Владо Калембер откри: Јас сум роден струмичанец, а со Ѓоко сме браќа по младешки дух!

by fokus

-Ние сме како виното, колку повозрасни, толку подобри, во секој поглед – вака го започнуваат разговорот двете музички легенди, Ѓоко Ѓорчев, познат како македонски Том Џонс, и Владо Калембер, хрватската музичка ѕвезда од популарната група „Сребрени крилја’’.

Ѓоко шеесет, а Владо 64- годишен, но полни со енергија и расположени, за време на одржувањето на интернационалната вечер на Охрид Фест – Охридски трубадури, каде Ѓорчев ја освои третата награда од публика за песната ,,Жена’’ додека пак Владо беше гостин во ревијалниот дел, и ја потсети публиката на своите безвремески хитови, кои рушеа рекорди на слушаност во поранешна Југославија.

,,Јас сум позитивен човек, ме води мојот млад дух. Не сум спортски тип, не кревам тегови или пак минувам часови во теретана, дури и не внимавам на секој мој залак, калории, органска храна и слично. Тоа што тешко може да ми се процени возраста, и обично луѓето ми даваат дури и петнаесет години помалку, го препишувам на мојот позитивен став кон се во животот. Разведен сум, но дури и кога за тоа зборам, на шега велам дека сум среќно разведен. Значи, на се гледам од некоја позитивна страна, се обидувам животот да го живеам лесно, без оптеретувања и премногу прашања и грижи. По тоа прашање, со Ѓоко сме браќа по младешки дух, ’’ – вели Владо.

Настапи во лежерна облека, во бела кошула и искинат џинс, кој бил доста застапен во неговиот гардеробер. За разлика од него, Ѓоко вели дека сака за време на настапите да облече модерен костум, и иако и тој бил љубител на џинсот, го претпочитал надвор од сцената.

,,Мои пријатели, познати композитори и музичари, кои се професионалци во својата област, неодамна, за време на музичка проба, ми кажаа дека како минува времето, мојот глас се подобро звучи. И самиот забележувам, со тек на годините, ја добивам таа зрела боја на гласот, но и физичката кондиција ми е на завидно ниво. Не сум од оние мажи на кои тешко им паѓа секоја измината година и секое бело влакно на главата, не планирам да ја бојадисувам косата, иако знам дека темната боја на коса би ми дала изглед на четириесет годишник. Се чувствувам убаво во својата кожа и задоволен сум од животот’’ – вели Ѓоко.

И двајцата со Владо расположено велат дека во ова доба од животот за себе можат да кажат дека се топ момци, и како најважен им е внатрешниот мир и добрата мисла.

,,Секому посакуваме се најдобро, не сме злопамтила, живееме со песна. Тоа е тајната, што од нас зрачи оваа енергија’’ – тврдат популарните пејачи.

Владо додава дека сеуште редовно настапува во Хрватска, но и во регионот, заедно со членовите на групата ,,Сребрени крилја’’. Посебно му било драго што добил покана да гостува во Охрид, бидејќи Македонија отсекогаш ја сметал за своја втора татковина.

,,Малкумина знаат, но јас сум роден во Струмица. Татко ми беше воено лице, патуваше насекаде низ поранешна Југославија. Сум се родил во Струмица, каде моите родители живееле уште два месеци по моето раѓање, а потоа сме се преселиле во Загреб’’.
Со Ѓоко последен пат се сретнале пред неколку години, на настап, во времето додека Владо беше во брак со виолончелистката Ана Рухнер. Кога го слушнала Ѓорчев како пее, без да знае дека во Македонија според бојата на гласот го споредуваат со светски популарниот Том Џонс, таа на Владо му рекла – Ма слушај го човеков, како да сме на концерт на Том Џонс!

Заедно се присетија на старите добри времиња, кога и естрадата живееше во некој поинаков дух, се ценеше квалитетот, а фестивалите беа настани кои ги следеше широк аудиториум од сите поранешни републики на Југославија.

,,Охрид фест ви е како македонски Сан Ремо, треба да го негувате. Прекрасен настан, во одличен амбиент, покрај езерото. Навистина уживам, и планирам да останам овде уште неколку дена’’ – порача Калембер.

Поврзани новости