Версаче од Арачиново го отвора најлуксузниот кафе бар на Балканот: 600.000 евра за исполнување на сонот

by Fokus

Младиот Шенки Маслани, познат во јавноста како Шенки Версаче, кој што е еден од најголемите љубители на истоимениот моден бренд, денес со почеток во 16 часот свечено ќе го отвори својот кафе бар ,,Версаче’’ лоциран во трговскиот центар Мавровка.

Кафулето кое што Шенки го подготвуваше со месеци, комплетно било спремно да ги прими своите гости, а гордиот сопственик ветува дека сите ќе бидат воодушевени од начинот на кој што е уредено.

,,Целиот инвентар го купив од Италија. Ништо не е оставено на случајноста, секој детал е внимателно испланиран и секоја ситница е во знакот на ,,Версаче’’. Ми беше потребно многу време и труд, а секако и многу финансии за да му подарам на Скопје, но и на целиот регион едно вакво уникатно место. Досега вложив над 600.000 евра, но локалот ќе го надградувам постојано, ќе ги следам сите модни трендови, и гостите секој пат ќе ги дочекува ново пријатно изненадување. Си го остварив мојот сон, денес во 16 часот свечено ќе ја пресечам црвената лента, и ќе ги отворам вратите на едно прекрасно место. Очекувам многу гости, и се надевам дека сите посетители ќе се чувствуваат пријатно, но и неообично, како да се во некој друг свет, во светот на ,,Версаче’’, кој што е моја ѕвезда водилка низ животот’’- раскажува за ,,Фокус’’ арачиновецот.

Тој поради својата силна фасцинираност со брендот, откако пишувавме за него, се најде и во сите поголеми светски медиуми на Балканот, но и во познатиот британски весник ,,Д Сан’’.

,,Заедно со терасата објектот се простира на 500 метри квадратни. Цел професионален тим работеше на уредувањето. Подот, ѕидовите, плафонот, маси, столици, се е брендирано. Но најважно е тоа што се работеше со огромна љубов и посветеност. Сигурен сум дека кафе барот ќе привлекува гости не само од земјава, туку и од страна, посебно луѓе кои што имаат истенчен моден вкус и сакаат убави нешта. Сите се добредојдени и многу се радувам на моментите што ќе им ги подарам на моите гости во ова место, кое што верувам дека го нема никаде на Балканот, а можеби и пошироко’’- изјави Шенки.

Тој е познат по тоа што и целиот дом му е во знакот на ,,Версаче’’. Од мебел, постелнина, апарати за домаќинство, автомобили, базен, козметика, завеси, садови, па се до целиот гардеробер. Неодамна ни изјави дека уредувањето на домот го чинело околу милион евра, а се започнало во 2009 година. Постојано му се јавувале новинарски екипи од целиот свет, заинтересирани за неговата приказна, но сите ги одбивал, бидејќи имал премногу работни обврски со својот бизнис со автомобили и немал многу слободно време.

Вики Клинчарова

Поврзани новости