Владата ќе „вбризга“ 2,4 милиони евра во ЈП Македонија пат

Владата донесе одлука со дотација од 2,4 милиони евра да го подобри работењето на Јавното претпријатие „Македонија пат“. На денешната владина седница била разгледана информацијата за решавање на проблемите во Јавното претпријатие за државни патишта и во Јавното претпријатие Македонија.

„Владата донесе одлука Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие Македонија пат да достават измени и дополнувања на  Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2017 година и Годишната програма на ЈП за државни патишта за да се обезбедат 150 000 000,00 денари за потребите на ЈП Македонија пат, откако претходно ќе се  обезбедат позитивни мислења од Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и Државната комисија за спречување на корупцијата“, информираат од таму.

„Македонија пат“ инаку со години се јавува како најголем должник на Управата за јавни приходи. Според последните податоци ова претпријатие на државата и должи околу седум милиони евра за ДДВ и данок на добивка.

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со формирање на работни групи за подготовка на нацрт текст на нов Закон за енергетика. Во овој закон со посебни одредби ќе се регулира пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, топлинска енергија, нафта и нафтени деривати и обновливите извори на енергија.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за потребата од изготвување на Стратегија на Република Македонија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со Акционен План за нејзино спроведување.