Визијата на СДСМ за Македонија се базира на развој на домашните капацитети и европска иднина

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска го промовираше проектот „Визијата за Македонија“, кој ќе патува од град во град. На овие трибини, граѓаните ќе може да ги искажат своите мислења, ставови и идеи по однос на проектите, кои, како што рече Заев, ќе бидат имплементирани како заеднички проект.

-Да создаваме општество во кое има место за сите, граѓаните остануваат да живеат во Македонија и ги враќаме оние кои заминале. Да живееме без притисоци, уцени и закани, во безбедна, демократска, европска Македонија, членка на ЕУ и НАТО. Владата да е сервис на граѓаните. Вакво општество е можно почитувани граѓани. Тоа е општество на стабилната и спокојна средна класа, која ќе биде двигател и браник на сите економски и демокртаски процеси во државата , рече Заев.

„Визијата за Македонија“ се базира на пет столба и секој од нив детално ја опфаќа областа за која се однесува. Првиот столб обезбедува одговорна власт и контрола на власта. Вториот обезбедува праведна распределба на доходот и извлекување од сиромаштија, а третиот  развој на домашните капацитети и пристојна работа. Четвртиот столб, како што тврди Заев, ќе обезбедува европска иднина и квалитетен живот. Петтиот столб обезбедува едно општество за сите, односно да нема поделби по етничка основа.

-Затоа го отвораме процесот на усогласување со граѓаните. Сакаме да ги вкрстиме визиите. Таму каде што во мнозинство ќе се пресретнеме во иста точка, тие мерки ќе бидат дел од програмата. Ќе излезете, ќе видите. Првиот пункт е поставен, пред седиштето на СДСМ. Ќе бидат отворени и други, на други места. Секој граѓанин може да дојде и да ја остави својата идеја, или да ја сподели неговата визија за Македонија. Од денеска отвораме и широки дебати, со секој заинтересиран да учествува. Првата дебата е вечерва во Неготино. По секои две дебати низ Македонија, ќе следува централна дебата во Скопје, на истата тема, изјави Заев.