Заплената на оружје во Јужна Србија е измислица!

by fokus

Ниту еден државен орган во Србија нема потврда дека на југот на земјата минатата недела било запленето големо количество оружје кое требало да биде префрлено во Македонија, вели за „Фокус“ висок функционер од српската влада.

Дека станува збор за непотврдена информацијата за големата заплена на неколку илјади пушки, митралези, минофрлачи и рачни бомби, за „Фокус“ коментира и поранешен припадник на српските безбедносни структури кој дури вели дека, целиот овој случај е  измислица на луѓе во актуелната гарнитура на српското воено разузнавање.

Медиумите во Србија минатиот четврток јавија дека најверојатно оружјето било наменето за припадници на најголемите албански партии, чии функционери учествувале во вооружените судири во Македонија и на Косово.

Оружјето, според изворот од ВБА, било откриено во близината на Прешево и на Бујановац, додека двајца државјани на Србија и еден странски државјанин се обидувале преку илегални канали да ги префрлат во Македонија.

„Оружјето очигледно било наменето за употреба ако дојде до разгорување на судирите во Македонија или можеби токму за предизвикување инцидент, но пешадиското оружје можеби требало да послужи дури и за евентуално преземање на власта“, го пренесе „Блиц“ тврдењето на изворот од воено-безбедносната агенција.

Медиумите во Србија пренесоа дека и во деновите пред да се случи заплената ВБА забележала и зголемено движење на Албанци од подрачјата на Прешево и на Бујановац кон Македонија, а според агенцијата, слично е и со Албанците од Косово, и тоа главно поранешни припадници на ОВК, пишуваше српскиот весник, напоменувајќи дека за сè биле известени надлежните македонски служби.

Поврзани новости