ВИСТИНАТА БОЛИ, АМА ‘’КУДЕ ЌЕ БЕГАШ’’

by fokus

пишува Агим Јонуз

Веројатно сте чуле за драмата на Стале Попов ‘’Крпен Живот’’. Еее друже мој, и живот и тракаташки шарени и крпена држава. Зимаш борч за да вратиш борчови ( долг / турцизам), ај што ти се задужуеш него ставаш и држава и генерации и се по списак у скут на јабанџии само за да се покажеш дека те бидуе куќа да водиш. ‘’ То нема ни у Београду’’! Мрш бре!

Што се криви децата да ти покриваат  лајна наредни 50 години! Ај да не покриваат да речеме, ама си им го дал ‘’газот под вересија‘’ ( да простите ) па еден ден ако не можат да вратат дугови за стиропор и барокни срања, за лажно инсталирана историја овековечена во Дизниленд сред Скопје, тогаш активирањето на Еврообврзницата што е ако не ‘’глат окупација’’ на прокоцкана татковштина. Иако во меѓувреме аберите стигаат дека целата операција е прекината, логиката на консеквенците од сите овие небулози го вришти податокот дека кој и да дојде да кормилото на владата ке мора пак ‘’да го даде газот под кирија’’ ( читај да бара заем) за да ја оправа работата.

Кое црно оправање?!? Со која индустрија? Со кој црни профитабилни фактори во државата кои гарантираат економски прогрес? Со сликање на туристите под ташаците на Букефал во центарот на Скопје? Со конкурентните производи од фабриките во сопственост на државата? Шитнавте се! Остај ти на страна ‘’економски зони’’ и дрн-дрн јариња! Таму народ работи ко црнец за леб и сол. Кајмакот го носат странците. Богатите се побогати а сиромашните нека цркнат боље него да замислат што ги чека со ова темпо. Ти си исконска фукара (сиромав / турцизам). Ти и да сакаш не знаеш да бидеш богат. За тоа треба традиција, историја.  Која историја и традиција имаш ти?  На која да се потпираш?  На старата што сме ја учеле у школо или на новоинсталираната?!? Ти уствари имаш само една историја и традиција, која вели дека цел живот си правел сирење и си предел вуна. И крај! Цела вечност живееш по принципот на народната : ‘’СЕЧИ УШИ КРПИ ДУПЕ’’ ! Секој секому дужи и прашање е само кога секој на секого ке му рипне пари да му бара назад. А државата нема друг начин да пуни буџет освен ‘’да му го доначука’’ на народот со нови измислици во вид на даноци, административни такси, ригурозни казни, а секој момент ке го користи за да те убеди дека тоа го прави за твое добро. А ти ке блееш како овца и ке бидеш соочен со два избора. Или ке се согласиш дека си мајмун и ладно ке го голташ цело срање убедувајки се дека така треба, или ке се собираш по улици и ке дуваш у свирка зашто вувузелата ке те асоцира на нешто друго, па божем да изгледаш поцивилизирано.

А мајмун си и овака и онака, ама нејќеш да си признаеш! Затоа ‘’дуни јаче манијаче’’!

Кој лаже, кој краде!? Сите и лажат и крадат. Светци? Има? Имаше или поточно речено имало едно време. Испоцркаа у еднособни социјални станови со пензија која им одеше у лекови. Оние што веруваа реално во татковината и во човекот како таков. Во светли иднини и во Света Македонија.

Зошто сите фрлаат камења само по ВМРО? Та, сигурен сум дека се превртуваат у гроб ногумина од нив затоа што сум сигурен дека се сосема поинакви од овие денес. Партизаните?… да,.. ама не и оние од црвената буржоазија што заврши како елита во лакирани кондури директно од опинци. Останаа ни ваму ни таму современиците кои како збунети деца кога ке се укакаат гледаат зелено во една точка во зидот и молчат. Не е во прашање кому, туку ВО ШТО да веруваат веќе. Во минатото? Во сегашноста? Во иднината?

Во комшијата кој вели дека е Социјалдемократ а гласа за ВМРО или обратно? Во оние по улици што бога не го вадат од уста а лажат, крадат па и убиваат? Во моралот кој доживеа абразија поголема од песочните брегови крај разбурканото море? Во чесноста која кошта 100 ЕВРА? Во полиција којане верува сама во себе одвнатре? Војска која нема чизми и со скинати маици оди на вежба? Во негацијата на овој демос и од бугари и срби и грци и све остало? Во неговата компактност? Во ‘’братство и единство’’ кое можеш на тендер да го наместиш док си реко’ кекс? Во политички партии организирани о системот ‘’Исус, па апостоли, па се останато црква и раја’’? Ви нивната искреност? Во медиумите?

Во амбиент во кој најпаметно е да бегаш одма чим чуеш ‘’ Оооо,.. кај си бе, брат ‘’!?!

‘’ ма,.. не плачеш ти, то је само киша!,.. од ње су ти мокри образи’’ ( Жељко Бебек ). Како да се чувствуваш во една земја која ја сакаш а истовремено ја презираш? Ајде, погледајте се сите во огледало и не морате јавно да го признаете тоа. А, ако веќе го признаете, знаете и сами дека треба да сте спремни да сте декларирани како непатриоти, предавници, мифки, продадени души, ‘’издајице рода свога’’!

Од кого? Од истите тие кои велат дека само мртов неистомисленик е добар партнер? Од оние кои до вчера си порачуваа меѓусебно ‘’ за Шиптари гасни комори’’ или ‘’ мртов каур е добар каур’’ а денеска се бацуваат и ако треба у кревет ќе одат сао за да си ги заштитат шупците зинати по профит? По моќ, по пари, по прекуреден упис во книгата на современата историја на овие простори? Во и за име на народот? Кој народ! Ова не е народ, ова е стадо кое блее и ке блее дур постои! Народ вика ‘’доста е’’. А, овој вика ‘’има ли још’’!..

Создадовме квазиелита, а таа квази лајонси, квазимасони, квази – ‘’висока калимера’’!

Довчерашни маргиналци станаа господа со кои не можеш да комуницираш поради нивна презафатеност додека онака ладно ти текнува дека дека до вчера гребеле цигари од тебе или се местеле да седнат покрај тебе на маса у некоја кафана или у друштво. Денес ‘’ не те ебат ни 2%’’. Довчерашни примитивци кои прв пат во животот облакаат одело и ставаат ‘’ташна и машна’’ држат говори како и што треба во современото општество, ‘’која чорапа на која нога иде’’ и како треба да се гради Македонија на 21 век! Уметниците почнаа да продаваат патлиџан на пазар, академски музичари да свираат по свадби, видни професори да одат по куќи за 500 мкд час да држат. Децата одамна си ги врзаа врфките на патиките и чекаат како Хусеин Болд,.. да бегаат.

Правиме ЗОРЛЕ избори,…

Дали сме ЗОРЛЕ држава?

Јас можеби грешам, ама МАкедонија го губи највредното…. ЧОВЕКОТ.

А јас,.. ја сум стар кретен,.. остајте ме вие мене. Си шкрабам глупости. Колумната допиште си ја сами драги пријатели, мене ‘’ не знам шта ми је’’…

Уморен сум од верување,.. уморен сум од ‘’Ооо кај си бе брат’’,.. од се!…

Поврзани новости