Владо Илиевски во трка за претседател на МКФ: Целосно ќе се вложам во подигање на кошаркарската атмосфера во Македонија!

Македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски ќе се кандидира за претседател на Македонската Кошаркарска Федерација, со која во моментот раководи Петар Наумоски.

Според информациите до кои дојде ,,Фокус’’ Илиевски веќе добил поддршка од еминентни лица да се избори за новата функција и да придонесе со своето искуство и квалитет за враќањето на сјајот на македонската кошарка.

Владо Илиевски кој и ги донесе на Македонија најзначајните поени во историјата на кошарката за време на Европското Првенство во Литванија и остана запаметен по изјавата – Леле луѓе, што направивме, за ,,Фокус’’ отворено раскажува што мисли за прогнозите дека ќе го замени Наумоски, но и за тоа како гледа на моменталната состојба на овој спорт во земјава.

,,Информациите дека се вклучувам во трката за претседател на МКФ се точни и тоа го правам исклучитително воден од желбата да и помогнам на македонската кошарка. Знам дека доколку ја добијам функцијата, ме очекува макотрпна работа. Кај нас работите секогаш по некое непишано правило одат полека, а јас би сакал да ги убрзам, да се врати сјајот на овој прекрасен спорт. Големо значење во целата работа има и јавната свест, треба да се тргне од таа губитничка позиција, да не се гледа на нештата во стилот дека Македонија не може, бидејќи верувам како можеме и сме способни да тргнеме во победи. Имаме потенцијал, сме имале во минатото преполни сали, потребна е работа и мотивација да се подигне целокупната кошаркарска атмосфера’’ – вели легендата која се прослави во дресот на Унион Олимпија, на 21-годишна возраст.

Околу тоа во какви односи е со сегашниот претсадател на МКФ, Наумоски, раскажува дека многу го почитува неговиот неоспорен талент, и никогаш не би му работел позади грб.

,,Имам сознанија дека и Наумоски е запознат со плановите да го заменам на неговото челно место, и никогаш не би му работел зад грб, претпочитам отворен однос кон секое прашање. Сепак, тој е мој колега кој постигнал многу во кошарката, но колку што сум информиран, неофицијално, тој се подготвува да ја напушти функцијата и да реализира сопствен кошаркарски проект ,,Академија Наумоски’’ за чија реализација се гради сала во Аеродром, која е во завршна фаза’’ – раскажува репрезентативецот, кој очекувал и поддршка од клубовите.

Владо во изминатите години го покажа својот талент во многу докажани светски клубови. Играше во Барселона, Лотоматика Рома, Монтепаски Сиена, Анадолу Ефес, Олимпија и Работнички, а кариерата ја заврши по 20 години игра во странство. Приватно, оженет е со поранешната кошаркарка Ања Вилфан Илиевски и имаат двајца синови. Во последниве години, владее огромно незадоволство од страна на кошаркарската јавност, како резултат на работата на Наумоски, кој е на чело на МКФ помалку од три години. Освен во спортот, Наумоски еден период стана дел и од политичката сцена во земјава, односно беше пратеник во Собранието на РМ.

Вики Клинчарова