ВМРО-ДПМНЕ потрошиле 680 илјади евра или 16 пати повеќе од СДСМ за кампањата за локалните избори

by Fokus

ВМРО-ДПМНЕ потрошило 16 пати повеќе од СДСМ за време на кампањата за локалните избори во првите 10 дена, покажуваат финансиските извештаи на партиите објавени на Државната изборна комисија, пренесува Призма.

Ако се соберат расходите во осумте поднесени извештаи на ВМРО-ДПМНЕ до ДИК може да се види дека партијата потрошила околу 680 илјади евра, од кои најголемиот дел за реклама и пропаганда. СДСМ пак, од членарини и донации собрала околу 250 илјади евра, а потрошила само 42 илјади евра. Од овие средства, околу 17 илјади евра СДСМ ги потрошил за реклами.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ детално има прикажано во кои медиуми се одлевале парите за реклами. Од финансиските извештаи може да се види дека најмногу пари од ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање добиваат телевизиите Сител и Нова. Па така, во еден од извештаите кој се однесува на 12 општини, стои дека од вкупниот буџет за реклами за  од околу 23 илјади евра, Сител добива 7.500 евра, телевизија Нова 4.800 евра, а Телма 1.700 евра. За банери на порталите најмногу пари од ВМРО-ДПМНЕ добива Ем-медиа ДООЕЛ, фирмата издавач на порталот Курир, а потоа следува порталот Република.

Поврзани новости