ВМРО-ДПМНЕ: Невладините да не учествуваат во преговорите, имаат исти ставови како СДСМ и Сорос

by Fokus

Барањето на граѓанскиот сектор да биде вклучен во преговорите за излез од политичката криза наиде на прифаќање кај опозицијата, а на неприфаќање од владејачката партија. Странските амбасади во земјава, пред сè, делегацијата на ЕУ и американската амбасада, одлучија да го одмолчат барањето за вклучување во процесот, што вчера и писмено го испорачаа 87 невладини организации.

– Активната улога и разбудената граѓанска свест во Македонија е нова вредност. Мора да се уважи и да се почитува граѓанскиот глас. Истовремено истакнуваме дека опозицијата се согласува граѓаните да бидат активно вклучени во преговарачкиот процес – велат од СДСМ.

Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека невладините под контрола на Сорос имаат идентични ставови како и СДСМ и меѓу нив постои знак на еднаквост.

– Нема никакво логично образложение за нивното вклучување во преговарачкиот процес освен доколку крајната цел е разводнување на преговорите и нивна блокада. Нивните настапи беа проследени со низа апсурди – вели Котевски.

Тој им порачува на невладините дека ако толку имаат политички капацитет и ако се разликуваат во своите ставови од СДСМ, може да формираат партија и да се појават на политичката сцена рамноправно со сите останати.

Поврзани новости