Владо Јаневски си ја отвори душата во Кавадарци: Мајка ми ми викаше да се женам, ама сега касно ми е

by Fokus

Ладното време не ги поколеба кавадарчани, но и посетители од други градови да уживаат во двочасовниот концерт на поп ѕвездата и композитор, Владо Јаневски, синоќа, на градскиот плоштад во Кавадарци.Тој беше главната музичка ѕвезда на манифестацијата Свети Трифун.

Педесет и седум годишниот хитмејкер уште еднаш докажа зошто со години е на врвот и одржа концерт за паметење. Цели два часа пееше без прекин, расположен, танцуваше со придружната вокалистка, се шегуваше со публиката, шармерски им намигнуваше на дамите во првиот ред. Во публиката, гости од седум до седумдесет и седум години пееја со него во ист глас.

Пееше песни од последните албуми, но на репертоарот му се најдоа и песни од првиот албум ,,Парче душа’’, од 1993 година, кои публиката ги пееше со него. Отпеа и од новите песни, и порача дека еден ден се надева како и тие ќе станат популарни, како оние, постарите. Познат како личност која со децении наназад го чува својот приватен живот подалеку од јавноста, и како редовно избегнува да зборува за себе, овојпат тој изненади со отвореноста.

-Кога доаѓав овде, накај Кавадарци, кога ги гледав пејсажите, земјата, се почувствував дека сум дома. Малкумина од вас знаат, но пред можеби седумдесет години, мојата мајка копала на оние ниви покрај кои поминував. Јас сум од Скопје, но мајка ми е од Кавадарци, а знаете како се кажува, од каде ти е мајката, таму ти е родата, од таму си и ти. Затоа и се чувствувам овде со вас, како да сум дома – раскажа Јаневски.

Тој ја спомна неговата мајка и кавадаречките корени во повеќе наврати. Пред да запее една од неговите љубовни балади, се присети на времето кога бил помлад и на советите од мајка му.

– Мајка ми порано постојано ми викаше – Ожени се, земи си невеста од Кавадарци, жена домаќинка. Ама јас тогаш не ја слушав. Помина тоа време, сега ми е касно за женење – ги споделуваше тој спомените, додавајќи дека можеби половина од публиката се негови роднини, втори и трети братучеди.

Пред крајот на концертот се заблагодари на општината за поканата и посака почесто да се дружи со кавадарчани, во градот на неговите корени. Го заврши настапот со ,,Црно Тиквешко’’ но публиката го врати на бис. Расположено го прифати бисот и беше испратен со долг аплауз од задоволната публика. Она што е интересно, и покрај неговата огромна популарност и хитовски композиции, тој досега само еднаш добил субвенции за музика, кои до неодамна ги доделуваше Министерството за култура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости