ВМРО ќе го попречува договорот со Бугарија

Поранешниот Министер за надворешни работи Никола Поповски во интервју за Тв 24 вести, ја разголи позицијата на ВМРО ДПМНЕ во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Прво. Тој повтори дека на Македонија таков договор не и е потребен и дека него ни го наметнува Бугарија со цел да постигне некои скриени цели. Второ.ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за ратификација на договорот во Собранието ако биде потпишан со формулацијата од Декларацијата, која гласи ” на македонски јазик, според Уставот на Република Македонија” бидејќи според Поповски “некој во иднина можел да бара да го смениме Уставот и така да останеме без признавање на јазикот,кој претходно сами би го избришале од Уставот.

И трето.Македонија не смеела да прифати некаква формулација за заедничка историја со Бугарија додека Бугарија не прифати  дека имала заедничка историја и со Грција и со Србија и со Турција и додека со тие земји не потпише слични договори за добрососедство.

А Македонија ќе престанела да ја користи историјата за политички цели кога тоа ќе престанеле да го прават и соседите.

За сите досегашни неуспеси на Македонија на надворешно политички план во изминатите 11 години според Поповски еднакво била одговорна и опозицијата како и владата на Груевски.

Бандата на Груевски останува на ставот дека на Македонија не и потребен Договор за добрососедство со Бугарија и дека тоа наметнато барање од Бугарија треба да биде пресретнато со ултиматум за признавање на посебноста на македонскиот јазик, на македонската нација и посебноста на македонската историја и ако тоа не биде прифатено да не се потпишува било каков договор бидејќи “добри односи со соседите можеле да се градат и без потпишување на било какви договори за добрососедство”.

Груевски ќе прави се за и натаму да глуми патриот и бранител на “македонските национални интереси”  и да може зад маската на патриотизмот да продолжи со ограбувањето на Македонија.
И затоа новата влада тоа не треба да му го дозволи.

Кога ВМРО ДПМНЕ ќе почне да ве обвинува за предавство на националните интереси тоа е сигурен знак дека ги браните на најдобриот можен начин. И затоа со такви божемни бранители нациналниот консензус за важни прашања станува невозмжна мисија.

Нивната политика мора да биде победена за да се исчекори напред и да се обезбеди сигурна иднина за Македонија.

Ѓорѓи СПАСОВ