе се занимаваат со тоа, ниту Централниот регистар ќе се стресе. Промените ќе бидат ,парафирани, а граѓанскиот суд ќе се прогласи и за ненадлежен по барањето за времена мерка.

Интересно е дека првично овие контраши ќе бидат 11 возачки асоцијации  од исто толку градови во државава. Сепак, за десет ,преродбата, на централата во Скопје ќе биде во ред- и по закон и по пропис. На овој список се здруженијата од Кавадарци, Кратово, Кочани, Струга, Охрид, Ресен, Гевгелија, Валандово, Свети Николе и, се разбира, Кичево, оти не може татко против син да биде, нели. Уште поразбирливо, што во меѓувреме приврзаниците ќе се зголемат оти преродбата ќе зафати уште троа некоја локална возачка асоцијација.

Она што особено ми беше забавно, во овој ,креативен проект, е што на спорната за некои Вонредна седница била извршена промена на називот- Сојузот на возачи на Република Македонија станал по ново- Сојуз на Здруженија на возачи на Македонија! Аууу, исчезнало Република ама е збогатен називот со Здруженија. Дали е спротивно на прописите, е посебна тема за дебата! Уште еден портокалов новитет, што за контрашите е нестатутарен, е што Алескандар Милошоски е избран за застапник на СВМ, иако велат дека Сојузот може да има единствено секретар! Но, ајде, веројатно сега е време на застапници!

Во жалбата до Комисијата за жалби контрашите на преродбата дури ќе срочат дека целата опрација со изборот на Милошоски помладиот е изведена со политички притисок на братот миниситер и таткото од кичевската возачка асоцијација. И оваа возачка сторија ќе добие судско продолжение, но, како што веќе видовме, дури и кога судот ќе пресече поинаку, добитниците немаат фајде од тоа. Секогаш кога баравме изјави од новодојденците, обично одбиваат да говорат за партиската шема во проектот, ама сметаат дека постапуваат законски. Законите пак видовме се широка материја за толкување. Во Македонија на оние блиски до власта, вообично, добро им оди комуникацијата со институциите!

За да се доврши вмровизацијата на возачите, секако дека треба уште троа време, по можност уште еден мандат. Има вмровци и во другите неосвоени општини каде возачките здруженија останаа ,нереформирани,. И што би рекол Груевски: на крај, кога ќе застанеме и ќе погледнеме назад, ќе видиме дека – Македонија победи! Да, да не се чудите, да нема збунка- секоја вмровизација за Груевци е победа на Македонија. Другите можат да цркнат!

Доколку пак ДПМНЕ не обезбеди уште еден нов мандат во владините одаи, тогаш можам да се обложам 102 отсто дека денешниве жртви од возачкото цунами ќе станат повратници, а сегашниве функционери ќе се прогласат за жртви на ‘нов’ политички реваншизам. Како што кичевчани пишуваат во своите поплаки: Сите незаконитости еден ден ќе се докажат дали од овој или од некој друг суд,. Но, прашање е што од сета оваа возачка рашомонијада има корист Татковината?!

Отворено писмо до Премиерот
СЕКОЈА ТИРАНИЈА ИМА КРАЈ

Законот за Централен регистар во член 28 утврдува: ,За вршење на работите утврдени со овој закон, Централниот регистар на РМ одговара пред Владата на РМ,. Што ќе рече- пред фамилијата. Но, ниту фамилијата ниту Централниот регистар, и во него органите и одговорните лица, не преземаат ништо за законитоста во работењето, ниту дисциплински мерки, ниту други мерки по закон и хиерархиски поставениот ред. Зошто? Затоа што сите се поврзани во фамилијарни концентрични тријади кои сочинуваат една триангла, на чие чело стои пастирчето.

Здружението на возачи Кавадарци систематски се уништува со преродбенички чекор по чекор. И покрај правосилна и извршна судска одлука, Централниот регистар на РМ не ги брише податоците врзани со органот за застапување на правното лице и не ги враќа запишаните права во состојба која постоеше пред да биде извршен уписот чие бришење му се налага на Централниот регистар.

Ајде, претседателе на Влада исчисти го дувлото. По закон, не заради нечиј кеиф. Стори го тоа, како што велиш- неодложно, веднаш и сега. Ако бегаш или ја префрлаш одговорноста на друг, таа нема да те напушти.

Одличната идеја за едношалтерски систем стана мора и кошмар за огромен број граѓани и странски инвеститори. Со едно шалтање за три часа отиде се ЈАБАНА. Ама, тоа не е конечно. Во Кавадарци велат: ,че биде де, само кој е тија маж што че издржи па да виде,. Пораката е: ќе издржиме, ќе видиме и ќе докажеме. Би лага и помина.

Лицето кое прво почна со оперативни активности против здруженијата на возачи, а по налог на висок функционер на ДПМНЕ во летото 2007-ма, како награда го поставија за претседател на основен суд.

Регистраторот кој ја матеше оваа антицивилизациска игра заедно со директорот на Централен регистар, како партиски фотељаши- првиот стана судија во Управен суд, а вториот градоначалник.

Ќерката пак на овластеното лице за регистрација како награда бидна благонадежен нотар.

Ах да, уште еден судија како сатисфакција за нестручното и несовесно работење стана претседател на апелационен суд.

И ова не е крај. Се во свое време. Штетите што настанаа со амин на власта и Централниот регистар и во нив одговорните лица е огромна и ненадоместлива. Кој тоа ќе го плати? По закон -државата, а де факто граѓаните! Затоа власта вели додека сме ние ќе биде така како што сакаме ние, туѓи пари трошиме од наше стадо со наши овчари стрижачи.

Но, секоја тиранија има крај!

Димче СТЕВАНОВСКИ, (екс) секретар на ЗВ наКавадарци

Поврзани новости