ВМРО-ДПМНЕ: И обвинението за „Тортура“ е политичка конструкција

by fokus

Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите кажа дека СЈО било политичко обвинителство, под контрола на СДСМ и дека сите обвиненија и спроведени истраги биле политички нарачани со цел рушење на угледот и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство.

– Случајот Тортура е уште еден дегутантен пример на политички монтирано обвинение, базирано на погрешни претпоставки и лажни конструкции. Обвинението за наводната тортура, односно прекумерна сила врз уапсениот Љубе Бошкоски е смешно и истото претставува ноторен егземплар на политичко инспирирано обвинение со цел политичка елиминација. Дека ова обвинение на СЈО е партиска нарачка, која има за цел рушење на угледот на ВМРО-ДПМНЕ докажува записникот за задржување на лице, составен за случајот за апсењето на Бошкоски, каде е констатирано дека задржаното лице нема видливи повреди, дека нема потреба од лекар и нема забелешки. Највпечатливо е тоа што записникот своерачно го потпишале Љубе Бошкоски и неговиот адвокат Љубомир Михајловски Џанго. Ова е крунски доказ кој ниту СЈО, ниту било кој може да го негира и оспори, изјави Костовски.

Според него, случајот Тортура како и останатите случаи на СЈО биле со цел создавање на медиумски простор за негативна кампања против ВМРО-ДПМНЕ. Како што кажа Костовски, СЈО имало за цел да создаде атмосфера за граѓаните да ги коментираат обвиненијата против ВМРО-ДПМНЕ, додека Заев ги распродавал името на државата, јазикот, историјата и нацијата.

– Граѓаните го прочитаа СЈО. Секому му е јасна спрегата СДС/СЈО и начинот на кој една институција во 21 век во една демократска држава креира политички монтирани случаи без докази, без основна аргументација надвор од сите правни норми и стандарди, заврши Костовски.

Поврзани новости