ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партизација на МВР, СДСМ вели дека во нивно време тоа станало МВРО-ВМРО

by fokus

Потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, сега како министер за внатрешни работи, без никаков аргумент отпочна со партиски чистки и поставување на партиски послушници на сите раководни позиции во МВР, обвини на партиска прес-конференција денеска Саше Павловски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека истото Спасовски го правел и кога беше министер за внатрешни работи во техничката влада.

– За сметка на сменетите професионалци, позициите ги пополнуваше со партиски послушници унапредувајќи ги и по седум скалила спротивно на системот на кариера. Сега повторно сме сведоци на исто вакво однесување. Потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат на вработени во МВР кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Понудата од СДС е земи или остави. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање. Во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани и девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне. Таргет се сите професионалци кои не постапуваат по партиските наредби на Оливер Спасовски – рече Павловски, порачувајќи дека „што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи“.

На прес-конференцијата реагираше СДСМ, кој рече дека вистинска партизираност на МВР имало во времето на Гордана Јанкулоска.

„Партизацијата на државните институции и поклопувањето на државата од страна на партијата беше заштитен знак за 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од најочигледните примери за масовна партизација беше Министерството за внатрешни работи кое според признанието на тогашната министерка Гордана Јанкуловска, ВМРО-ДПМНЕ го претвори во МВРО-ВМРО“, се вели во реакцијата.

Владејачката партија вели дека новата влада ќе се бори со таа неправилност и ќе создаде услови за вистинска професионализација.

Поврзани новости