Велигденски пораки на Груевски и Заев

by Фокус

Премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев упатија честитки до сите правиславни верници по повод празникот Велигден или Христовото воскресение.

Груевски посака велигденското празнување да донесе среќа, мир, долговечност и божји благослов.

„Секој човек поминува низ мигови на искушенија, наш предизвик е да ја пронајдеме силата во себе да се издигнеме над предизвиците на телото и умот и со божја волја да го избереме вистинскиот пат, патот на почитување, на сакањето, да си помагаме и да не си грешиме или да си предизвикуваме зло еден на друг“, стои во неговата честитка.

Заев, пак, истакна дека ова е период кога можеби повеќе од кога било сме исправени пред најголемите предизвици како граѓани и како држава.

„Да покажеме храброст и зрелост и цврсто и непоколебливо да застанеме на страната на вистината, правдата, почитта кон различностите, на страната на човековото достоинство што ја ослободуваат душата и обезбедуваат спокоен живот“, порача тој.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во велигденското послание, меѓудругото, напиша дека современиот свет е надвладеан од себељубието, отуѓеноста и оддалеченоста, што силно влијае врз сите аспекти на човековото живеење.

„Затоа е потребно да застанеме цврсто во одбрана на нашето вековно христијанско предание, оставено како аманет од нашите предци. Не смееме да дозволиме денес, во време на слобода и културен и научен напредок, други вредности да го поткопаат она што нашите постари во ропство и немаштија со векови го негувале и зачувале“, стои во посланието.

Инаку, овој празник синоќа беше обележан во сите храмови на МПЦ-ОА, а денеска се одржуваат воскресенски литургиии.

Поврзани новости