Влатко Стефановски: Аболицијата е врв на длабоката морална ерозија на Македонија! (ИНТЕРВЈУ)

by Фокус

Познатиот музичар и поранешен член на култната „Леб и сол“, Влатко Стефановски (59), кој важи за жива легенда во светот на гитаристите, отворено за читателите на „Фокус“ ги сподели своите размислувања околу политичката криза во земјава, но раскажа и за своите очекувања од нашите политичари.

Активен со гитарата уште од својата тринаесетта година, со над 30 албуми зад себе, со над 40 години минати на сцената, со стотици концерти, турнеи и гостувања низ целиот свет, во својот пренатрупан распоред, тој, сепак, одвои време за нас. Иако уморен од концертот во Загреб, Хрватска, сепак со задоволство ја прифати понудата за интервју, и без заобиколување ни ги изнесе своите ставови околу темата естрада и политика, нешто за кое музичарите неретко одбиваат да проговорат во јавност. Спонтан и љубезен, ослободен од синдромот на голема ѕвезда, тој и како соговорник ја покажа својата професионалност и одговорност, па со големо задоволство го направивме ова интервју.

разговара Вики Клинчарова

Фокус: Музиката и политиката во Македонија, колку се тие поврзани меѓусебно, дали политичките случувања во земјава имаат влијание врз музиката, дали и на кој начин се засегнати музичарите од актуелната политичка состојба?

Стефановски: Еве еден конкретен пример… Поради актуелната состојба откажавме четири планирани концерти во Македонија. Со Мирослав Тадиќ и со „Љубојна“ како гости, требаше да одржиме концерти во Скопје, Струмица, Прилеп и во Штип. Од сето тоа ќе остане само обраќањето кон студентите на Штипскиот универзитет, поради поканата што не сакаме да ја одбиеме. Со други зборови, деновиве нема атмосфера, ниту желба, ниту внимание за ништо друго, освен за политика. Знам дека се наоѓаме во исклучително тешка и деликатна состојба, но во медиумите нема ништо друго, освен политика, а тоа е напорно и за гледање и за слушање. Од секојдневните пресови на партиите, од панел-дискусиите, од коментарите на разните експерти, вестите од културата изгледаат како вести од некоја далечна планета. Луѓето се гневни, незадоволни, и со право протестираат по улиците.

_DAM5552

Фокус: Вие како жива легенда на нашата сцена, дали некогаш сте имале негативни моменти во кариерата иницирани од политиката?

Стефановски: Не еднаш, туку многупати! Многу откажани концерти поради политичко-безбедносни ситуации… Отежнати патувања, блокирани граници, ембарга и разни санкции кон некои земји, недостиг од гориво во автомобилите, пристапи до некои дестинации… Видот ми е трајно оштетен од каменот што го примив во главата, на конвенцијата на Сојузот за Македонија во Тетово во 1990-та година. Политика?! На кого му е до музика ако постојано е напнато, неизвесно и несигурно. Во 2001 година, за време на настаните околу Арачиново, имав концерт во МОБ со Балкан Хорсес Бенд. Повторно, напнато, со тешко убедување до моите колеги да дојдат и да настапат во Скопје… Минатата година, за време на случувањата во Куманово, едвај влеговме во Македонија, враќајќи се од турнеја низ Босна. Да не зборувам за законите кои постојано се менуваат и никогаш не знаеме кои се правилата на игра тука, кај нас. Минатата година, скандалозен закон за давачки на хонорари, а пред крајот на годината, исто така, скандалозен закон околу заштитата на авторските права… за среќа, ги повлекоа и двата закона.

Фокус: Мислите ли дека нашите квалитетни музичари имаат доволно поддршка од државата, се цени ли доволно тоа што музичарите како амбасадори го прават за својата земја?

Стефановски: Ниту државата прави доволно за квалитетните музичари, ниту, пак, сите музичари се амбасадори на својата земја. Со некои од тие „амбасадори“ често се сретнувам по авиони и повторно ги правиме истите муабети на таа тема.

DSC_3065

Фокус: Како живееш ти како човек кој целиот живот го посветил на музиката, задоволен ли си со тоа што го доби за возврат од публиката, но и од државата?

Стефановски: Задоволен сум од својата публика, од тие што ги купуваат моите албуми и цедеа, и од тие што доаѓаат на моите концерти. Задоволен сум од компаниите и од фирмите што ја препознаваат и ја помагаат мојата работа. А од државата не очекувам ништо друго, туку да биде држава. Да овозможи пристоен и нормален живот за граѓаните, да се избори за моето достоинство внатре и надвор од државата. Да не морам да се извинувам, да се срамам и да се правдам за некои нејзини постапки, грешки и слабости.

Фокус: Ваши колеги реагираат дека не се доволно заштитени, дека самите треба да се погрижат за своето здравствено и пензиско осигурување, дека многу малку малку се прави за уметниците и дека треба самите да се снаоѓаат без ничија поддршка. Што мислите за тоа?

Стефановски: Еснафот треба да се грижи за своите членови, и да се бори за своите права. Нема кој да ги организира музичарите ако тие самите не се организираат. Во Хрватска постои синдикат на музичарите (Хрватска глазбена унија), која навистина им го олеснува животот на нејзините членови, со даночни олеснувања, грижа за пензиските и инвалидски прашања, олеснувања при набавка на инструменти и опрема итн… Кај нас најверојатно класичарите не сакаат да се дружат со свадбарите, па сите остануваат ускратени за некакво организирање и заштита.

vlatko

Фокус: Дали сметаш дека би бил многу поуспешен доколку со твојот талент си се родил во некоја друга, развиена земја?

Стефановски: Не, не го мислам тоа. Секој се раѓа некаде со причина, и таквите претпоставки се непотребни. Можеби би бил поуспешен, а можеби и понеуспешен… Секој со својата судбина и со својот крст.

Фокус: И за крај, што би им порачал на политичарите, и на власта и на опозицијата, што конкретно би можело да се преземе за подобрување на општата состојба со нашата музика?

Стефановски: На политичарите би им порачал да не го измачуваат повеќе овој напатен народ и да го остават на раат да си го живее животот и да си ја брка работата. Да се  симнат малку од медиумите да го остават ПР–от и маркетингот и да се позанимаваат со вистинските проблеми на граѓаните. На власта би ѝ порачал дека постои и нешто што се вика морална одговорност. Да претпоставиме дека сите се чисти и невини, и дека не се огрешиле од законот, ама постојат и оставки од морални причини. По сето она што го изнаслушавме од разговорите од „бомбите“, владата требаше да поднесе колективна оставка, собранието да распише нови избори и да се заврши работата. Вака, живееме во една продолжена агонија. А аболицијата на претседателот ја доживувам како врв на хипокризија и длабока морална ерозија.

На опозицијата би ѝ посакал консолидација на силите, мудрост, ладни глави и многу среќа во остварувањето на промените во Македонија. И еден совет, да не ги користат истите методи во владеењето на власта, туку да смислат креативни начини за излегување од кризата, за решавање на проблемите и давање надеж за малку подобра иднина на граѓаните на Македонија. А за да се подобри состојбата во нашата музика, треба да се подобри целокупната состојба и животот кај нас. Каков живот, таква музика. Со сила убавина не бидува.

Поврзани новости