Владата ја почна постапката за декласификација на договорите за субвенции на странските инвеститори

by fokus

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување на државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Македонија и компаниите/странски инвеститори во Република Македонија.

Со одлуката на Владата, согласно Законот за класифицирани информации и согласно препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, покрената е постапка според која Владата на РМ ќе ги направи јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори.

На денешната седница, владата донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори.

За ефикасно спроведување на оваа одлука, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании во земјата, и утврди рок од седум дена за реализирање на оваа иницијатива на владата.

Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со Планот 3-6-9.

Поврзани новости