ВМРО-ДПМНЕ го удвоила бројот на вработените во министерствата

Текстот е објавен на 15-ти октомври 2015-та година во неделникот „Фокус“ во број 1045

Како што со години не можеме да се преброиме, односно да се спроведе попис на населението во државата, исто така со години владејачката гарнитура не дозволува прецизно да се пребројат вработените во јавната администрација. Од 114.000 буџетари во 2006 година, кога дојде до промена на власта, денес претпоставката е дека таа тежи за најмалку 30.000 вработени повеќе. Дел, пак, воопшто не се ставаат во есапот, бидејќи се ангажирани со договор на дело, а на крајот, сепак, земаат плата од државниот буџет.

Валентина Стојанчевска

Колку вкупно граѓани се вработени во јавниот сектор, или колку точно вработени секој месец добиваат плата од државниот буџет? Дали вистинската бројка е 128.253 или 185.000 лица или, пак, некаде помеѓу?

Ова прашање се поставува со години, а сега се актуализираше откако во јавноста се појавија информации дека на барање на европскиот експерт Прибе, владата соопштила дека вкупната администрација брои 185.000 лица!

Набрзо стигна демант од Министерството за информатичко општество, од каде што побрзаа да кажат дека бројката е помала, односно истакнаа дека во јавниот сектор се вработени 128.252 лица во вкупно 1.354 институции. Но, јавноста не положи верба, бидејќи досега владата секогаш одбегнуваше да одговори на ова прашање.

Како и да е, и нецелосните податоци говорат дека јавната администрација постојано се зголемува, особено ако е познато дека до 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, таа изнесувала 114.000.

Од собраниската говорница, летото 2012 година, пратеничката Радмила Шекеринска покажа извештај за економската програма, што Министерството за финансии ја испратило до Европската комисија, а во кој, меѓу другото, стоело дека државната администрација брои 165.000 службеници. Според истиот извештај во 2009 година, бројката била 115.000!

Покрај дописите до странците, кои стигнуваат и до очите на македонската јавност, раст покажуваат и парите што се одвојуваат за платите на буџетарите, односно за плати и надоместоци во Буџетот за 2008 година биле издвоени 373 милиони евра, а за наредната година за оваа намена се предвидени 421 милион евра. Исто така, раст на вработувањата покажува и најпроста споредба на вработените во министерствата и во другите институции што се хранат директно од државниот буџет. Нивниот број бил значително помал до 2006 година, а потоа нагло расте откако на власт доаѓа ВМРО-ДПМНЕ.

ОД 2006 ГОДИНА ЕНОРМНО СЕ ЗГОЛЕМУВАЛ БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВАТА!

Оние податоци кои надлежните не можат да ги скријат се вработените чиј број секоја година јавно се објавува во пресметката за буџетот кој го добива институцијата. Иако тие се само дел од државната администрација, сепак и преку анализа на нивните бројки, лесно може да се заклучи дека има зголемување на работните места, но не и на работните обврски, особено кога доаѓа до промена на власта во 2006 година.

Па, така, во Собранието, според официјалните податоци, во моментот работат рекорден број административци во изминатава деценија или 433, за кои годишно од буџетот на институцијата се издвојуваат 7,9 милиони евра за плати, или за секој поединечно се потребни по 18.357 евра годишно. Во 2006 година, пред ВМРО-ДПМНЕ да ја освои власта, во парламентот работеле 305 граѓани. Во наредните години постојано се зголемува нивниот број, и тоа за 128, па оттука е легитимно прашањето, што работат овие луѓе, бидејќи е невозможно за толку да се зголемил обемот на работа во оваа институција, која од секогаш ги има истите надлежности.

За повеќе од 100 проценти, пак, се зголемил бројот на вработени во Владата, каде што во моментот работат 667 вработени. За споредба, во 2006 година тука работеле 255, а нивниот број вртоглаво почнува да расте од 2013 година. Покрај бројот на вработени, со годините се зголемувале и расходите за плати, па така, ако во последната година од владеењето на СДСМ за оваа намена се издвојувале по 10.596 евра за вработен, или вкупно 2,7 милиони евра, годинава се потребни по 26.861 евро за вработен, или вкупно 18 милиони евра. Бројот на вработени растел и во Службата за општи и заеднички работи на владата, односно од 2006 година кога таму работеле 316, сега на платен список се 403.

Енормно зголемување на вработувањата се случува во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, каде што од 28 вработени во 2008 година, бројот годинава се искачил на 1.774. За наредната година, според предлог-буџетот, таму е предвидено да работат вкупно 1.905 граѓани. Инаку, веќе со години е познато и дека стотици вработени, според рамковниот договор, примаат плата, а седат дома, што ја објаснува ваквата бројка во секретаријатот, а ваквата состојба дури при еден јавен настап не ја негираше ниту вицепремиерот за реализација на Рамковниот договор, Муса Џафери.

Зголемување на бројот на вработените има и во речиси сите министерства. Драстична промена се случила во Министерството за култура, каде што од 72 вработени во 2006 година, административците се зголемиле на 227. Министерството за труд и социјална работа е рекордер по зголемени вработувања, бидејќи тука во 2006 година работеле само 282-ца, а годинава дури 1.896!? Вработувањата почнале да се множат од 2010 година, кога министерството е под палката на министерот Џељаљ Бајрами, а истиот тренд изминативе години го задржа и министерот Диме Спасов. Од Министерството побаравме образложение поради што толку нагло се зголемил бројот на вработените, но до затварањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

Со предлог-буџетот за наредната година во ова Министерство се предвидени плати за дополнителни 28 лица.

ЕУ ИМА АДМИНИСТРАЦИЈА ОД САМО 30.000 ВРАБОТЕНИ

Во Министерството за надворешни работи, пак, бројот на вработени бил најголем во 2012 година, за време на актуелниот министер Никола Попоски, и тоа 532 вработени, а во моментот тука работат 31 помалку, за кои се издвоени 18,5 милиони евра за плата. Во 2006 година во МНР имало 342 административци.

Повеќе од двојно се зголемил бројот на вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде што во моментот на платен список се 906 граѓани, а за в година се предвидени плати за уште 81 нововработен. Во 2006 година тука биле вработени 426 лица, а рекордна вработеност е забележана во 2013 и во 2014 година, кога имало 1.030 административци.

За над сто вработени од 2006 година досега се зголемил и бројот на вработени во Министерството за транспорт и врски и во Министерството за животна средина.

Во Министерството на Зоран Ставрески, пак, во моментов се вработени 820 службеници, додека за време на министерот Никола Поповски од владата на СДСМ, тука работеле 637.

Според Лидија Димова од СДСМ, независно е дали бројката во администрацијата е 185.000 или 128.253 службеници, бидејќи во секој случај, според неа, станува збор за огромна администрација.

Ќе ви кажам само една бројка, а еве вие пресудете сами колкави бројки се вртат во јавноста за нашата државна администрација. Администрацијата на Европската унија, односно администрацијата која опслужува 28 земји и 500 милиони луѓе, брои вкупно 30.000 луѓе. Значи, тука е администрацијата од Европската комисија, од Советот на Европската унија, од многубројните агенции… Е сега, колку жители имаме ние, а колкава администрација имаме? Нашата администрација само служи за да се вдомат партиските војници. Па, еве, само во Секретаријатот за европски прашања има 600 вработени, а за Рамковниот договор се ангажирани 1.770 вработени. Па, што работат тие луѓе, прашува Димова.

БРОЈОТ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВЕШТАЧКИ СЕ НАМАЛУВА

Освен владата или ресорното Министерство, речиси никој друг не може со точност да го утврди бројот на администрацијата, бидејќи тука спаѓаат вработени од повеќе области.

Првата бројка до која најлесно може да се дојде е онаа на вработените во институциите кои се финансираат директно од буџетот. Тоа се вработените во Собранието, Владата, министерствата, државните агенции, инспекторати и управи, кои годинава се 50.275 на број. Потоа треба да се додадат вработените во општинските институции, како вработените во општините, здравствените установи, училиштата и градинките и други, кои се над 53.000. Но, и со нив не ја добиваме точната бројка. Треба да се додадат и вработените во јавните претпријатија, како Македонски шуми, Водовод и канализација, Македонија пат, државни патишта, ЕЛЕМ и МЕПСО…

Според пресметките на народниот правобранител, во периодот од 2006 до 2014 година масовно се вработувале луѓе и во јавните претпријатија и во општините. Во сите јавни претпријатија лани имало вкупно 17.201 вработен, што е двојно повеќе отколку пред осум години, а во општините, пак, бројот на вработени пораснал за 80 проценти на вкупно 5.343 службеници.

Покрај тоа што надлежните го кријат вистинскиот број вработени во администрацијата, се користи уште еден метод со кој вештачки се намалува оваа вртоглава бројка. Поточно, во оваа пресметка не влегуваат ангажираните во администрацијата преку договор на дело. Разликата е во тоа што и овие граѓани добиваат месечна заработувачка од државниот буџет, но не од парите наменети за плата, туку од друга ставка. Од друга страна, тие влегуваат и во статистиката на вработени, значи ја намалуваат невработеноста, бидејќи со години трае нивниот ангажман во администрацијата.

Никој не го знае точниот број на овие буџетари, но се претпоставува дека се околу 30.000. Ова е голем број луѓе, кои се сметаат за најсигурно гласачко тело, бидејќи постојано се надеваат дека партијата на власт ќе им ги замени договорите за вработување со постојан ангажман. Неодамна, владата донесе одлука за трансформација на нивниот работен однос, а според официјалните изјави, од крајот на 2014 година на овој начин биле ангажирани над 3.000 граѓани.

Во последните неколку години, владата спроведе неколку модели за масовни вработувања во јавната администрација. Еден таков концепт беше спроведен  во средината на 2010 година, кога 5.000 привремени вработувања беа трасформирани во трајни вработувања.  Во 2013 година беше објавен оглас на Македонски шуми, со кој се бараа 1.600 работници, од ранливите категории, за работа во државните институции. Потоа следуваа уште неколку слични огласи, а голем дел од овие луѓе се уште не го добија работното место, бидејќи институциите се преполнети. Масовни огласи за вработување во јавните претпријатија, државните агенции, образованието беа спроведени и на почетокот на политичката криза, на почетокот од годинава, непосредно пред да стапи на сила новиот Закон за администрација.

На крајот може да се заклучи дека без разлика која математичка вештина ќе се примени, не можеме да ја преброиме државната администрација, која веќе „претекува“ од канцелариите. Во таа насока е и искуството на еден жител од мало гратче во Источна Македонија. Човекот отишол да си извади извод од матичната книга на родените, но кога влегол во канцеларијата видел петмина внатре, па им се обратил дека ќе почека надвор, бидејќи гледа дека има гужва. На ова насобраните му одговориле слободно да влезе, бидејќи сите се вработени. Па, така, еден му го напишал изводот, друг му удрил печат, трет му го подал, а останатите двајца, претпоставуваме дека аплаудирале на успешно завршената работа.

 

Н: Министрите не кажуваат зошто го зголемиле бројот на вработени

Од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии, како и од Собранието, до затворање на неделникот, не добивме одговор зошто морале да го зголемат бројот на вработените. Единствено одговор добивме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Бројот на вработени во министерството годинава е 981, а за следната година не се предвидени нови вработувања. Зголемениот број на вработени е поради зголемениот обем на работа. Нови вработувања годинава имаше во секторот шумска полиција (40 вработувања), но имајќи предвид дека вкупно во овој сектор имаше 350 вработени кои треба да го контролираат целиот шумски терен, сметаме дека бројот на вработените во овој сектор е се уште мал, особено со спроведување на засилените контроли во шумите, велат од Министерството.

Оттаму додаваат и дека годинава биле вработени и 40 лица во Подрачните единици на Министерството, за да се спроведат неколкуте опсежни финансиски програми кои ги имаат.

Целта е Министерството да биде поблиску до земјоделците особено во руралните општини, а за што е потребна оваа кадровска екипираност. Низ цела територија има вкупно 43 подрачни единици, велат од Министерството.

 

Секретаријат за спроведување на рамковен договор
година вработени расходи по вработен
2016 1.905 6.016 евра
2015 1.774 6.065 евра
2014 1.778 5.723 евра
2013 1.778 5.121 евра
2012 1.222 5.723 евра
2011 1.145 8.373 евра
2010 878 1.967 евра
2009 276 6.585 евра
2008 28 86.715 евра

 

 

Влада
година вработени расходи по вработен
2016 683 24.975 евра
2015 667 26.861 евра
2014 427 40.504 евра
2013 427 36.910 евра
2012 292 46.097 евра
2011 299 45.495 евра
2010 266 46.000 евра
2009 287 45.073 евра
2008 405 46.016 евра
2006 255 10.569 евра

 

 

Собрание на Република Македонија
година вработени расходи по вработен
2016 404 19.495 евра
2015 433 18.357 евра
2014 415 18.048 евра
2013 415 17.658 евра
2012 427 17.528 евра
2011 358 11.349 евра
2010 360 17.382 евра
2009 336 19.512 евра
2008 311 22.032 евра
2006 305 15.040 евра

 

 

Министерство за труд и социјална политика
година вработени расходи по вработен
2016 1.924 8.195 евра
2015 1.896 7.951 евра
2014 1.899 8.373 евра
2013 1.899 8.617 евра
2012 1.869 8.569 евра
2011 1.494 11.398 евра
2010 1.490 11.268 евра
2009 331 12.276 евра
2008 336 10.406 евра
2006 282 8.308 евра

 

 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
година вработени расходи по вработен
2016 987 8.390 евра
2015 906 9.284 евра
2014 1.030 7.853 евра
2013 1.030 8.308 евра
2012 994 7.853 евра
2011 807 9.300 евра
2010 964 9.365 евра
2009 811 11.300 евра
2008 615 20.764 евра
2006 426 8.292 евра

 

 

Министерство за финансии
година вработени расходи по вработен
2016 817 13.056 евра
2015 820 10.943 евра
2014 689 11.056 евра
2013 689 12.113 евра
2012 696 10.422 евра
2011 622 10.504 евра
2010 620 11.918 евра
2009 641 16.731 евра
2008 584 22.146 евра
2006 637 8.634 евра

 

Според официјални податоци, односно со споредба на буџетите на Министерството од 2006 година, па сѐ до сега, се забележува дека е зголемен бројот на вработени, односно ако во 2006 година во Министерството работеле 426 граѓани, годинава се 906, а за в година се предвидени плати за 987 луѓе. Зошто е зголемен бројот на вработени?