Владеењето на Груевски има име и презиме и се вика насилство

by Fokus

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Нов ден неизвесност и нова надеж за некаков позитивен исход во корист на демократијата од денешната посета на дипломатот “тешкаш”, Карл Билд, кој е еден од најдобрите познавачи на балканските прилики  од распадот на поранешна Југославија наваму.

Агонијата на падот на Груевски која четири месеци ја држи Македонија во заложништво треба да се нарече со име и презиме, а тоа е насилство.

Ние погрешно ја анализираме ситуацијата земјаќи ги предвид демократските стандарди кои ги усвоил развиениот свет, во ситуација кога дома имаме луѓе кои владеат со насилство веќе една деценија. Кај нив процедурите и законите се само форма на покритие за насилниот грабеж и децниско силување на државата.

Психологијата прави разлика помеѓу агресија и насилство. Некој може да има агресивна природа, но неговите акти да се задржат на вербални напади, непријатно однесување, но не и насилство. Насилниците превземаат акти со кои ја загрозуваат безбедноста и интегритетот на другите луѓе. Особено е опасно, ако тие дојдат до инструменти за тоа, како што се институциите и широка поддршка за насилството врз другите од корумпирани следбеници.

Развиениот свет долго време замижуваше пред очигледното насилно однесување на Груевски и неговата клика, почнувајќи од затворањето на А1 телевизија, апсењата пред камера на неистомислениците, пресметката со неподобните новинари, се до бруталното исфрлање на пратениците од Параламентот и ескалацијата на политичката криза со бомбите. Европската унија како да ги „простуваше” тие инциденти, а ДПМНЕ насилните акти ги правдаше со некаква форма, процедури, закони и слично, иако беше прилично јасно дека сите граѓани кои не се приклонуваат на волјата на Груевски, полека стануваат жртви на насилството со кое тој владееше.

Впрочем, содржината на бомбите јасно ги претстави насилните методи што лидерот ги промовира како пожелно однесување, кога нарачува за неистомисленикот „три четири шамари пред сите”, задоволно се кикоти констатирајќи дека „му тече низ ногавици” на политичар што не сакал да се покори на неговата волја и сл. Понатаму, неговиот братучед во ист манир на насилник се фали со апсењето на Љубе Бошковски со зборовите „му е..в мајката”, неговиот шеф на кабинет се заканува со „фрлање во ендек” на непослушните, министерката за внатрешни наредува „циган по циган да се вадат на гласање”, а миистерот за транспорт се радува што има „пиштење и вриштење” од нарачаните контроли за затворање на дуќани и фирми на непослушните.

За начинот на насилно владеење и ограбување на народот како модус вивенди, могу илустративно зборуваат транскриптите од разговорите на Гордана Јанкуловска која од 2006 година до лани беше министер за полиција. При воспоставувањето демократска процедура за надзор на УБК, таа во дослух со Мијалков се обидува да ги искористи сите можни опструкции, а кога сепак ќе се соочат увид на собраниската комисија во работата на УБК, Гордана вели „нормално, они се мнозинство, ќе дојдат, ќе речат се прислушкува цела држава. Ние ќе речеме не се прислушкува. И толку.” Значи едноставно нема демократска поцедура што би профункционирала надвор од контрола и волја на насилните владетели. Сега впрочем сме сведоци на продолжението на тоа однесување. Тие ќе речат таква е процедурата, ние ќе речеме не е, вели ДПМНЕ за ситуацијата во Собранието. Кога требало да помине законот за амнестија на хашките случаи, Гордана и давала насоки на Биљана Бришковска од министерството за правда да го објасни законот така што ќе напише „нешто, да не значи ништо”. Така под налетот на насилството на Груевски и неговата клика, законите станаа тоалетна хартија, а институциите јавни нужници.

Од целата содржина на бомбите која јасно отсликува како се владеело со насилство, прилично беше наивно да се поверува дека во еден демократски процес, насилниот Груевски ќе се согласи да ја загуби власта. Да, тој се согласи во преговори на Пржино, на СЈО, бидејќи свесен беше дека ако не прикаже макар привид на некаква форма и наводно демократско владеење, ќе нема поддршка веќе од никој, па влезе во тактичка игра, сепак имајќи на ум, дека има прилично многу адути в ракав, како што е судството, човекот што го седна во претседателска фотеља, поддршка на сите институции и корумпирани следбеници.

Оттука, при критиките дека опозицијата е неспремна и без стратегија, треба да се согледа пошироко психологијата на односот на насилникот и неговата жртва.

Исповедта на Лесли Морган Стајнер, успешна деловна жена со диплома на Харвард, писател и блогер, која јавно проговори за сопственото искуство како жртва на семејно насилство може да се искористи за ислустрација на тој однос. Поранешниот сопруг кога се запознале воопшто не покажувал знаци дека е насилен, но прв пат ја истепал неколку дена пред да стапат во брак, а насилството продолжило со силен ќотек најмалку два пати неделно во наредните две години колку што траел бракот. Таа, одговарајќи на претпоставено прашање зошто тоа го трпела и не се тргнала од тој брак, вели дека вообичаено, жртвата е затекната од насилното однесување на оној во кој верува и се плаши за својот живот ако се спротивстави на насилникот. Така што тешко е жртвата да истрча со подготвена стратегија ако нејзиниот светоглед и начин на однесување се сосема различни од тие на насилникот. Стајнер зборува и за вообичаената потреба за контрола на насилниците врз однесувањето на своите жртви. Ако се направи паралела со однесувањето на насилниот Груевски во нашето, македонско семејство, прислушувањето на сите поважни фигури во општеството, особено своите соработници, прилично јасно ја отсликува таа потреба.

Психологијата на односот насилник и жртва наједноставно може да се илустрира со сцените во филмовите каде во една група на деца има еден насилник кој својата волја ја наметнува на другите, им ја краде ужинката и ги малтретира. Вообичаено, повеќето молчат, стојат на страна или го следат насилното поведение на „лидерот” како моќна фигура. Многу тешко е да се спротивставиш на злоставувач и насилник ако тој има „банда” зад себе и вообичаено, треба многу храброст да речеш: доста е!

Овие илустрации ги користам само во обид да претставам дека сите ние граѓани кои се чувствуваме жртви на насилство, погрешно ги претпоставуваме демократските методи како начин на справување со насилникот.

Ако ние новинарите кои не се согласивме да бидеме пропагандна маша на Груевски бевме затекнати од насилното превземање на медиумите и справување со нас, ако опозицијата беше затекната од бруталниот чин на нивно исфрлање, сега веќе има прилично долга историја на насилно однесување за да се каже ДОСТА Е!

Се разбира не мислам овде дека треба да се одговори со насилство, но неопходно е да почне процедура за избор на влада. Ако СДСМ повторно покажа дека е затекнат од насилното  узурпирање на главната фотеља во собранието наместо да претседава најстариот пратеник, натаму веќе секое отстапување пред насилството не е здраво. Затоа треба да се охрабри мнозинството да ги оствари најавите за конституирање на Влада и да се „тестира” системот. На крајот, сите оние што ќе учествуваат во насилството врз демократијата ќе одговараат за тоа. Човекот што седи во претседателската фотеља веќе си обезбеди докази за потенцијално кривично досие со своето поведение.

Историјата познава мудри владетели кои заслужиле светло место во учебниците и крволочни насилници. Цивилизицискиот напредок и демократијата го профилирале однесување на лидерите така што крвопролевањата познати низ историјата сега се недозволено однесување, па денешните Калигули не можат отворено да убиваат, но свеста и насилните пориви се истите.

Груевски нема своеволно да си замине, а неговата банда ќе му го чува грбот до крај бидејќи со тоа ги штити сопствените интереси. Тие пари и функции никогаш нема да ги имаат во едно демократско општество на еднакви можности за сите. Жално е што грбот му го чува и изманипулираниот дел од граѓанството чија моќ на расудување е оневозможена од пропагандата со која се пласираат погрешни, лажни информации или такви што го демонизираат секој кој не во „бандата” на Груевски. Значи Груевски нема мирно да си замине, но секој нов ден поминат каков жртва на неговото насилство е губење време и трауматизирање на граѓаните кои се негови жртви.

Поврзани новости