ВМРО-ДПМНЕ: Никој не му одобрил на Живаљевиќ да влезе во Собранието

by fokus

Се огласи ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, каде рече дека извршната власт во Македонија му дозволила на српскиот агент Горан Живаљевиќ да влезе во Собранието за време на упадот на демонстранти. Преку соопштение за јавноста партијата ги демантира тврдењата на српскиот претседател.

„ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека сега е во опозиција, во текот на денешниот ден во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение“, велат од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика владата да провери дали такво нешто имало, и доколку имало да го објави документот со кој некоја институција издала такво одобрение. Од партијата велат дека доколку не се прикаже таков документ во наредните ден два, ќе констатираат дека дефинитивно такво нешто не е издадено.

Во врска со дипломатскиот скандал, ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека македонската и српската влада ќе ги расчистат сите детали и дека ќе ја информираат јавноста.

„Чекорите кои ги превзема Република Србија, степенот на кој се превземаа мерки од нивна страна, како и изјавите на српските политичари не кореспондираат со изјавите на македонските претставници, што укажува дека постојат детали за кои јавноста не е запознаена“, додаваат од партијата.

 

Поврзани новости